Мандатите завршија – колекторот за отпадни води за Глумово, Шишево и Грчец недовршен

Тогашниот министер Изаири и градоначалникот Мурати, прават увид во изградбата на пречистителната станица во Сарај Фото: moepp.gov.mk

Проект:

Станица за филтрирање на отпадните води во Сарај 

(Ветување од програмата на ДУИ на изборите во 2011 година)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

За предвремените парламентарни избори во 2011 година Демократската унија за интеграција (ДУИ) во својата Изборна програма , во делот на проектите за рамноправен регионален развој (стр.57), вети изградба на пречистителна станица за отпадни води  во Сарај,  што ќе ги опфаќа селата Глумово и Шишево. Проверката на „Вистиномер“ покажа дека пречистителната станица е изградена, но таа сè уште не е пуштена во употреба, така што според Методологијата на „Вистиномер“, ова изборно ветување е делумно исполнето.

Според информациите кои можат да се најдат на интернет, на 13 февруари 2011 е поставен камен-темелникот на пречистителната станица за отпадни води за Глумово и Шишево. Стартот на изградбата на објектот го означија тогашниот министер за животна средина и просторно планирање Неџати Јакупи и тогашниот градоначалник на Општина Сарај, Блерим Беџети. Овој проект, како што беше објаснето во медиумите, е дел од поголем зафат за пречистување на водите на притоките на Вардар, Треска и Лепенец со цел да се намали загадувањето на македонските реки и е финансиран од Министерството за животна средина и просторно планирање. Дополнително, се очекуваше дека овој зафат ќе придонесе за долгонајавуваната ревитализација на рекреативното езеро Треска.

Стартуваше изградбата на пречистителна станица за комуналните отпадни води од селата Глумово, Шишево и околината. Станицата ќе има капацитет за преработка на 1.445 метри кубни отпадна вода дневно и ќе може да опслужува околу 10 илјади жители.

Според изјавата на Јакупи што ја пренесе  Утрински весник, финансиските средства за реализација на проектот во висина од 610.000 евра се одвоени од буџетот на Министерството за животна средина. Како што пишува Утрински,  во оваа прилика Јакупи уште додал:

дека во наредниот период ќе се изгради и пречистителни станици за населените места Матка и Лаки, со што трајно ќе се реши проблемот со отпадните води во овој регион. (Јакупи)

На 28.12.2015 година медиумите пренесоа соопштение од Министерството за животна средина и просторно планирање  дека е привршува изградбата пречистителната станица за отпадни води во Глумово. Увид на лице место направил тогашниот министер за животна средина и просторно планирање, Нурхан Изаири, заедно со градоначалникот на Општина Сарај, Беким Мурати.

Физичките работи на објектите се целосно реализирани, а во тек се подготвителни работи за приклучок на водоводна и електро-дистрибутивна мрежа од страна на ЈП Водовод Скопје и ЕВН Македонија. По испитувањето и добивањето на протоколи од акредитирани институции објектот во скоро време се очекува да биде спремен за технички преглед и пробна работа, се наведува во соопштението.

 

РЕАЛИЗАЦИЈАТА НА ПРОЕКТОТ СЕ РАЗВЛЕКУВА

Сепак, наспроти ваквите најави, реализацијата на проектот се развлече.

На 19.02.2016 година дел од медиумите објавија дека тогашниот  министер за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири и градоначалникот на општина Сарај Беким Мурати,  го означија започнувањето на градежните работи за дел од секундарната канализациона мрежа во н.м. Сарај, во Општана Сарај.

Изведбените работи се дел од проектот „Изградба на фекални канализациони системи за населените места Грчец, Шишево и Сарај во општина Сарај“. Средствата во висина од 3 милиони денари се обезбедени од Инвестициската програма на Министерството за 2015 година, а останатите се сопствено учество на општината, се вели во написите на Скопјеинфо и Плусинфо.

Во медиумите нема понови информации кои говорат за тоа дека пречистителната станица е пуштена во употреба.

Во врска со овој проект  „Вистиномер“ се обрати во Општина Сарај, од каде ни испратија допис во кој информираат дека градежните работи на проектот се речиси комплетно завршени, освен преминот на канализациската мрежа преку реката Треска, но, Владата на РМ како финансиер на проектот му останала должна на изведувачот, фирмата Беком ДООЕЛ од Шишево, за што Општина Сарај, како потписник на договорот во 2015 повела судски спор против Министерството за транспорт и врски, кој сè уште трае. Од дописот може да се заклучи дека централната власт не исплаќала доволно средства на Општината за таа да ги подмири своите обврски кон изведувачот, па поради тоа е запрено довршувањето на градежните работи. Според тоа, иако речиси комплетно готова, пречистителната станица, а со тоа и целиот систем за пречистување на отпадните води кои се влеваат во реката Треска од селата Глумово, Шишево и Грчец сè уште не е ставен во функција.

Ситуацијата да биде уште покомплицирана, во јавноста излегова информации кои говорат за тоа дека, наводно, постојат сериозни индиции дека во самата реализација на проектот имало злоупотреби од страна на раководството на Општина Сарај. Неодамна (04.06.2017) порталот Порталб излезе со напис во кој, меѓу другото, се вели:

Според документи добиени од вработени во Општина Сарај, постои сомневање дека Беџети, како градоначалник (Блерим Беџети, екс-министер за правда на РМ и поранешен градоначалник на Сарај, од ДУИ, н.з.), на незаконски начин му доделил тендер во износ од 810 илјади евра на својот шеф на кабинет, Бекир Мухамеди од Шишево, односно на компанијата БЕКОМ од Шишево, која е сопственост на Саид Мухамед. Овој тендер се води под името „регулација на коритото на Вардар и регулација на коритото на реката Треска како и конструкција на колектори за пречистување на отпадните води за селата Глумово, Шишево и Грчец“.

По објавувањето на написот Беџети реагираше и ги негираше обвиненијата за каква било злоупотреба, исто како и Општината, од каде што се тврди дека се испочитувани сите законски услови за спроведувањето на тендерот. Сепак, проектот останаа да го следат контроверзи.

Фото: Принтскрин на допис од Општина Сарај
Фото: Принтскрин на допис од Општина Сарај

 

И ГРАД СКОПЈЕ И ДРЖАВАТА ВЕТИЈА ИЗГРАДБА НА КОЛЕКТОРОТ

Најавите на политичарите за изградба на систем за пречистување на отпадните води на Треска и другите притоки на реката Вардар датираат уште од пред повеќе од осум години. Овој проект беше дел од изборните ветувања на градоначалникот на Скопје од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Коце Трајановски уште за првиот мандат,од 2009 до 2013, во делот за изградба на водоводни и канализациски системи, образложен како „изградба на фекална канализација со пречистителна станица во населеното место Грчец“ како рок за реализација на проектот е наведен декември 2009. За жал, Изборната програма со која Коце Трајановски настапи како скопски градоначалник во својот прв мандат не е повеќе достапна онлајн. Во анализата на изборната програма на Трајановски за периодот 2009-2013 што ја изработи Вистиномер овој проект е наведен како нереализирано ветување.

Со оглед дека не беше реализиран во зададениот рок, неговата реализација беше префрлена во наредните планови на Владата и на партијата ВМРО ДПМНЕ. Па така, во Изборната програма на ВМРО ДПМНЕ за период од 2011 до 2015 наречена Манифест за реформи и развој, во делот „Комунална инфраструктура“, на страна 97, под реден број 3 е наведен следниот проект: „Изградба на каскадни прегради на реката Вардар и решавање на проблемот на фекалните води на дел од град Скопје“, во кој, меѓу другото се предвидува преку изградба на колектори и канализациски системи во општините Ѓорче Петров и Сарај, отпадните води да се одведат на третирање во пречистителните станици кои се градат во рамки  на проектот, од каде ќе бидат испуштени во реката Вардар.

Така што, имајќи ги предвид сите расположливи информации ветувањето за изградба на пречистителна станица за отпадни води  во Сарај,  што ќе ги опфаќа селата Глумово, Шишево и Грчец,  го сметаме за  делумно исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Југослава Дуковска