Марјанчо Николов: Владата нема ниеден проект за енергетика, гасификација и патна инфраструктура

За овие шест години оваа Влада не може да се пофали со еден енергетски проекти, ниту со гасификација, ниту со изградба на патишта. [Датум: 02.05.2012 | Извор: Сител]

Образложение:

Со оглед на тоа дека задача на Вистиномер е да го следи и оценува исполнувањето на ветувањето од предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, во можност сме детално да ја анализираме работата на Владата на Република Македонија во овие три области. На полето на енергетиката, од 2011 па наваму, може да се издвојат неколку проекти кои се завршени или нивното извршување е во тек. Тука би ги наброиле: изградбата на хидроелектраната Света Петка (Матка 2), која е во завршна фаза; проектот за ревитализација на шесте големи хидроелектрани: ХЕ Шпиље, ХЕ Глобочица, ХЕ Тиквеш, ХЕ Вруток, ХЕ Врбен и ХЕ Равен; проектот „Вардарска Долина“ за изградба на 12 хидроелектрични централи на потегот Скопје-Гевгелија, кој е во почетна фаза; изградбата на ветерната фарма во Богданци, која е во тек.

На полето на гасификацијата, Владата не може да се пофали со ниеден конкретен проект, со оглед на тоа дека засега сите активности во оваа област се се уште само во фаза на планирање, без конкретна изведба.

На полето на патната инфраструктура, во последниов период, од 2011 па наваму, може да се забележат примери за изградба или реконструкција на патишта. Некои од нив се: реконструкција на патот Ресен – Маркова Нога, 37,5 км; регионалниот пат Македонски Брод – Прилеп; реконструкција на регионалниот пат Илинден – Калуѓерац, 19 км; автопатот Куманово – Табановце, 7,5 км, како дел од Коридор 10; изградба на дел од регионалниот пат Македонски Брод – Скопје, 8,4 км; и неколку локални патишта.

Ако се земе сево ова во предвид, може да се констатира дека изјавата на пратеникот Николов, дека Владата не може да се пофали ни со еден енергетски проекти, ниту со гасификација, ниту со изградба на патишта, е делумно вистинита, односно вистинита  во делот околу гасификацијата, а невистинита во врска со енергетскиот сектор и патната инфраструктура.

Линкови:

One thought on “Марјанчо Николов: Владата нема ниеден проект за енергетика, гасификација и патна инфраструктура

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *