Медиумите и штрајкот во образованието

Седницата на СОНК во присуство на владини министри на која падна одлуката за прекин на штрајкот. Фото: СОНК, 2015
Седницата на Синдикатот во присуство на владини министри на која падна одлуката за прекин на штрајкот. Фото: СОНК, 2015

 

Чудно е како она што едните медиуми го презентираат како успех и прифатливо решение, за другите е неприфатливо и изигрување на големите очекувања кои просветните работници ги имале од преговорите со Владата.

 

Пишува: Светлана Вељановскадоцент-доктор по меѓународно право

 

СЛИКА БРОЈ 1:

Штрајкот во  дел од основните и од средните училишта подолго време ги полнеше печатените и електронските медиуми во земјава. При тоа, обичниот граѓанин од аспект на консумент на медиумскиот производ, не можеше, а да не го забележи очигледното разногласие во пренесувањето на информациите кај провладините и кај опозициските медиуми. Првите, не можејќи да апстрахираат дека штрајк, сепак, некаде има, најголем дел од својот медиумски простор го одделуваа за училиштата што го прекинале или воопшто не го почнале штрајкот и причините за тоа:

Вторите, пак, известуваа за бројката на училишта во кои се штрајкува и за фактот дека учениците постојано се враќаат дома и родителите мака мачат да најдат кој да ги згрижи додека тие требало да бидат во училишните клупи:

Оние граѓани кои од кои било причини немаат време, но, сепак, сакаат да бидат објективно информирани само со следење на еден медиум (радиодифузниот сервис за кој плаќаат радиодифузна такса, весникот кој по традиција го купуваат на трафика и сл.) во никој случај нема да имаат таква можност во медиумски поделениот простор во Република Македонија. Најмалку што треба е да проследат барем по еден провладин и еден опозициски медиум, па да можат „отприлика“ да си создадат сопствена слика за состојбите во земјава, а и таа нема да е којзнае колку блиска до вистинската состојба бидејќи зависи и од нивната перцепција на состојбите во образованието, односно дали имаат дете на училишна возраст и какво е нивното лично искуство со штрајкот во училиштето каде тоа следи настава.

 

СЛИКА БРОЈ 2:

Ако во случајот на информирањето за штрајкот во училиштата имаше (полу)вистина дека некаде се штрајкува а некаде не, односно медиумите кои информираа и за едната и за другата состојба беа во право (се разбира, соопштувајќи ја само едната страна од состојбите), нејасно е како од едно обично соопштение во неколку реченици, со кое СОНК соопшти дека престануваат со штрајк, повторно имаме две медиумски вистини?

Соопштението дистрибуирано од СОНК гласи:

„Синдикатот за образование, наука и култура го прекина штрајкот, најавените протести нема да се одржат. Одлуката следува по постигнатиот договор меѓу синдикатот и Министерството за образование. И двете страни потврдија дека од денеска ќе има редовна настава во сите основни и средни училишта.

По подолга расправа, Советот на СОНК оцени дека постигнатиот договор, по барањата кои беа причина за генералниот штрајк, претставува прифатлив компромис и врз основа на тоа донесовме одлука, штрајкот да биде прекинат во сите основни и средни училишта, како и во градинките.“

Како го пренесоа тоа медиумите?

Во текстот под наслов „Членовите на СОНК се чувствуваат изиграни, „Радио Слободна Европа“ го пренесува ставот дека:

„Дел од наставниците што штрајкуваа велат дека одлуката за прекин на штрајкот е избрзана и оти раководството на СОНК е изиграно, но синдикалниот лидер Јаким Неделков вели дека го добиле тоа што го барале.“

Истиот медиум во друг текст објавува дека :

„Целосната поддршка за СОНК сега се претвори до целосна осуда, велат од Мултиетничкиот синдикат на образование, зашто според нив штрајкот е прекинат без исполнување на ниедно барање.“ 

Слични информации имаше и на порталите „А1 он“, „Скај“, „Ирис“, “Нова ТВ“…

Наспроти ова, „Сител“ во прилогот под наслов „Постигнат договор меѓу СОНК и Владата“ објавува дека:

„Штрајкот  е прекинат, настава се држи во сите училишта. Падна договор меѓу СОНК и владата. На синоќешната средба  потпишана е спогодба, договорени се 7 точки.“

Информации дека е добро што штрајкот конечно престанал во интерес и на учениците и на наставниците објавија: „ Тера“, „МКД.мк“, „Алфа“ и други медиуми.

Чудно е како она што едните медиуми го презентираат како успех и прифатливо решение, за другите е неприфатливо и изигрување на големите очекувања кои просветарите ги имале од преговорите со Владата.

Исто така, загрижува фактот што незадоволните од прекинот на штрајкот немаа простор да го искажат тоа во сите медиуми, па дури и ако е презентирано на прес-конференции, тие како воопшто да не се постојат (во едните медиуми), а истото може да се каже и за оние кои ја дадоа својата поддршка за прекинувањето на штрајкот (во другите медиуми).

Новинарите како да заборавија на неколку ставови од нивниот Кодекс  каде, меѓу другото, може да се прочита дека нивна основна задача е да ја почитуваат вистината, да ја информираат јавноста, да настојуваат да ја спречат цензурата и искривувањето на вестите. Исто така, нивно право и обврска е да го почитуваат плурализмот на идеите и на ставовите, но и да направат професионална дистанца од политичките субјекти.

Ова особено се однесува на дневно-информативните содржини. Во секој медиум дозволени се другите новинарски рубрики каде можат да се изнесуваат лични ставови и тука сигурно редакциите имаат право да ја промовираат својата определба, но барем за обичниот читател, кој во медиумот бара само средство за информирање, потребно е дневниците во телевизиите, страниците на дневните весници и порталите наменети за вести да бидат ослободени од субјективностите и тоа кога станува збор за најразлични настани, а не само за состојбите во образованието.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *