Милионските субвенции за тутунот можеби се според закон, но не се според политичката етика

фото: МЕТА

 

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) излезе со став дека исплатата на субвенциите за тутунот е законски во ред, бидејќи била според Програмата за директни плаќања – став што го сметаме за недоследен:

Исплатата на субвецнииите за тутунот е според календар за исплата на Програмата за директни плаќања и е во истиот период како и минатата година, лани на 17 ти, а оваа година на 16 ти април, а со единствена цел земјоделците субвенциите да ги добиваат тогаш кога им се најпотребни, пред почетокот на производствената сезона.

[Извор: СДСМ/веб страна – Соопштение – датум: 18.04.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

По последната седница на Државната комисија за спречување на корупција и судир на интереси (ДКСК), околу исплатата на субвенции и обештетувања во изборен период за грозјето и за тутунот се крена голема врева во јавноста, а СДСМ вчера излезе со соопштение/изјава дека се е во ред, што го сметаме за недоследно.

Станува збор за две исплати во текот на кампањата. Првата беше за сè уште неисплатен откуп на грозје стар повеќе од две години, во висина од над еден милион евра, извршена на 4-ти април, а вториот случај, кој е поинтригантен поради сумите и бројот на субјекти, е исплатата на субвенциите за тутунот од минатогодишната реколта, која започна на 16-ти, а завршува денеска на 18-ти април.

ДКСК смета дека по двата случаја треба да постапува и да ги провери. За првиот по приговор на опозицијата, а за вториот самоиницијативно, затоа што во рок од два дена се исплаќаат околу 28 милиони евра на околу 24 илјади лица/семејства и тоа на само три дена пред изборите за претседател.

За првиот случај реагираше надлежната Агенеција при Министерството за земјоделство преку која одат исплатите, појаснувајќи дека сè било според законските прописи, а за вториот случај реагираше вчера СДСМ, укажувајќи на годишната програма за исплата, како и на минатогошното совпаѓање со датумите на исплата, што пак не е точно, затоа што според медиумските објави лани исплатата започнала на 17-ти мај а не на 17 април! Но, настрана од ова „мало несовпаѓање“, зошто ставот на СДСМ го сметаме за недоследен?

 

УСТАВЕН УКИНАЛ, НО ОСТАНАЛА ЗАБРАНАТА ЗА ТРАНСФЕРИТЕ

По проверката на фактите, навистина, нема некоја голема причини да не веруваме дека се е според законите. Имено, првата пречка од Изборниот законик (ИЗ) – од членот 8-а, кој беше напишан во 2014 година и кој регулира што не смеее да се прави со државни пари и ресурси во изборен период, меѓу што и дека „не смее да се исплаќаат субвенции кои не се редовни месечни исплати“ – е надмината со укинувачка одлука на Уставниот суд од 2017 година, кој го избришал ставот 2, алинеа 1 од споменатиот член, т.е. болдираното во текстов.

Иако во членот 8-а останува алинејата 2 од ставот 1, во која се вели дека во изборен период не смее:

да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати, односно сите едногодишни трансфери и исплати или еднократни трансфери од буџетски средства…

…се чини дека укинувачката одлука за зборот субвенции има поголема тежина, без оглед на тоа што пак, парите од Трезорот се префрлени во графата „трансфери“ (види ја табелата на Мин.за финансии за датум 16.04.2019).

Според тоа, иако правнички можеби би можело да се расправа дали останатите одредби со забрани од членот 8-а во Изборниот законик што се сè уште важечки ја ограничуваат исплатата во случајот со тутунот, се чини дека, сепак, има доволно аргументи со кои СДСМ и Владата можат да тврдат дека не е така и дека законски сe е чисто. Но, поентата и суштината на проблемот не е во тоа.

 

ЕДНО Е ПРАВНО, ДРУГО Е ДОБРО ВЛАДЕЕЊЕ

Дилемата е оправдана. Прво станува збор за практика што ја користеле сите политички гарнитури на власт во земјата во изминатите барем 20 години, поради што и бил донесен членот 8-а во 2014 година, со цел таа практика на своевидно купување симпатии кај гласачите непосредно пред избори да заврши.

Се обидовме да ја расчистиме прво правната дилема и да ги дознаеме причините зошто ДКСК по сопствена иницијатива го отвора предеметот. Во разгoвор со членот на ДКСК со големо искуство во проблематиката, Владимир Георгиев, беа начнати сите  дилеми со одлуката на Уставен, со забраните останати во ИЗ, со Програмата за исплата на директни плаќања и слично, го добивме следниот едноставен одговор:

ДКСК нема некоја претходна анализа, став или прејудуцурање околу целиот проблем. Ние едноставно сметавме дека исплата на субвенции во милионски износи непосредно пред избори, е работа што заслужува да ја испитаме – изјави Георгиев.

На потпрашањата околу легалноста и дека се чини оти тука нема погoлем проблем, Георгиев кратко одговри:

Едно е владеење според правото, а сосема друго е добро владеење.

Со други зборови, одлуката можеби е според правните норми, но не е политички коректна, не е политички етична и секако може да се оцени како недоследна, затоа што не еднаш СДСМ за истава работа реагирал во минатите седум-осум години, кога беше во опозиција, а институциите на ВМРО-ДПМНЕ ги исплаќаа субвенциите, извршуваа трансфери, отвораа патишта, реконструирани училишта, тениски игралишта… токму во предизборен и изборен период. Во име на политичката етика и коректност, Владата, Министерството за земјоделство, Агенцијата… сите тие можеле малку да го поместат календарот на исплатата, за да нема сомнежи за намерите.

 

ИЗВОРИ/дел:

 

Оцени: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција