Милошоски го спинува говорот на Макрон

Антонио Милошоски. Фото: МЕТА

Суштината на обраќањето на францускиот претседател беше дека тој е за т.н. „Преспански договор“ меѓу Скопје и Атина, затоа што со него се овозможува „заемната соработка“ со Европа, затоа што тој „има централно место во плановите за иднината на земјата“, а тие се знае кои се. Пратеникот Милошоски, меѓутоа, го чита само она што му одговора на неговата теза и со тоа праќа извртена вистина, односно спин околу говорот на Макрон

 

 

Суштината на обраќањето на францускиот претседател беше дека тој е за т.н. „Преспански договор“ меѓу Скопје и Атина, затоа што со него се овозможува „заемната соработка“ со Европа, затоа што тој „има централно место во плановите за иднината на земјата“, а тие се знае кои се. Пратеникот Милошоски, меѓутоа, го чита само она што му одговора на неговата теза и со тоа праќа извртена вистина, односно спин околу говорот на Макрон

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Антонио Милошоски на својот Фејсбук профил изрази став околу пораката на францускиот претседател Емануел Макрон во кој има извртена вистина, т.е. спин:

Спин:Му благодарам на искрениот француски претседател Макрон, што во видео порака се обрати за референдумот. Тој имаше доблест да го каже она што го лажат Заев и Димитров.

[Извор: Република, датум: 22.09.2018 г.]

 

Контраспин: Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, кој меѓу првите од оваа пратеничка група се изјасни дека ќе го бојкотира референдумот на 30-ти септември, обидувајќи се да извлече аргументи за својот став и да им наштети на политичките противници со поинаков став, изнесе оценка за видео обраќањето на францускиот претседател Емануел Макрон до граѓаните на Македонија, во која изнесе повеќе извртени вистини т.е. спинови.

Суштината на спиновите се врти околу една теза која ја пласира Милошоски – дека Макрон точно рекол за што е референдумот на 30-ти септември, додека премиерот Зоран Заев и шефот на дипломатијата Никола Димитров лажеле околу тоа.

Внимателното преслушување и прегледување на видео обраќањето на претседателот Макрон покажаа дека нема такво нешто. Имено, точно е дека Макрон го споменува Договорот со Грција како главно прашање и содржина на референдумот, точно е дека споменува оти референдумот ќе значи промена на името, точно е дека споменува и дека референдумот ќе значи виза за промена на Уставот на РМ…

Но, целиот контекст во кој тоа го споменува претседателот Макрон e подобрата иднина што ја очекува земјата, доколку граѓаните го визираат позитивно референдумското прашање. Се разбира, таа подобра иднина зависи од евро-атлантските интеграции, кои се отвораат пред Македонија доколку договорот биде потврден и на референдумот.

Тоа се гледа и од следните пораки што ги упати Макрон:

Таа т.н. „Спогодба од Преспа“ од 17 јуни 2018 година, овозможува напредок и подготовка на иднината. Референдумското прашање на 30 септември оваа година се однесува токму на таа спогодба. 

Запознаен сум со сите полемики кои се водат и кои се дел од демократската дебата во земјата. Но, јас одовде, бидејќи верувам во нашиот континент, во силата на Европа, во моќта на колективната мудрост и во заемната соработка, би сакал да се обврзам и да Ви кажам во што верувам. 

„Силата на Европа, моќта на колективната мудрост и замената соработка“.., се токму евро-атлантските интеграции за Македонија на кои упатува францускиот претседател. Макрон, кој го употребува и зборот „обврзам“, го кажа и следното:

До пред неколку месеци никој не се надеваше на овој договор. Но, на овој договор се чека веќе 27 години. Овој договор се постигна поради храброста на Вашите и на грчките лидери. Затоа јас го поддржувам. Потполно! Силно!

Сметам дека истиот има централно место во плановите за иднината на земјата. Тој е и суштината на амбициите за Вашата младина и на тоа што може да го направиме заедно во годините што следат.

Што значат зборовите „централно место во плановите за иднината на земјата“, ако не европските и НАТО интеграциите!?

Според тоа, слободно може да се констатира дека тврдењето на Милошоски изнесено на неговиот ФБ профил, дека Заев и Димитров лажат, а тоа го покажал Макрон во неговото обраќање кон македонските граѓани, е јасно извртување на вистината, т.е. спинување на обраќањето на говорот на Макрон.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција