Министерот Филипче влегува во договор со Митрев без јавна дебата

Министерот Венко Филипче (во средина). Фото: Веб страна на Влада на РМ

Како е можно во рок од 5 дена, кога министерот рече „развивме физибилити студија“, додавајќи „ќе пробаме во смисла на анализа на моделот“, но, исто така и истакнувајќи дека тој модел не е дефиниран („сѐ уште не сме го дефинирале“), најавувајќи јавна дебата („ќе започнеме јавна дебата“, „ги отвораме процесите на јавна дебата“) со цел да ја вклучи целата експертска јавност, одеднаш, 5 дена подоцна (во кои има и еден викенд), сѐ е готово и одлуката е донесена. Точно е дека пред 40-ина дена министеорт Филипче најави дека ваква можност се разгледува, но тогаш не беа на повидок ни физибилити студијата, ни анализата на моделот, ни јавната дебата. Сите тие беа спомнати пред 5 дена со најава дека треба да се случат во иднина, за од вчера одлуката веќе да биде донесена. Како е тоа можно? Кога толку брзо се разви физибилити студијата, се направи анализата на моделот и се спроведе јавната дебата? И каде се резултатите од овие три активности?

 

Министерот за здравство д-р Венко Филипче, на 29.11.2018 година, во врска со јавно-приватното партнерство за детската кардиохирургија, на ТВ дебата го изјави следното:

Филипче: Станува збор за процес со кој ние ги развивавме физибилити студиите со цел да ја провериме исплатливоста на тој нов систем. Сакаме да видиме дали истата сума на пари која што е инвестирана во некоја од дејностите во здравството – некоја специјалност како што е тоа детската кардиохирургија или некој сервис како што е брзата помош…може да се подобри ако средствата се искористат на еден поинаков начин, поефикасно и поефективно. Тоа се модели што сме ги виделе во некои европски развиени земји и сакаме да видиме дали можеме да ги имплементираме кај нас…Сакам да кажам, ќе пробаме во смисла на анализа на моделот. И затоа го најавуваме. Сѐ уште не сме го дефинирале…

Васиќ: Колку време би траеле овие студии и за детската кардиохирургија и за брзата помош?

Филипче: Не можеме да процениме. Но, што е поентата: Во моментот кога ќе бидат готови, ќе започнеме јавна дебата. Сакаме да се вклучат сите екперти. Во здравството има правници, има економисти, има здравствено осигурување, има експерти во струката, има експерти со огромно искуство во сегашниот систем… Значи, немаме крајни рокови. Апсолутно, но ги отвораме процесите на јавна дебата.

[Извор: Топ тема на ваша страна – др. Венко Филипче, датум: 29.11.2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Министерот за здравство најпрво пред околу 40-тина дена најави можност за јавно-приватно партнерство околу детската кардиохирургија што дел од оперативните зафати се вршат во Скопје, во УКЦ „Мајка Тереза“, а дел во странство. Десетина дена потоа најави можност и за јавно-приватно партнерство и за службата за Итна медицинска помош, а пред околу седум-осум дена ги повтори овие можности и размислувања.

Д-р Венко Филипче вчера (04.12.2018), во Владата на РМ ѝ соопшти на јавноста дека е донесена одлуката за јавно-приватно партнерство за детската кардиохирургија со приватната „Болница Жан Митрев“ од Скопје.

Што е спорно? Деталите помалку или повеќе се исти. И при првото споменување на 26.10.2018 г. и при второто, на 28.11.2018 година, изјавите на Филипче беа различни само околу моделот – дали целиот тим лекари и медицински сестри ќе се преселат во „Болнцата Жан Митрев“ или не. Исто така, во трите настапи на оваа тема, вклучувајќи го и четвртиот, вчера во Владата, Филипче беше константен во повторувањата дека средствата што се одвојуваат од Фондот за здравствено осигурување ќе останат апсолутно исти.

Она во што министерот е недоследен, е во тоа што не е јасно на кој начин се правела анализата. Дали преку обични состаноци и разменувања на мислења и бројки со вклучените – лекари, сестри, ФЗО-Министерство за здравство – „Жан Митрев“ или, пак, преку физибилити студија.

Во последниот телевизиски настап во ТВ дебата на Телма телевизија на 29.11.2018 година, Филипче недвосмислено зборуваше за физибилити студија. Тој посочи дека станува збор за анализа на хартија, а кога ќе ги имаат сите детали, даде уште една јавна изјава – дека идејата им е да отворат широка јавна дебата.

Наместо тоа, вчера, јавноста само беше известена дека „донесовме одлука договорот на болницата „Жан Митрев“, којшто со години е за извршување кардиохируршки интервенции на возрасни, но и на деца, од следната година да се прошири и да ги додадеме и дечињата, коишто се со најтешките срцеви болести и кои досега се лекуваа на Клиниката за детска хирургија“. По што следеа експликациите зошто тоа се прави (види тука).

Меѓу другото, беше соопштено дека „Фондот во просек обезбедува околу милион евра на годишно ниво за здравствени услуги за детската кардиохирургија на домашната клиника, а во просек се испраќаат годишно околу 20 дечиња во странство за кардио-васкуларни интервенции. Во зависност од состојбата, во просек една здравствена интервенција чини просечно 15 до 20 илјади евра, и тоа се дополнително 300 до 400 илјади евра кои Фондот ги обезбедува за лекување на најмалите пациенти во последните неколку години“.

Бидејќи станува збор за значителни средства и бидејќи многу детали остануваат непознати на јавноста, меѓу другото и колку навистина чинат операциите во странство, при што најчесто се ипсраќаа децата во Софија, „Вистиномер“ може да оцени две работи:

  • Не е познато и не е објавена јавно физибилити студијата или друга студија или анализа за целото ова јавно-приватно партнерство околу детската кардио-хирургија. Тоа не е можеби законска обврска, но е јавен документ, а на веб страната на МЗ прво што ќе прочитате е зборот „транспарентност“;
  • Не е обезбедена никакава а не пак широка јавна расправа за целото ова прашање и врз основа на наодите од анализата, студијата, што и да е или врз други елементи и сознанија.

Како е можно во рок од 5 дена, кога министерот рече „развивме физибилити студија“, додавајќи „ќе пробаме во смисла на анализа на моделот“, но, исто така и истакнувајќи дека тој модел не е дефиниран („сѐ уште не сме го дефинирале“), најавувајќи јавна дебата („ќе започнеме јавна дебата“, „ги отвораме процесите на јавна дебата“) со цел да ја вклучи целата експертска јавност, одеднаш, 5 дена подоцна (во кои има и еден викенд), сѐ е готово и одлуката е донесена. Точно е дека пред 40-ина дена министеорт Филипче најави дека ваква можност се разгледува, но тогаш не беа на повидок ни физибилити студијата, ни анализата на моделот, ни јавната дебата. Сите тие беа спомнати пред 5 дена со најава дека треба да се случат во иднина, за од вчера одлуката веќе да биде донесена. Како е тоа можно? Кога толку брзо се разви физибилити студијата, се направи анализата на моделот и се спроведе јавната дебата? И каде се резултатите од овие три активности?

Поради горенаведените факти, оценуваме дека дел од исказите на Филипче во ТВ  дебатата што ги цитираме на почеткот на овој текст – се невистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.