Министерот поголем експерт од релевантните институции за испитување на квалитетот на водата

Министерот ја оспори компетентноста на надлежните институции. Фото: Министерство за здравство

 

Министерот за здравство Никола Тодоров во однос на препораките од Државниот санитарен инспекторат дека водата во Дојранско Езеро е од трет степен и е небезбедна за капење, посочи дека мерењата се направени според правила кои се одамна напуштени во Европската унија и изрази очекување дека тоа ќе биде констатирано и од надлежниот инспекторат и забраната ќе биде повлечена.

Детално го испитав случајот со моите соработници во Министерството. Прво, лабораториските анализи и резултатите кои се направени се точни, но ставени се во погрешен контекст. Ставени се во контекст на правила кои се одамна напуштени во Европска унија, односно направени се мерења кои се споредени со параметри кои повеќе не се применуваат. 

[Извор: Курир, Датум: 12.07.2016, 13:41]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Изјавата на Тодоров дека резултатите кои се направени се точни, но ставени во погрешен контекст, односно во контекст на правила кои се одамна напуштени во Европска унија, односно направени се мерења кои се споредени со параметри кои повеќе не се применуваат во ЕУ, ја оценуваме како недоследна.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДЗСИ) донесе одлука да забрани капење на четири плажи на Дојранско Езеро. Вакво решение е донесено откако последните анализи направени во Институтот за јавно здравје – Велес покажале дека водата во езерото на четири мерни места е загадена. Бактериолошката и хемиската неисправност биле од 3. степен.

Тоа се мерните месра Градска плажа, Крвен Крст, Златен брег и Калдрма. Информнирани се и градоначалникот и комуналното претпријатие кое стопанисува со езерото да постават табли за забрана за капење, изјави за zdravstvo24.mk д-р Вера Менковска – инспектор во ДСЗИ.

Од ДСЗИ велат дека доколку надлежните преземат соодветни мерки за подобрување на квалитетот на водата во езерото, забраната ќе биде тргната веднаш.

Ако анализите покажат подобри резултати забраната ќе биде тргната, додава д-р Менковска.

Институтот за јавно здравје е врвна стручна институција, со закон надлежна за мониторинг и експертска проценка на состојбата на загаденост на водите за капење, институција која ја креира националната политика во областа на превентивната медицина и јавното здравје. Тој е наставна база на Медицински факултет Скопје, а наставниците од ИЈЗ учествуваат во наставата и на други факултети во УКИМ и другите универзитети во Република Македонија и во странство.

Дејноста на ИЈЗ дефинирана во Законот за здравствена заштита и другите законски акти се извршува преку собирање, обработка и анализа на податоци, организација и планирање на здравствената заштита, проучување и следење на хигиенските и други услови за заштита на воздухот, прехранбените продукти, предметите за општа употреба, водата за пиење, отпадните води и цврстите отпадни материи…

На веб-сајтот на Институт стои:

Нашите лаборатории се акредитирани за испитување на безбедност на храна и вода за пиење согласно со ISO 17025 (сертификат за акредитација бр. ЛТ – 005 од 2006 година и реакредитација од 2009 година).

ISO 17025, пак, е сертификат кој ги утврдува општите барања за компетентност за вршење на тестирање и/или калибрација, вклучувајќи земање мостри. Таа опфаќа тестирање со користење на стандардни методи, нестандардни методи и методи развиени во лабораторија.

Тие се однесуваат на сите организации кои вршат тестирања без оглед на бројот на персоналот или степенот на опсегот на тестирање.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат, пак, е орган во состав на Министерството за здравство и врши инспекциски надзор над спроведувањето на прописите од областа на здравството и тоа од областа на здравствената заштита, заштитата на населението од заразните болести, здравственото осигурување, заштитата на правата на пациентите и правата од областа на менталното здравје, евиденциите од областа на здравството како и останатите прописи дадени во табелата во прилог. Надлежноста, организациската поставеност на Инспекторатот, овластувањата и одговорностите, начинот и постапката за вршење на инспекцискиот надзор, се регулирани со Законот за санитарната и здравствената инспекција.

Според директорот на Инспекторатот  Џевџес Шаќири, тие постапиле спoред важечкиот правилник.

На прашањето на „Вистиномер“ за изјавата на Тодоров со која ги негира надлежностите на инспекторатот Шаќири вели:

Немам коментар за неговата изјава, за тоа ќе си ги прашате луѓето во Министерството – ни изјави Шаќири.

Анализата покажува дека Институтот за јавно здравје има сертификати за работа и е релевантна институција која има законска надлежност да ја испитува водата во Дојранското езеро.

Од сето ова може да се заклучи дека изјавата на Тодоров во која вели дека резултатите кои се направени се точни, но ставени се во погрешен контекст и дека се ставени во контекст на правила кои се одамна напуштени во Европска унија, односно направени се мерења кои се споредени со параметри кои повеќе не се применуваат во ЕУ, ја оценуваме како недоследна.

 

ИЗВОРИ

 Веб-сајт на Институт за јавно здравје [Пристапено: 13.07.2016]

 

Оценето од: Владе Ѓорчев