Мирка Велиновска: Корупција во институциите на ЕУ или во земјите на ЕУ

Нова Македонија (07.02.2014)
Нова Македонија (07.02.2014)
Мирка Велиновска – новинар | Извор: Нова Македонија | Датум: 07.02.2014

Својата редовна неделна колумна во весникот „Нова Македонија“, Мирка Велиновска ја започна со следниве зборови:

Значи, корупцијата во телата на Европската Унија: нејзините институции, парламентот, комесаријатите, директоратите, комисиите, изнесувала тамам колку еден годишен европски буџет, а тој брои 120 милијарди евра. Швенкувам деновиве по тоа македонските медиуми и осознавам дека веста, информацијата, никого не трогнала, не шокирала, не згрозила или разгневила. Ни политичките партии, сите од ред се проевропски и демократски уште од времето на војната на УЧК со Македонија, ниту слободните интелектуалци и многубројни експерти за сенешто, никој уста не отвори.

Образложение:

Има многу добра причина зошто информацијата, вака како што Велиновска ја пренела, „никого не трогнала, не шокирала, не згрозила или разгневила“. Таа едноставно не е точна. А, со оглед на тоа што целата колумна се базира на оваа премиса – за корумпираноста на Унијата, во прашање се доведуваат и наводите на целиот текст.

Веднаш требало да стане јасно дека нешто не е во ред кога се вели дека „корупцијата во телата на Европската Унија: нејзините институции, парламентот, комесаријатите, директоратите, комисиите, изнесувала тамам колку еден годишен европски буџет“. Ова само по себе е невозможно. И тоа невозможно во најкорумпираните земји, а камоли во ЕУ. Имено, од буџетот на ЕУ се трошат пари за плати на нејзините службеници, за плаќање на основните сметки и трошоци како струја, вода, парно и слично, па не може целиот буџет на ЕУ да оди на корупција. Белки платите на вработените и сметките за струја во институциите на ЕУ не се корупција.

И кога би ја тргнале оваа нелогичност настрана и поблиску погледнеме за што станува збор, веднаш ќе видиме дека бројката од 120 милијарди евра, колку што чини корупцијата во ЕУ, не се однесуваат на „телата на Европската Унија: нејзините институции, парламентот, комесаријатите, директоратите, комисиите“, туку на сите 28 земји членки заедно и тоа од Португалија до Полска и од Данска до Бугарија. Во таква констелација, бројката од 120 милијарди евра не значи многу, односно значи многу ниско ниво на корупција.

Имено, годишниот бруто домашен производ на сите земји членки на ЕУ изнесува  16,17 илјади милијарди долари (11,824 илјади милијарди евра или 11,82 билиони евра), па од оваа сума 120 милијарди евра е околу 1 отсто, односно многу малку. Ова е исто како кога корупцијата во Македонија би изнесувала под 80 милиони евра годишно (со оглед на тоа што БДП на Македонија е под 8 милијарди евра). Но, ние сите знаеме дека таа изнесува многу повеќе од 80 милиони евра во текот на една година.

Еве ја изјавата на комесарот за внатрешни работи на Унијата, Сесилија Маелстром, од која се гледа дека станува збор корупцијата во земјите на ЕУ, а не институциите на ЕУ:

„Корупцијата низ 28-те земји на Европската унија чини околу 120 милијарди евра (162 милијарди долари) годишно – сума „од која се губи здивот“ и која е еднаква на буџетот на целиот блок, изјави комесарот за внатрешни работи, Сесилија Меалстром, во понеделникот.

Маелстром вели дека сумата од 120 милијарди евра е еднаква на „буџетот на целиот блок“, при што ова се однесува на буџетот на Европската унија, а не на земјите на земјите членки. Вкупниот буџет на сите земји членки е далеку поголем од 120 милијарди евра. Ако БДП на сите земји членки на ЕУ е околу 11.824 милијарди евра, а буџетот на земјите членки во просек изнесува околу 50 отсто од БДП, тогаш тој изнесува 5.900 милијарди евра или далеку над износот од 120 милијарди евра.

А, еве што се вели во првите два пасуси на самиот извештај каде што повторно се гледа дека станува збор за корупција на ниво на земјите членки на ЕУ, а не корупција на ниво на институциите на ЕУ:

„Корупцијата сериозно им наштетува на економијата и на општеството во целина. Многу земји ширум светот патат од длабока и вкоренета корупција која го попречува економскиот развој, ја кочи демократијата и им наштетува на социјалната правда и владеењето на правото. Земјите членки на ЕУ не се имуни кон оваа реалност. Корупцијата варира според природата и опфатот од земја до земја, но има влијание врз сите земји членки. Таа му наштетува на доброто владеење, управувањето со јавните пари и компетитивните пазари. Во екстремни случаи, таа ја намалува довербата на граѓаните во демократските институции и процеси.

Овој извештај обезбедува анализа на корупцијата во земјите членки на ЕУ и за чекорите кои се направени таа да се спречи и да се сузбие.

Линкови:

 

(Оценил: Владимир Петрески)

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција