Мицкоски си поигрува со полускриен шовинизам и лажни бројки

Христијан Мицкоски. Фото: Скриншот/јутјуб

Ниту знае точно Христијан Мицкоски околу непонзаницата од 1,2 милиони што не гласале, ниту точно знае колку Македонци гласале и зошто е тоа битно да се апсотрофира освен ако не е потсвесен шовинизам, ниту пак е точно дека поларизацијата вештачки ја создал Заев

 

Ниту знае точно Христијан Мицкоски околу непонзаницата од 1,2 милиони што не гласале, ниту точно знае колку Македонци гласале и зошто е тоа битно да се апсотрофира освен ако не е потсвесен шовинизам, ниту пак е точно дека поларизацијата вештачки ја создал Заев

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски по објавувањето на резутатите од референдумот излезе со говор во кој има извртување на вистината, т.е. спинување:

Спин: Денес речиси 1 милион и 200 илјади граѓани кои се јасно и недвосмислено за членство на државава во ЕУ и НАТО кажаа дека се против промена на името. Тие луѓе повторно се за членство во овие организации и тоа не може да го смени ниту Заев ниту било кој друг политичар. Овие луѓе ја сакаат Европска Македонија, но се против договорот Заев, Ципрас и тоа треба да им е јасно.

Денес 250 илјади Македонци излегоа да гласаат, излегоа и припадници од другите заедници. Некои беа убедени во тоа што го кажуваа од власта, други беа донесени во заблуда, а добар дел беа подложни на притисок, уцени и закани. Јас имам разбирање за сите нив.

Потребно е да застане времето на поделби, и Македонија да тргне напред. Поларизацијата меѓу народот е вештачка и е создадена од Заев, тоа ќе престане, а народот мора да се сплоти.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/веб страна, датум: 30.09.2018]

 

Контраспин: Христијан Мицкоски, лидерот на главната опозициска партија кој пасивно повикуваше на бојкот, а на денот на гласањето и активно го промовираше, во својот триумфализам по објавувањето на резултатите од референдумот настапи со извртени вистини и со доза на прикриен шовинизам кој покажува дека Македонците не се тие кои што гласале на овој референдум ЗА.

Во обраќањето до јавноста во вечерните часови на 30.10.2018 година Мицкоски искажа најмалку три извртени вистини, од кои првата е дури и целосна невистина, од повеќе причини.

Како може сериозен политичар, кому му се познати работите околу избирачкиот список во Македонија и реалноста во земјата со огромниот број иселени лица, да каже дека речиси 1 милион и 200 илјади граѓани кои се јасно и недвосмислено за членство на државава во ЕУ и НАТО кажаа дека се против промена на името?

Тој одговор на јавноста и го должи Мицкоски, но реалноста е следна. Од избирачкот список од 1.8 милиони избирачи никој во државата со точност не знае колку е тој реален, поради фактот што нема попис и поради фактот што нема точна евиденција колку од овие лица се во земјата во моментот на гласање или, пак, колку има „фантомски гласачи“. Исто така, не е позната бројката на оние што се во земјата, а решиле да го бојкотираат референдумот, освен ако не се земат предивд едно стотина јавни личности и лидери на партии и здруженија кои тоа го соопштија транспрентно.

Оттука, изјавата дека 1.2 милиони избирачи јасно рекле „Не“ за Договорот од Преспа, е едноставно неточна изјава, која се извртува (демек сите тие биле и за ЕУ и НАТО, а против Договорот – а од каде го знае тоа Мицкоски!?), поради што ја оценуваме како чист спин.

Вториот спин е дека на референдумот излегле да гласаат околу 250 илјади Македонци и излегле припадници на други заедници!?  Како ли Мицкоски успеа да дознае со точност колку Македонци излегле да гласаат?

Еве да тргнеме дека тој трга од претпоставката дека гласачкото тело на Албанците во Македонија континуирано неколку години по ред е околу 250 илјади. Плус 250 илјади Македонци тоа се околу 500 илјади, под претпоставка сите гласачи со албанска националност да гласале. Значи спорд Мицкоски тоа се случило и на референдумот и излегле да гласаат уште околу 150 илјади Власи, Срби, Турци, Роми, итн…Уште еден спин.

Од овие бројки, вели Мицкоски „некои беа убедени во тоа што го кажуваа од власта, други беа донесени во заблуда, а добар дел беа подложни на притисок, уцени и закани..“ и додава дека тој има разбирање за сите нив.

Тука, после спинувањето со бројките, зашто ни во сон не може да му се сони колку Македонци излегле на гласање и дека тие се повредни при овој референдум (имплицитно кажано од негова страна со самото тоа што посебно ги одвојува), започнува третиот спин на Мицкоски:

Потребно е да застане времето на поделби, и Македонија да тргне напред. Поларизацијата меѓу народот е вештачка и е создадена од Заев, тоа ќе престане, а народот мора да се сплоти.

Која црна поларизација на народот вештачка ја создал Зоран Заев? Да не се навраќаме на сите слогани за референдумот од страна на власта кои јасно апелираа на заедништво за заедничка европска иднина на Република Македонија. Да не се навраќаме и на кампањите на Зоран Заев и за локалните и особено за предвремените парламентарни избори.

Но, да не се навраќаме ниту на сите последни соопштенија и говори од ВМРО-ДПМНЕ, а уште помалку да се навраќаме на периодот пред и за време на големата политичка криза. Од декември 2012 г до мај 2017 година. Зашто ако се навратиме на тие времиња и на сите говори и постапки и на Никола Груевски и на виските функционери на ВМРО-ДПМНЕ, јасно ќе се види кој го делел, т.е. поларизирал не само народот, туку и малцинствата што живеат во Република Македонија, со еден збор граѓаните.

Оттаму, деловите од триумфалистичкиот говор на Христијан Мицкоски што ги издвоивме ги сметаме за поголеми извртувњата на вистината, т.е. спинови.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.