Мицкоски за двојно повеќе го преувеличува трошењето на СЈО

фото: скриншот

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во ТВ дебата даде изјава во која има невистина:

Ајде Собранието што ги гласало да формира комисија, да видиме каде отидоа 15 милиони евра ваши пари. Имаме ние индиција дека има злоупотреба, што значи треба некој да формира комисија, да го провери работењето на Катица Јанева и соработниците и каде отидоа 15 милиони евра?

[Извор: 21 ТВ/Клик плус – разговор со Христијан Мицкоски (од 45-46 мин.) – датум: 04.16.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Претседателот на ВМРО-ДМНЕ, Христијан Мицкоски, гостувајќи на ТВ21 во емисијата „Клик плус“, во интервју искажа тврдење дека Специјалното јавно обвинителство (СЈО) потрошило 15 милиони евра пари на даночниците и дека тој има индиции оти таму имало злоупотреби, па побара да се формира комисија.

Комисијата не сакале да ја одобрат партиите од власта и тоа е еден од аргументите на Мицкоски дека СЈО е партиско пристрасно обвинителство. Изјавата на Мицкоски не дадена прв пат, туку повеќе пати е повторена во јавноста. Но, исто така, повеќе пати е повторена и во неа содржаната невистина околу трошењето на СЈО.

Мицкоски, всушност, ја преувеличува сумата речиси за двојно, со што дополнително врши искривување на сликата во јавноста. Имено, СЈО потрошило околу 8, а не 15 милиони евра од моментот кога е формирано, септември 2015 година, заклучно со декември 2018 година. А, тоа е лесно докажливо.

Доволно е само да се погледнат шестмесечните извештаи кои СЈО ги доставува до Собранието, согласно законот за ова обвинителство. Во нив, покрај за основната работа – истрагите, обвиненијата, судските постапки, работата со другите органи, секогаш е наведено без многу детали, но, сепак со прецизни бројки колку бил одобрениот буџет за претходната година, колку од тој буџет било потрошено до 31 декември во истата година и колку од парите Министерството за финансии си повлекува на централниот буџет како непотрошени пари.

Еве што се вели во првиот шестмесечен извештај даден во март 2016 г.

Средствата за работа на ова Јавно обвинителство за 2015 година се обезбедени со Одлука за прераспределба на средства меѓу буџетските корисници на централната власт и фондовите бр.08-5067/1 од 02.11.2015 година на Собранието на Република Македонија (Службен Весник на Република Македонија бр.190/15) во вкупен износ од 63.420.428,00 денари. Според податоците содржани во завршната сметка за 2015 година, од одобрените средства до крај на 2015 година се потрошени 13.542.671,00 денари или 21,4% од одобрените средства.

Слична ситуација има и со Извештајот во март во 2017 година, каде општо е наведено колку од буџетот СЈО успеал да реализира до 31 декември 2016 г.:

Вкупната реализација на одобрениот буџет за 2016 година во износ 253.682.112,00 денари, заклучно со 31.12.2016 година изнесува 123.548.695,00 денари или 48,70% од буџетот на ова Јавно обвинителство.

Состојбата се повторува и во Извештајот во март 2018 година каде се укажува за потрошените средства во текот на 2017 г.:

Целокупното финансиско работење на Јавното обвинителство и во овој извештаен период се движи во рамки на одобрениот буџет како за 2017, така и за 2018 година. Од одобрените средства за 2017 година во периодот од 15.09.2017 година заклучно со 31.12.2017 година реализирани се средства во вкупен износ од 56.782.822,00 денари или 24,90%, Вкупната реализација на одобрениот буџет за 2017 година, заклучно со 31.12.2017 година изнесува 161.197.380,00 денари денари или 70,70% од буџетот на ова Јавно обвинителство.

И конечно во последниoт Извештај од март 2019 година исто така се кажува дека не се потрошени средствата од буџетот за 2018 година, но овој пат реализацијата била 85 отсто:

Вкупната реализација на одобрениот буџет за 2018 година, заклучно со 31.12.2018 година изнесува 195.321.542,00 денари денари или 85,43% од буџетот на ова Јавно обвинителство. Во 2018 година не се реализирани 14,57% од одобрениот буџет за 2018 година, односно не се потрошени средства во вкупен износ од 33.311.458,00 денари кои на 31.12.2018 година се повлечени во Буџетот на Република Северна Македонија.

Кога ќе се соберат сите бројки од извештаите произлегува дека СЈО речиси никогаш не го троши буџетот за тековната година, иако реалзиацијата почнува да расте од 2017 г. и особено во 2018 година, но и дека вкупната потрошена сума од даночните обврзници од формирањето досега изнесува околу 8 милиони, а не 15 милиони евра.

Поради овие причини има основа тврдењето на Мицкоски, повторено повеќе пати во разни прилики, дека СЈО потрошило 15 милиони евра буџетски пари, да се оцени како невистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција