Може ли Миноски да не го знае кредитниот рејтинг на државата кај што е министер за финансии?

Дали „Фич“ го намали ѝ го кредитниот рејтинг на Македонија. Фото: скриншот

Оваа изјава на министерот за финансии, Кирил Миновски, е многу збунувачка. Освен делот подвлечен со големи букви, кој е сосема јасен. Намерно го цитиравме комплетниот одговор за да се сфати целиот контекст и да се види како министерот тврди дека „детално“ го прочитал објаснувањето, со тимот кој врши проценка на кредитниот рејтинг разговарал „отворено“ и на „редовна основа“ и после сето тоа, тој, сепак, „мисли“ дека кај „Фич“ „НЕМАМЕ ПРОМЕНИ ВО КРЕДИТНИОТ РЕЈТИНГ“.

 

 

Намалувањето на кредитниот рејтинг негативно влијае, пред сѐ, на задолжувањето на државата, заради тоа што државата, во случај кога има неизбалансирани ставки на приходи и расходи, мора да се задолжува, да ги обезбеди тие средства за да ги финансира своите буџетски потреби. И, кредит рејтинг агенциите… постојат повеќе кредит рејтинг агенции кои што се познати во светот: „Фич“, „Стандард и Пурс“, „Мудис“, кои што го оценуваат кредибилитетот на Република Македонија, односно способноста на оној којшто ги зема парите да ги врати тие пари, значи на должникот. И од тој аспект, тие се значајни заради тоа што меѓународните инвеститори се водат од тој кредитен рејтинг и врз основа на тоа оценуваат со колкава каматна стапка ќе ѝ позајмуваат на Република Македонија. Значи, имаме различити толкувања во делот на намалувањето и причините на намалувањето на кредитниот рејтинг заради тоа што го имам читано детално објаснувањето и од „Стандард и Пурс“ и од „Фич“, КАЈ „ФИЧ“ МИСЛАМ ДЕКА НЕМАМЕ ПРОМЕНИ ВО КРЕДИТНИОТ РЕЈТИНГ, она што се истакнува како главна причина е политичката нестабилност и политичката неизвесност. Значи, во однос на овие другите параметри, а тоа се фискалните параметри, ние разговаравме отворено и со претставниците, значи, на нивниот тим којшто доаѓа на редовна основа да врши проценка на кредитниот рејтинг, констатацијата е дека генерално во однос на фискалните таргети Република Македонија стои добро, во однос на висината на јавниот долг, исто така. Така да, тоа е она што можеме да го кажеме. Секако дека трендот на… или намалувањето на кредитниот рејтинг не е позитивна работа, меѓутоа и тој во голема мера, односно во најголем дел се става во контекст на политичките случувања во Република Македонија. Јас се надевам дека со брзата разрешница на политичката криза после изборите на 11 декември, кредитниот рејтинг ќе се движи во една позитивна траекторија. (подвлеченото – големи букви – на редакцијата)

(Извор: ТВ Нова – 15.30-17.35; Датум: 16.09.2016)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Оваа изјава на министерот за финансии, Кирил Миноски, е многу збунувачка. Освен делот подвлечен со големи букви, кој е сосема јасен. Намерно го цитиравме комплетниот одговор  за да се сфати целиот контекст и да се види како министерот тврди дека „детално“ го прочитал објаснувањето, со тимот кој врши проценка на кредитниот рејтинг разговарал „отворено“ и на „редовна основа“ и после сето тоа, тој, сепак, „мисли“ дека кај „Фич“ „НЕМАМЕ ПРОМЕНИ ВО КРЕДИТНИОТ РЕЈТИНГ“.

Сето ова е речиси неверојатно, зашто „Фич“, како што е многу добро познато, на 19 август го намали кредитниот рејтинг на земјава од ББ+ на ББ, со негативни изгледи, што значи дека во период од 12 до 24 месеци, ако нешто не се смени на политички и/или макро-економски план, „Фич“ има намера и понатаму да го намалува кредитниот рејтинг на земјава до следната пониска оценка ББ-. Со оваа евентуална идна пониска оценка, кредитниот рејтинг кој ќе ни го додели „Фич“ ќе се изедначи со оној што ни го додели „Стандард и Пурс“ уште на 24 мај 2013 година (внесете „Macedoniaво полето за пребарување).

Она што е уште позбунувачи во оваа изјава на Миноски е фактот дека тој во неа на двапати говори за некакво намалување на кредитниот рејтинг, но не мисли дека тоа се случило од страна на „Фич“ и тогаш останува само намалувањето на кредитниот рејтинг на земјава од страна на „Стандард и Пурс“ од 2013 година. Зашто друго нема. Третата голема агенција за кредитен рејтинг (или бонитетна агенција) е „Мудис“, но таа не врши кредитен рејтинг на земјава.

Но, ова негирање, односно несигурност на министерот за финансии за тоа дали „Фич“ го намалил кредитниот рејтинг на земјава или не, во ситуација кога тој, како што вели, детално ги чита објаснувањата на агенциите и има отворени разговори со нивните претставници, е зачудувачко. Горната изјава на Миновски доаѓа откако неговиот соговорник во дебатата и сега веќе и дополнителен заменик министер за финансии, Кире Наумов, детално извести дека кредитниот рејтинг е намален и ги објасни причините за тоа. И после деталното објаснување на Наумов, Миноски изразува сомневање дека тоа не е така. Ај што, ете, не му верува на Наумов и мисли дека опозицискиот економски експерт не говори вистина на телевизија, арно ама, за ова известија надолго и нашироко и македонските медиуми. Овде, на пример, на овој линк, има 73 вести и ТВ прилози кои известуваат за намалувањето на кредитниот рејтинг на Македонија од 19 август, од кои 20 се за намалувањето на кредитниот рејтинг на „ПроКредит Банка“ – Македонија, исто од страна на „Фич“, на 6 септември, при што и овде се објаснува дека намалувањето на кредитниот рејтинг на банката доаѓа како последица на намалувањето на кредитниот рејтинг на државата. И, на крај, ако сето тоа не е доволно, и партијата на Миноски, ВМРО-ДПМНЕ, издаде соопштение по повод намалувањето на кредитниот рејтинг на земјата. Инаку, во оваа партија г-дин Миновски е член на највисокиот извршен орган – Извршниот комитет.

И како после сето ова може да се искажуваат било какви сомневања, несигурности и да се мисли дека кај „Фич“ „немаме промени во кредитниот рејтинг“ е сосема нејасно. А, особено е нејасно кога тоа му се случува на министер за финансии. Зошто? Па, многу едноставно: ретко ќе најдете министер за финансии било каде во светот кој не е сигурен и кој не знае како од пушка да го каже веднаш и во секое време кредитниот рејтинг на својата земја издаден од било која од трите големи бонитетни агенции.

 

Оцени: Владимир Петрески

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција