МВР ги испита истрагите за невладините организации – криминал не е најден

Министерот Спасовски во март се сретна со претставници на невладините организации кои беа под истрага покрената на барање на Антикорупциската комисија Фото: Принтскрин

 

ВЕТУВАЊЕ: Спроведување истраги за заплашување и притисоци врз граѓанските организации (односно да се истражат сите пријави за говор на омраза, напади, притисок).

[Извор: Влада на РМ – План 3-6-9, стр.3, датум: јули 2017 година]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето за спроведување истраги за заплашување и притисоци врз граѓанските организации, е исполнето ветување на Владата и е дел од Планот 3-6-9 посветен на граѓанското општество (стр.3). Владата ова ветување го забележала како исполнето во Фактографскиот извештај за имплементација на Планот 3-6-9 за периодот од 04.072017 до 17.04.2018 година (стр.54).

Информирање на јавноста за спроведените истраги за заплашување и притисоци врз граѓанските организации
– Министерот за внатрешни работи на 01.03.2018 одржа средба со претставници од дваесеттина НГО/ГО. Ги информираше дека по завршување на проверките во рамки на меѓуинституционалната криминалистичка обработка, од сите извршени проверки по барањата од Основно јавно обвинителство за ГОКК, доставени се известувања до Основно јавно обвинителство за ГОКК, во кои е наведено дека сомнежите се неосновани,
а врз основа на прибавените информации е констатирано дека нема основи за
понатамошна истрага . Врз основа на тоа, истражните органи до јавното обвинителство доставија предлог за затворање на истрагата. ( Фактографскиот извештај )

Истрагите против невладините организацииа ги почна власта на ВМРО-ДПМНЕ, со образложение дека „СДСМ и Сорос константно работат на уништување на граѓанскиот сектор и иницијативи, како и на независното новинарство во Република Македонија“.

Никола Груевски, во таканаречениот „проглас“ на протестот кој се одржа пред Државната изборна комисија на 17 декември 2016 година, за првпат ја најави т.н. „десоросоизација“.

Ќе се бориме за десоросоизација на Република Македонија и за зајакнување на независен граѓански сектор, кој нема да биде под ничија контрола. Ќе се пристапи кон регулирање на областа на финансирање на фондациите и НВО, по теркот на најнапредните демократии во светот – рече тогаш Груевски, пренсе А1 он.

Веднаш потоа, почнаа да влегуваат  инспекции  во невладините организации, кои беа критички настроени кон тогашната власт и да ги чешлаат нивните сметки.

Веќе трет ден, продолжува инспекциската контрола на Управата за јавни приходи во повеќе граѓански организации, кои беа дел од иницијативата „Ние одлучуваме“. Инспекцискиот надзор доаѓа по говорот на поранешниот премиер Никола Груевски пред Државната изборна комисија, кога лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави „десоросоизација на Македонија“. Граѓанските организации обвинуваат за политички притисок поради нивната критика кон власта, додека од УЈП тврдат дека тие вршат редовна контрола на сите даночни обврзници, без оглед на политичките случувања во земјава, пренесе Цивилмедиа.

Акцијата продолжи и во наредните неколку месеци. Од невладините организации реагираа дека тоа е атак врз нивната работа и ако не се стави крај на политичката криза, граѓанскиот сектор ќе биде колатерална штета.

Загрижува фактот дека во 13 организации се посетени од страна на финансиската полиција и МВР по барање на ОЈО во предистражна постапка за непознат основ. Бараат се, а не знаат што бараат“ – вели Фани Каранфилова Пановска – Извршна директорка Сорос, пренсе ТВ 24.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, како што јави Мета, на 17.11.2017 година, ја информираше јавноста дека се завршени истрагите против невладините организации и дека било утврдено дека не постои криминал во нивното работење.

По извршените анализи и консултации со Основното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, МВР, односно Бирото за јавна безбедност заедно со Управата за финансиска полиција ги затворивме овие истраги бидејќи не постојат никакви докази што можат да ја потврдат основаноста на сомневањата дека нешто е направено. Има поднесено една кривична пријава во СВР Струмица, која се однесува на незначителна сума од прикривање на персонален данок, меѓутоа никаква друга организирана нелегална дејност нема од невладините организации во Република Македонија и затоа е затворена оваа истрага – рече Спасовски.

На 01.03.2018 година, како што пренесе Макфакс, министерот Спасовски се сретна со претставници на невладините организации кои беа под истрага покрената на барање на Државната комисија за спречување на корупцијата. На средбата, Спасовски ги информирал дека е завршена истрагата против дваесетината невладини организации што почна една година претходно и дека било утврдено дека не постојат докази против нив.

Спасовски ги информирал дека по завршување на проверките во рамки на меѓуинституционалната криминалистичка обработка, доставени се известувања до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во кои е наведено дека сомнежите се неосновани, а врз основа на прибавените информации е констатирано дека нема основи за понатамошна истрага. Врз основа на тоа, велат од МВР, истражните органи до јавното обвинителство доставија предлог за затворање на истрагата.

Имајќи го предвид сето ова, може да се заклучи дека ветувањето на Владата за „спроведување истраги за заплашување и притисоци врз граѓанските организации (односно да се истражат сите пријави за говор на омраза, напади, притисок)“, е исполнето ветување.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција