МЗ и средствата за ХИВ: Со помалку пари до поголем ризик

Кога детално ќе се погледнат аргументите за одвоените средства за превенција против ХИВ/СИДА, произлегува дека Министерството за здравство со помалку одвоени пари за в година, ги ризикува досега постигнатите резултати и шириење на инфицираните и заболените

 

По протестот одржан пред Собранието на РМ, Министерството за здравство (МЗ) соопшти дека обезбедува финансиски средства за лицата со ХИВ/СИДА во рамки на две програми – Програмата за заштита на населението од ХИВ/СИДА во Македонија (во која за 2017 година се предвидени 27 милиони денари) и Програмата за здравствена заштита на лица со болести на зависности (во која за 2017 година се предвидени 25 милиони денари само за оваа намена – набавка на лекови за Хепатит Ц), по што даде невистинита оценка/изјава:

Вкупниот износ на средствата за оваа намена од двете програми е 52 милиони денари, што значи дека во споредба со оваа година, финансиските средства за лицата со ХИВ/СИДА не само што не се намалуваат, туку напротив се зголемуваат! 

[Извор: Нова ТВ, датум, 06.10.2016]

 

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Тврдењето на Министерството за здравство е недоследно и невистинито, иако на прв поглед се чини дека кумулативно бројките се поголеми од 2016. година, за која уште во 2015 година биле предвидени 45 милиони денари.

Ова може да се види и од самиот веб-сајт на МЗ, кога на 1 декември 2015 објавиле податок дека за цела 2016 ќе обезбедета 45 милиони денари за терапија и превенција за ХИВ/СИДА. Тогаш државниот советник во МЗ Јованка Костовска изјавила:

Следната година програмата е зголемена и ќе биде 45 милиони денари. Активностите на Глобалниот фонд за ХИВ/СИДА, туберкулоза и маларија завршуваат во декември 2016 година и неговите клучни активности треба да ги преземеме во програмата.

Но, како што детално појаснуваат две невладини организации(НВО), дел од коалицијата на 15 НВО кои се вклучени во Прогарамата за превенција, грижа и поддршка на лица инфицирани од ХИВ, забуната за јавност МЗ ја прави со тоа што ги собира парите од двете програми, а плус и што тврди дека парите од 27 милиони од Проектот за ХИВ ќе биле само за превенција.

Па, така од невладината ХОПС и ХЕРА реагираа преку соопштение во кое наведуваат:

ХИВ-инфекцијата не се лекува со терапија за хепатит Ц! Зачудувачки е што Министерството за здравство ја поистоветува терапијата за ХИВ со терапијата за хепатит Ц за да го оправда драстичното кратење на буџетот за ХИВ, кога станува збор за лекување на две различни крвно преносливи инфекции.

Во истото соопштение се наведува еден важен податок, кој ќе помогне да се разбере недоследноста од МЗ кога ги собира парите од двата програма:

Во Република Македонија, за среќа – и благодарение токму на досегашните превентивни активности за ХИВ на граѓанскиот сектор – не постои преклопување помеѓу двете популации; во изминатите 5 години е регистриран само еден случај на ХИВ кај лица што користат дрога. Ваквите изјави откриваат скандалозно непознавање на основни епидемиолошки прашања во Република Македонија.

Двајца менаџери од овие НВО во емисија емитувана на порталот НОВА ТВ ги појаснија и математиките за вкупните едногодишни потреби за терапија и превенција кои досега делумно се покриваа и од Глобалниот фонд за превенција и борба против ХИВ/СИДА.

Елизабета Божиновска од Х.Е.Р.А. изјави дека парите се малку и дека не ѝ е јасно од каде е тврдењето за зголемен буџет преку зголемени ставки кај лекувањето на Хепатит Ц, зашто и таму, во таа програма средствата за 2017 се помали од 2016:

Дваесет и седум милиони денари се малку. Потребни се 65 милиони денари, она што беше првично планирано, за превенција и за терапија. И тоа е најмалку што државата треба да го стори. Реакцијата од Министерството дека имаат во друга програма, Програма за борба против зависности определено средства за ХИВ не е точна, затоа што двете групи имаат различни целни популации, а и тоа не е точно затоа што годинава била 78 милиони денари а до година се 72….Но тоа е друга дебата. Ние барама зголемување на средствата за ХИВ за превенција и Лекување. Не е тпочна и втората теза, дека веќе ги имаат набавено лековите за цела 2017 (Околу 13-та минута од разговорот).

 Христијан Јанкуловски од невладината ХОПС ги појаснува математиките за вкупните потреби на годишно ниво, но истовремено објасни зошто не е точно тврдењето на МЗ дека сите пациенти за 2017 се покриени со терапија со штотуку завршен тендер:

По која математика се водело Министерството не знаеме. За терапија се потребни 32 милиони и за превенција 33 милиони. Некаде 65 милиони денари на годишно ниво… Од друга страна велат, ние за 200 до 220 пациенти од сегашната набавка ќе имаме за следната година. Дали знаеме колку пациенти ќе имаме следната година? Не знаеме. А според протоколите на Свестката здравствена организација, новооткриен пациент, заразен, веднаш треба да се третира со терапија (од околу 4-та минута од разговорот).

Од двете организации потсетуваат и на долгот што ќе остане од оваа година, бидејќи МЗ го реблансирало буџетот за тендерот од 32 на 23 милиони денари пред тој да биде завршен, а токму толку изнесувал – 32 милиони.

Божиновска наведува дека преку 13 годишна работа на 15 невладини организации во 14 градови во Македонија годишно се третираат околу 15 илјади корисници/семејства, од најзагрозени групи (корисници на дроги, сексуални рабоотници, затвреници и слично), дека постојат дневни стационарни центри и мобилни центри за откривање, превенција и третман и дека благодарение на тоа стапката на инфицирани/заболени се држи доста ниска, најниска во Југоисточна Европа. Во исто време соговорниците ги посочија примерите од Србија и Црна Гора, каде што откако Глобалниот фонд ги прекинал активностите, во рок од една година стапките драматично се зголемиле, а се отвориле и други проблеми со заминување на обучениот кадар на невладините организации, кои се единствени организации што имаат дневен допир со потенцијално загрозената популација на терен.

Поради изнесените и проверените аргументи, соопштенито/изјава од МЗ дека за наредната година ги зголемило средствата за програмата за превенција и лекување против ХИВ/СИДА, ја оценуваме како невистинита.

 

ИЗВОРИ:

 

 

Оценил: Тео Блажевски

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција