На границата од законот – предизборни реконструкции, исплати и вработувања

Изборниот законик пропишува низа ограничувања во предизборен период и за време на изборна кампања, кои главно се однесуваат за начинот на кој властите располагаат со јавните пари, вршат буџетски исплати, промовираат јавни проекти. Меѓутоа, праксата покажува дека речиси секоја власт мошне вешто и креативно ги користи законските празнини и исклучоци за да оствари максимален можен политички профит непосредно пред изборите. Тоа во одредена мера се повторува и во пресрет на овие претседателски избори, имајќи предвид дека во овој период засилено се работи на инфраструктурни проекти, се реализираат буџетски трансфери и се вработува на државен трошок

 

Изборниот законик пропишува низа ограничувања во предизборен период и за време на изборна кампања, кои главно се однесуваат за начинот на кој властите располагаат со јавните пари, вршат буџетски исплати, промовираат јавни проекти. Меѓутоа, праксата покажува дека речиси секоја власт мошне вешто и креативно ги користи законските празнини и исклучоци за да оствари максимален можен политички профит непосредно пред изборите. Тоа во одредена мера се повторува и во пресрет на овие претседателски избори, имајќи предвид дека во овој период засилено се работи на инфраструктурни проекти, се реализираат буџетски трансфери и се вработува на државен трошок

 

Пишува: Влатко Стојановски

 

На почетокот на 2014 година, се усвои нов член во Изборниот законик (8-а), кој пропишува дека од денот на распишување на изборите до прогласувањето на конечните изборни резултати, независно дали се работи претседателски, парламентарни или локални избори, не може да се започне изградба со буџетски средства на нови објекти во инфраструктурата – патишта, водоводи, далноводи, канализација, училишта, градинки, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма. Воедно, во наведениот период се забранети и исплати на плати, пензии, социјална помош и други буџетски трансфери, доколку не се работи за редовни месечни исплати.

Покрај тоа, овој законски член предвидува дека во период од 20 дена пред започнување на изборна кампања до завршување на изборот на претседател, пратеници, градоначалници, не смеат да се одржуваат јавни настани по повод започнување на изградба или пуштање во употреба на инфраструктурни објекти со буџетски средства, при што под забрана во овој поглед не се подразбира давање на јавна изјава на јавен функционер или кандидат за јавна функција на митинг, интервју, дебата или одговор на новинарско прашање. Исто така, во овој период не може да се исплаќаат субвенции, но и овде тоа не важи во апсолутна смисла, туку само за оние субвенции кои не се редовни месечни исплати.

Со измените и дополнувањата на Изборниот законик на крајот на 2015 година, пак, се прошируваат забраните во предизбониот период. Впрочем, тогаш се додава нов став во истиот член, според кој од распишување на изборите не може да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, освен во случаи на итни и неодложни работи. Патем, се додаде и нов член (8-б), кој практично забранува вршење на притисок и заплашување на гласачи или членови на нивните семејства, како и користење на канцелариски простор, опрема и службени возила.

Оттука, со оглед на тоа што претстојните претседателските избори, кои треба да се оддржат на 21 април (прв круг) и на 5 мај (втор круг) беа распишани на 8 февруари, се смета дека од овој ден па се до прогласувањето на конечните изборни резултати не може да се започне изградба со буџетски средства на нови инфраструктурни објекти, да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош, земјоделски субвенции кои не се редовни месечни исплати, како и да се започне постапка за вработување во јавниот сектор, освен во случаи на итни и неодложни работи. Ако се знае дека изборната кампања започна на 1 април, тогаш од 11 март (20 дена пред почетокот на кампањата) се забрануваат јавни настани по повод започнување на изградба на инфраструктурни објекти со јавни средства, како и исплата на субвенции кои не се редовни месечни исплати…

 

РЕКОНСТРУКЦИИ НА ПАТИШТА, МОСТОВИ, ВОДОВОДИ

Но, доколку се прегледаат официјалните интернет-страни на институциите на државно и локално ниво, како и медиумските архиви, произлегува дека на многу места токму сега предизборно се најавува реконстуркција или изградба на пат или друг инфраструктурен проект, додека некаде токму сега и започнува или се засилува изградбата. Таков е случајот со Општина Крушево, каде се спроведува план за реконструкција на улици во градот и околните места, така што моментално се работи улицата „Партизанска“ во градот, како и на улици во селата Саждево, Алданци, Норово и Свето Митрани. Пред една седмица, крушевскиот градоначалник од редовите на СДСМ, Томе Христоски, изврши увид врз активностите, при што реферираше за досегашниот тек на работите.

Исто така, медиумите деновиве објавија дека последните дваесетина дена се реконструира мостот кај неготинското село Пепелиште, поради што сообраќајот од Неготино до Штип и Радовиш е пренасочен преку Криволак. Како што објаснил директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, реконстуркцијата на мостот морала да започне токму сега, бидејќи, според него, во спротивно постоела опасност мостот да падне . Инаку, реконструкцијата на овој мост на реката Вардар, кој е во ваква состојба со години, се предвидува да трае околу една година, па затоа јавното претпријатие паралелно вршело подготовки за оспособување на локалниот пат Неготино-Криволак.

Во овој период се вршат градежни работи на инфраструктурни проекти и во Велес, каде во населбата „Порцеланка“ се одвива тампонирање на улицата која потоа и ќе се бетонира, а паралелно со тоа во село Црквино започнаа работите за асфалтирање на три улици. Од Општина Аеродром, пак, истакнуваат дека во тек е реконструкцијата на главниот пат, како и повеќе краци од водоводната мрежа во Долно Лисиче. На водоводна линија работи и Општина Кисела Вода, која, со помош на скопското водоводно претпријатија, врши реконструкција на 350 метри водоводна мрежа во делот на Усје.

Во сите случаи станува збор за отпочнување на градба на нови инфраструктурни проекти, кои претходно внимателно биле предвидени во годишна програма и за него биле обезбедени средства, како и за реконструкции и наградба на поетоечки објекти, што не е забрането со изборниот законик. Сепак, темпирањето и засилувањето на овие зафати во предизборен период укажува за смислена кампања кај властите за постигнување на визуелен ефект кај електоратот дека се работи на терен, што треба да донесе одреден политички профит во пресрет на изборите. На тој начин, исклучоците во законот ја убиваат суштината на овие законски одредби.

 

ЗАСИЛЕНИ ИСПЛАТИ И ПРИВРЕМНИ ВРАБОТУВАЊА

Во меѓувреме, се реализираат сите предвидени буџетски трансфери, и тоа крајно дисциплинарано и со засилена диманика. Во првите три месеци од годинава, од кои два (февруари и март) влегуваат во предизборен период, Владата исплатила 40,5 милиони евра за поддршка на земјоделството и руралниот развој кон 80.000 земјоделци, при што последни субвенции добија овоштарите на средината на март во износ од 5,5 милиони евра. Притоа, Владата врати стар долг во износ од 1,2 милиони евра кон 2.000 лозари од Тиквешкиот регион, кои, всушност, не можеа да го наплатат предаденото грозје кон винариите „Повардарие“ и „Стефани Винарија“, со обврска да ги вратат парите доколку успеат да ги наплатат од откупувачите по судска одлука и извршна постапка.

Според податоците од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, преку која се вршат исплатите на земјоделските субвенции, за тековната 2019 година предвидени се вкупно 133 милиони евра преку три програми – за директна поддршка на земјоделството, за поддршка на руралниот развој и за поддршка на рибарството и аквакултурата. Врз основа на тоа, во првиот квартал од годинава, исплатени се скоро една третина од буџетските средства предвидени за поддршка на земјоделството, што значи дека постои засилена динамика на исплата на средствата на почетокот на годината. При рамномерна распределба на средствата, би требало да се исплаќаат по 33.250.000 евра секој квартал, односно на секои три месеци, или, пак, во четири еднакви транши.

Истовремено, предизборно се засилува темпото на вработувања на јавен трошок, што моментално се врши по пат на договори за јавна набавка со агенциите за привремени вработувања. Според Бирото за јавни набавки, од распишувањето на изборите досега склучени се над десет договори за привремени вработувања, од кои најголем е оној меѓу Општина Охрид и „Еси Вработување“ во износ од скоро 7 милиони денари, кој добива уште поспецифични размери ако се има предвид дека во оваа општина ќе се оддржат и локални избори заедно со претседателските. Потоа, следува договорот меѓу Општина Куманово и „Декра Арбеит“ од 5 милиони денари, како и низа договори што ги склучиле општините Пробиштип, Демир Капија и Јегуновце…

Згора на тоа, од почетокот на годинава до распишувањето на изборите се спровеле уште десетина тендери за привремени вработувања, при само еден ден пред распишувањето на изборите (на 7 февруари), Агенцијата за катастар на недвижности и кумановско јавно претпријатие за паркинзи , склучиле договори со агенциите „Контакт Бизнис“ и „Џоб 2011“, во износ од околу 8 милиони, односно 7 милиони денари. Во меѓувреме, предизборно се објавени огласи од страна на Општина Чаир, Царинската управа , Управата за јавни приходи и други државни институции и јавни органи за ангажман на работници поради итни и недложни работи, токму во изборен период.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Фондацијата Метаморфозис, National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција