На земјоделците им е овозможен поврат на персонален данок од доход

Фото: pixabay.com

 

ВЕТУВАЊЕ: Ослободување на земјоделците од персоналниот данок. Согласно идните реформи предвидени во даночниот систем, на граѓаните на кои основна дејност им е земјоделството и ги исполнуваат условите за паушално оданочување, ќе ги ослободиме од плаќање на данок.

[Извор: Програма на СДСМ (2016 ): „План за живот во Македонија“(стр.90 и стр.249), датум: декември 2016]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на СДСМ дадено за парламентарните избори во 2016 година во нивната програма „План за живот во Македонија“(стр.90 и стр.249), дека ќе ги ослободи од плаќање персонален данок на доход земјоделците кои ги исполнуваат условите за паушално оданочување , е исполнето

Потребата од ослободување на земјоделците од плаќањето на персонален данок на доход СДСМ го образложи со фактот дека повеќето земјоделци го плаќаат овој данок што честопати изнесува повеќе од доделените субвенции.

На 14 декември лани (2017) министерот за земјоделство Љупчо Николовски соопшти дека Министерствоот што го предводи, заедно со Mинистерството за финансии, имаат подготвено предлог-законско решение за персонален данок, со кое сите земјоделци на кои земјоделството им е основна дејност и ќе имаат приход до еден милион денари во тековната година, персоналниот данок кој во текот на годината им се задржува на крајот ќе им биде во целост вратен.

Со тоа досегашното ослободување до 300 000 денари приход ќе се претвори во поврат за земјоделците со основна дејност што имаат приход до 1 милион денари. Тоа значи дека повеќе од 65 илјади земјоделци на почетокот на секоја година на својата сметка ќе добијат износ еднаков на задржаниот данок. Со оваа мерка, околу 7 милиони евра повеќе пари ќе останат кај земјоделците. Од државата се пренасочуваат кон граѓаните-земјоделци. Повратот значи ослободување, оти на крај на година земјоделците ќе добијат пари што ќе се вратат кај нив (Николовски).

Николовски тогаш појасни и дека ова е целосно реализирање на обврската преземена пред изборите: „дека земјоделците ќе бидат ослободени од паушално одданочување“ .

Група пратеници од коалицијата на СДСМ еден ден подоцна, на 15 декември 2017 година, до Собанието доставија Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход, со назнака да се донесе по скратена постапка. Со овој закон (членовите 5, 6 и 7) се прават измени на членот 31 од Законот за персонален данок од доход и се додаваат два дополнителни членови  31а и 31б, со кои се предлага поврат на данокот што земјодлеците го платиле во текот на годината, а се регулира и паушалното плаќање на данокот  за продавачите на сопствени земјоделски производи на зелените пазари. Начинот, постапката и условите за враќање на платениот данок ги пропишува министерот за финансии во согласност со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Собранието во декември (2017) ги изгласа измените на Законот за персонален данок од доход кои стапија на сила од 1 јануари 2018 година.

На 11 јуни годинава Управата за јаавни приходи соопшти дека ги поедноставила даночните постапки за земјоделците.

Имајќи го предвид претходно презентираното може да се заклучи дека ветувањето на СДСМ дадено за време на предверемените парламентарни иабори во 2016 година, дека ќе ги ослободи земјоделците од персоналниот данок,  е остварено.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Рада Исовска – Маневска

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.