Наместо модерен стадион, прилепчани добија обрасната ливада

Стадионот „Гоце Делчев“ во Прилеп Фото: Плусинфо

 

ПРОЕКТ: Осовременување на градскиот стадион „Гоце Делчев“.

Со преземање на објектот во надлежност на општина Прилеп во 2013 година, ќе се изготви проект со кој ќе се предвиди изградба на трибини и деловен простор. Реализацијата ќе биде преку јавно-приватно партнерство, со што градот ќе добие современ европски стадион на кој ќе се организираат домашни и меѓународни натпревари. Со овој проект предвидено е осовременување на градскиот стадион „Гоце Делчев“. Стадионот ќе биде од англиски тип и ќе има капацитет од 12.000 до 15.000 гледачи и ќе биде приспособен за ноќни натпревари. (Буџет: 5 милиони евра Извор на средства: јавно-приватно партнерство Рок за реализација: 2013-2017)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето за осовременување на градскиот стадион „Гоце Делчев“ е дел од ветувањата на градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески за локалните избори 2013-2017 година. Станува збор за еден од приоритетните проекти во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за овој град (стр.15), насловена како „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобар Прилеп!“ (стр.65), кој сепак, не е реализиран.

На 18.03.2013 година, порталот Мкд.мк, објави фотографии и видео од новиот стадион кој ќе се гради во Прилеп, нагласувајќи во веста дека „ проектот ќе започне со реализација оваа година (2013), а инвеститор на овој проект ќе биде Општина Прилеп“.

Стадионот кој ќе го носи името „Гоце Делчев“ ќе има капацитет од 18.000 места, а ќе биде направен според сите критериуми на УЕФА. Дел од трибините на постоечкиот стадион ќе бидат реконструирани и вкомпонирани во новиот проект.

На 14.11.2014 година, директорот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, во интервју за порталот Денар, на прашањето, кој е неговиот коментар за состојбата со фудбалските игралишта во Македонија, меѓу другото, посочува дека последниот исклучително значаен проект кој го започнале се однесува на реконструкција на стадионот во Битола и дека таков проект ќе се реализира и во Прилеп.

Последниот исклучително значаен проект кој го започнавме се однесува на реконструкција на стадионот во Битола и ревитализација на игралиштето во склоп на стадионот, како и поставување на рефлекторско осветлување. Овој проект за ревитализација на игралиште и поставување на рефлекторско осветлување ќе се реализира и во Прилеп, Тетово и Штип.

На 30.10.2015 година, медиумите објавија информација дека ФФМ ќе го реновира стадионот „Гоце Делчев“ во Прилеп. Имено, тој ден градоначалникот Марјан Ристески и директорот на ФФМ Илчо Ѓорѓиоски, потпишаа договор за донација за реконструкција на градскиот стадион „Гоце Делчев“.

Стадионот ќе има капацитет од 18.000 места, а ќе биде направен според сите критериуми на УЕФА за играње дури и на меѓународни натпревари. Планирано е и хортикултурно уредување околу стадионот и изградба на паркинг простор. Исто така планирано е овој фудбалски терен да добие и соодветни трибини, соблекувални како и осветлување, за да може на него да се играат и ноќни натпревари. Покрај градскиот стадион „Гоце Делчев“, ќе се градат и други фудбалски терени во градот, напиша Денешен.

На 21.07.2016 година, порталот Екипа објави дека ФФМ стартувала со реконструкција на стадионот во Прилеп.

Фудбалската федерација на Македонија со поддршка од УЕФА и „Хет трик 4“ програмата за развој, денеска во Општина Прилеп официјално ги започна активностите за изградба и реконструкција на нов модерен и квалитетен фудбалски терен со природна трева, како и поставување на рефлекторско осветлување на стадионот „Гоце Делчев“, активности кои се дел од проектот за подобрување на фудбалската инфраструктура во општините во Македонија.

Како што беше посочено во веста, со потпишаниот договор за регулирање на меѓусебните односи при изведување на работи меѓу ФФМ, општина Прилеп и Уефа, Федерацијата имала обврска да изгради најмодерен терен со дренанжен систем по највисоките стандарди на УЕФА, како и да постави рефлектори за осветлување. Општината требала да изгради покриена трибина со најмалку пет илјади столчиња, како и да го реконструира под трибинскиот простор каде било предбидено да има модерни соблекувални и потребни простори за еден репрезентативен фудбалски стадион.

На 22.02.2017 година Макфакс информира дека е распишан тендерот за реконструкција на градскиот стадион во Прилеп.

Во тек е тендерската постапка за „Реконструкција со доградба на градскиот стадион Гоце Делчев“ во Прилеп. За оваа намена Општина Прилеп издвои 30 милиони денари од буџетот на локалната самоуправа за 2017 година. Со овој тендер предвидено е покривање и реконструкција на северната трибина на стадионот.

Три месеци подоцна, на 16.05.2017 година, порталот Плусинфо, објави фотографии, кои, како што беше посочено, се споделувале на социјалните мрежи, а на кои се гледа дека на местото од најавуваниот реконструиран стадион во Прилеп има само росна ливада.

Фотографиите од моментната состојба на градскиот стадион во Прилеп, во состојбата во која се наоѓа денес, само две години по потпишувањето на помпезниот милионски договор на Општината со ФФМ, отвораат голем сомнеж дека најавениот милион можеби стигнал во градот, но не завршил во стадионите.

Имајќи го предвид сето ова, како и фактот дека мандатот на градоначалникот Марјан Ристески е веќе истечен, може да се заклучи дека неговото ветување за ревитализација на градскиот стадион во Прилеп е неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција