Наместо по 500, по 300 евра субвенции за сончеви колектори

Надоместокот за инсталирање на сончеви колектори во домаќинствата е во висина на 30 отсто од вкупната инвестиција, но не повеќе од 300 евра . Фото: Принтскрин

ПРОЕКТ: СУБВЕНЦИИ ЗА ИНСТАЛИРАЊЕ НА ТОПЛОВОДНИ СОНЧЕВИ СИСТЕМИ ВО ДОМАЌИНСТВА

Ќе продолжиме со постојниот проект за субвенционирање на топловодни сончеви системи во висина од 500 евра по домаќинство, кој се спроведува преку Министерството за економија и кој на голем број граѓани им помогна да остварат значителни заштеди во сметката за електрична енергија, преку добивање на бесплатна топла вода од сончевата енергија. Целта е да се промовира и поддржи зголемувањето на употребата на сончеви колектори за добивање на санитарно техничка топла вода во домаќинствата преку промоција на македонските производители, како и воведување на стандарди за мерење, контрола и верификација на заштедите на енергија. Во зависност од буџетските можности, програмата во иднина ќе се прошири, со цел на најмалку 500 домаќинства да им се овозможи да се стекнат со ефтин и обновлив извор на енергија, а ќе се поддржи и креирањето на цел индустриски сектор за дизајнирање, изработка, инсталирање и одржување на овие системи.(Буџет: најмалку 400.000 евра Рok: 2014-КОНТИНУИРАНО)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Субвенции за сончеви колектори за домаќинствата се доделуваат  секоја година во овој мандат на Владтата, односно во 2014, 2015 и во 2016 година, но тие достигнуваат најмногу 300 евра, а не 500 евра како што е ветено во Изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ „Проверено“ (2014-2018) во делот „Енергетски сектор (стр.127). Така што, ова изборно ветување го оценуваме како делумно исполнето.

Владата  во јануари 2014 година  објави оглас за субвенции за инсталирање на сончеви колектори во домаќинствата, со надоместок од 30 отсто од вкупната инвестиција, но  не повеќе од 300 евра. Јавното извлекување на лицата што се стекнаа со правото на ваков надоместок беше во јуни 2014 година.

Вакви огласи Владата објави и во 2015 и во 2016 година, а висисната на субвенцијата беше идентична – 30 отсто од трошоците, односно од вредноста на сончевиот колектор, но максимум 18.000 илјади денари.

Во  Отчетот за реализација на програмата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија” (стр.106), за проектот „Соларни термални системи“,  меѓу другото,  е напишано:

Во изминатиот период се субвенционираше инсталирање на соларни термални системи во домаќинствата при што вкупно беа исплатени 45.800.000 денари (747.000 евра) од Буџетот на Република Македонија, при што беа субвенционирани вкупно 3.611 домаќинства. Со оваа мерка на годишно ниво се заштедуваат околу 8,66 GWh електрична енергија.

Инаку, надоместок за  дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи се исплатуваше и во претходните мандати на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, поточно во 2007, 2009, 2011, 2012 и 2013 година.

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Оливера Војновска

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.