Наместо ветените 50, вработени се 20 пожарникари

Фото: skopje.gov.mk

 

Градоначалникот Скопје, Петре Шилегов, минатата година на свечено одбележување на 20 мај – Денот на пожарникарите, го даде следното ветување:

Оваа година (2018 н.з.) во Бригадата за противпожарна заштита предвидено е да бидат примени нови 50 пожарникари. Согласно со  европските стандарди пропорцијата е еден пожарникар на 1.500 жители, додека моменталната состојбата во Скопје  е еден пожарникар на 3.500 жители. Со овие вработувања ќе се зголеми капацитетот на бригадата за справување со предизвиците при извршувањето на работните задачи, а истовремено ќе е чекор поблиску до исполнување на европските стандарди. Заштитата од пожари и безбедноста на граѓаните е од исклучително значење за Градот Скопје. Секој спасен живот на наш сограѓанин е бесценет, и без вас оваа хумана мисија би била невозможна

[Извор: Официјален портал на Град Скопје, датум: 21.05. 2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ова ветување на скопскиот градоначалник Петре Шилегов, дека  во 2018 година Град Скопје ќе вработи 50 нови пожарникари, е делумно исполнето.

На почетокот на декември минатата година  Град Скопје објави оглас за вработување на 19 пожарникари во Бригадата за противпожарна заштита. Порталот „Сакам да кажам“ пренесе изјава  на градоначалникот Шилегов во која тој  вели дека „вработувањата на пожарникарите се врши преку блок дотации од Министерството за внатрешни работи и дека во наредниот период ќе бидат вработени и нови пожарникари, покрај овие кои ќе ги заменат пензионираните“.

За толку пожарникари ни одобрија блок дотации. Во минатото се случувало кога ќе има пензионирање да не се вработуваат нови, туку да се укине блок дотацијата. Ова е прва тура вработувања во Пожарната, на која со години и фалат пожарникари, вели Шилегов.

Деновиве (20.05.2019) во противпожарната станица во Автокоманда, по повод одбележувањето на Денот на пожарникарството, Шилегов, меѓу другото, кажа дека :

Бригадата за противпожарна заштита од оваа година е побогата за нови 20 пожарникари, а предвидени се и дополнителни 50-тина вработувања.

На тој начин, го зголемуваме капацитетот на бригадата, а истовремено сме чекор поблизу до исполнување на европските стандарди согласно со кои пропорцијата треба да биде еден пожарникар на 1.500 жители. Вложувањата во развојот на пожарникарството не смеат да престанат. Со секое наредно вложување во техничката опрема и човечките капацитети на противпожарната бригада работиме на создавање услови за поголема безбедност на граѓаните – додаде Шилегов

Па имајќи предвид, дека градоначалникот Шилегов точно пред една година вети дека ќе се вработат 50 нови пожарникари,  а досега се вработени 20, ветувањето го оценуваме како делумно исполнето.

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.