Направена е нова градинка во Црниче

vmro-dpmne-logo

 

Во октомври 2013 година градоначалничката на  Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ, на жителите од  урбаните заедници Црниче  и Пржино им вети:

 Нова градинка во склоп на подрачното училиште „Кузман Јосифовски – Питу”

 

 ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Новата детска градинка во Црниче,  клонот „Перуника“ во рамки на градинката „Весели цветови“, е пуштена  во употреба во ноември 2014 година. Ова е исполнето ветување на градоначалничката на Општина Кисела Вода,  Билјана Беличанец – Алексиќ, кое таа им го даде на жителите на урбаните заедници Црниче и Пржино на средбата одржана на 07.10.2013 година. Тогаш таа вети дека при реконструкција на подрачното училиште “Кузман Јосифовски – Питу” еден дел од ова  училиште ќе биде преадаптиран во градинка.

Во мај 2014 година од Општина Кисела Вода информираа дека градоначалничката Беличанец – Алексиќ извршила  увид во градежните работи во подрачното основно училиште во Црниче,  „Кузман Јосифовски Питу”, каде во тоа време се спроведуваа мерки за енергетска ефикасност. Притоа беше соопштено дека:

Беличанец-Алексиќ посвети посебно внимание на делот од училиштето кој треба да биде пренаменет во градинка за околу 60 деца. Се дискутираше за проблемите со кои се соочиле градежните работници при досегашната работа и можните решенија за нивно надминување, како би се обезбедила здрава и пријатна средина за престој на дечињата од овој дел од градот.

Новата градинка беше официјално  отворена на 29 ноември 2014 година. Од Општината информираа дека  градинката има капацитет да згрижи педесеттина деца, таа е сместена во адаптиран дел на подрачното училиште „Кузман Јосифонски Питу“ – на површина од околу 250 метри квадратни и за неа од општинскиот буџет се  издвоени 3. 700. 000 денари .

Во објавата на веб-страницата на Општината, но и  во медиумите тогаш беше пренесена изјава на градоначалничката Беличанец – Алексиќ во која таа вели дека:

Градинката се отвара на барање и поради зголемениот интерес на младата популација, младите родители, кои живеат во овој дел на Општина Кисела Вода и на ваков начин општината им излезе во пресрет.

Во истата информација може да се прочита  дека објектот е високоенергетски  и дека е реконструиран во  соработка со УНДП.

Сменети се прозорите, кровот фасадата. Го заменивме и системот за загревање со био маса кој овозможува 80 процентна заштеда во енергија, а нула проценти испуштање штетни гасови во воздухот. (Беличанец)

Новата градинка во Црниче се спомнува меѓу реализираните проекти  и во Отчетот  за сработеното во четиригодишниот мандат на градоначалничката на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ.

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *