Направени се чекори за поголема транспарентност на јавната администрација

Фото: pixabay.com

 

Ветување: Транспарентност на јавната администрација

  • Адекватно информирање на јавноста
  • Објавување на информации од јавен карактер

 [Изборна програма на ДУИ „Платформа 2016-2020“  стр.3, датум: декември 2016 ]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во платформата на ДУИ во делот „Јавна администрација“ (стр.3) каде се предвидени осум приоритетни цели за реформи во јавната администрација, како прв приоритет е „Транспарентност на јавната администрација“ со неколку потточки меѓу кои: „Адекватно информирање на јавноста“ и „Објавување на информации од јавен карактер“. Ова ветување на ДУИ,  имајќи ги предвид  реформите во јавната администрација преземени во рамките на реформскиот План „3-6-9“ го оценуваме како исполнето .

Во  Планот „3-6-9“, што го објави Владата на  5. јули 2017 година, во  првите три месеци беа спроведени седум ветени мерки од делот за реформа во јавната администрација кои „Вистиномер“ ги оценети како исполнети и најголем дел од овие точки се поврзани со транспарентноста на јавната администрација:

1. Владата ќе донесе Одлука за декалцификација на сите документи од интерес на јавноста

2. Укинување на одлуката за утврдување на надоместок за материјални трошоци за дадена информација, од имателите на информации

3. Ревидирање на Регистарот на иматели на информации од јавен карактер и лица надлежни за слободен пристап до информации од јавен карактер во сите институции и задолжување на институциите да ги објават на веб страните документите од јавен карактер

4. Објавување на дневните редови за седниците на Владата на веб страната

5. Формирање на тематски работни групи и започнување со ревизија на нацрт Стратегијата за реформа на јавната администрација и нацрт Акцискиот план, со претставници од институциите и граѓанскиот сектор и согласно коментарите на СИГМА

6. Продолжување со процесот на ажурирање на Регистарот на вработени во јавниот сектор со цел да се објави вкупната бројка на вработени по сектори

7. Започнување на сеопфатен дијалог за нацрт Програмата за управување со јавните финансии 2018-2021

На 17.11.2017 година  од Владата  за потребите на анализа на „Вистиномер“, посочија дека реализацијата на  делот посветен на реформата на администрацијата е стопроцентна, односно дека се исполнети сите седум мерки предвидени во овој реформски сегмент. Проверката на „Вистиномер“ покажа дека ова тврдење е точно.

На 29.12.2017, Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), ги објави Стратегијата за реформа во јавната администрација и Акцискиот план.

Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018 – 2022 ги утврдува мерките кои ќе бидат преземени во наредните пет години за остварување општите и посебните цели дефинирани во секоја од приоритетните области. Меѓу кои, во точка 3.3. „ОДГОВОРНОСТ, ОТЧЕТНОСТ И ТРАНСПАРЕНТНОСТ“,  почнувајќи од стр 40 во делот 3.3.1.4 „Транспарентност на институциите и пристап до информации од јавен карактер“, се посочени горенаведените спроведени реформи, а ,  исто така,  се предвидени и други реформи кои водат кон поголема транспарентност и отчетност на администрацијата.

Во врска со  Законот за слободен пристап до информации, пак, во Стратегијата за реформа на јавната администрација  е наведено:

Со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер се обезбедува јавност и отвореност во работењето на имателите на информации и им се овозможува на физичките и правните лица да го остваруваат правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.Со Законот се уредуваат условите, начинот и постапката за остварување на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, со кои располагаат имателите на информации. Увидот во бараната информација е бесплатен.

Минатиот месец ( 21.03.2018 г.),  на дебатата за предизвиците во јавната администрација одржана во организација на СИГМА,  претставникот на Директоратот за соседска политика и преговори за проширување при Европската Комисија,  Давид Кулен, во врска со транспарентноста во јавната администрација, изјави:

Нивото на транспарентност очигледно се има зголемено во последните месеци и се надевам дека тоа ќе продолжи во иста насока, донесена е и програмата за реформата во управувањето со јавните финансии, изработени се повеќе документи во јавната администрација, но подобрувањето на работата во државната служба е нешто на што треба да продолжиме да се фокусираме.

Иако, процесот на реформи за транспарентна јавна администрација е комплексен и долготраен, и не може да се направи „преку ноќ“, сепак, имајќи ги предвид досегашните преземени мерки во оваа насока, може да се каже дека ветувањето на ДУИ „Транспарентност на јавната администрација“, вклопено во „Планот 3-6-9“ и во Стратегијата за реформи во јавната администрација 2018-2022“, е исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Дрилон Салиу

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција