Наташа Габер-Дамјановска: Судијка која храбро го издвојува своето мислење

Фото: ustavensud.mk

 

Новата директорка на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ е проф. д-р Наташа Габер – Дамјановска. Таа во јавноста е пред сè позната по тоа што дури 16 пати ги издвојуваше своите мислења, во однос на своите колеги во Уставниот суд

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ ја именуваше проф. д-р Наташа Габер – Дамјановска за нов директор на Академијата. Сите ја знаеме избраната, посебно новинарите, како храбро го издвојуваше своето мислење во услови кога тој Суд дејствуваше доста „едногласно“. Од позначајните функции кои ги имаше секако ни е во меморијата и како директорка на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања.

Наташа Габер-Дамјановска дипломирала на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во учебната 1984/85, со среден успех 9,14. Магистрирала на Правниот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје со трудот под наслов: „Улогата на ПАСОК во социјалистичкото движење на Република Грција“, одбранет во 1990 година. Докторирала на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје во 1995 година, со дисертација под наслов: „Мнозинството во системот на политичкото и парламентарното одлучување“ и се здобила со звање доктор по политички науки.

Од април 1985 година до октомври 2008 година била вработена во Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје; од 7 октомври 2008 година е избрана за судија на Уставниот суд на Република Македонија.

Новата директорка на Академијата активно говори англиски и грчки јазик, (овој вториот секако и помогнал да ја направи магистерската дисертација), а има познавања и од францускиот и италијанскиот јазик.

На настан посветен на младите правници, говорејќи за своите почетоци во високото образование, таа ќе открие дека љубовта кон правото ја наследила од својот татко, еден од основачите на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Растев во семејство со интелектуално опкружување. За време на моето образование учев што е можно повеќе јазици. Достапноста на правната, политичката и филозофската литература беше една од претпоставките да се одлучам за правните студии. Имав поддршка од семејството. Додека студирав, студирав за знаење, знаењето е најважно. Не верувам дека за да се биде добар правник, потребно е да се имаат сите десетки, напротив, практиката покажала дека и студентите на кои не им биле сите десетки понатаму се докажале како одлични практичари и правници, истакна Габер-Дамјановска.

Образованието мора да биде квалитетно. Држава која не се базира на квалитетно образование своите темели ги поставува на песок. Секогаш градете сензибилност за почитување на човековите права и учете од постарите колеги бидејќи искуството е најдобар учител, нагласи тогаш професорката Габер-Дамјановска.

„Седмата сила“ посебно беше заинтригирана со начинот како оваа судијка го бранеше правото новинарите да известуваат од седниците во Собранието на РМ, откако тие, заедно со дел од тогашните пратеници-опозиционери, беа исфрлени од Парламентот во декември 2012 година.

Таа во април 2014 година не се согласи со своите колеги дека Уставниот суд треба да ја одбие инцијативата на новинарите за случувањата на 24 декември 2012 година во Собранието. Тогаш новинарите, меѓу кои и претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, побараа Судот да утврди дека е повреден највисокиот државен акт, со тоа што претставниците на медиумите беа отстранети од собраниската галерија за време на инцидентот.

Моето издвоено мислење се однесува првенствено на неможноста објективно да се произнесам за предметот, кој верувам дека е мошне специфичен случај за кој требаше да се земат предвид сите информации кои ги разјаснуваат правните и фактичките околности врзани со него. Со оглед на тоа дека информациите, фактите и доказите кои ги имаше судот предвид при одлучувањето беа единствено од писмена природа, сметам дека беа недоволни да се донесе мериторна и темелно одмерена одлука. Воедно жалам што судот не покажа спремност да се расчистат дилемите преку организирање на јавна расправа на која ќе се добиеше точен увид во фактичката состојба и изворно ќе се добиеја детални информации за настанот од сите инволвирани страни, напишала судијката во своето издвоено мислење.

Според неа, да се потсетиме, одлуката сама по себе е контрадикторна во своите наводи.

Прво афирмативно и широко ја обработува слободата на изразувањето…, но заклучува оправдувајќи ја интервенцијата (спорното дејствие) на собраниското обезбедување, и која се образложува со „заштитата на безбедноста, јавната сигурност и заштитата од немири или кривично дело, како и заштита на правата на другите…“ без притоа да постои цврста фактичка состојба која би го поткрепила тој став, нотирала Габер-Дамјановска.

Ова само ја покажува темелноста на Габер-Дамјановска и нејзиниот манир за слободите и правата да одмерува од едни модерни, либерални стојалишта.

И во други случаи таа го издвојуваше својот став и дури си дозволуваше дискретно да им даде замерки на своите колеги. Во една прилика ќе напише :

Сметам дека Уставниот суд, со оглед на тоа дека неговите одлуки играат голема улога во толкувањето на уставните принципи и со самото тоа и на нивната примена, а со цел обезбедување на хармоничното владеење на правото, при елаборацијата на сопствените одлуки поседува дискреционен простор кој треба да го користи за поопсежно појаснување на оспорените одредби и покрај евидентниот исход на самиот предмет. Во таа смисла, би сакала да го надополнам донесеното решение, истакнува судијката.

Впрочем, правната јавност ја респектираше до толку што сите нејзини издвоени мислења ги отпечати во посебна книга – МЦМС со заедно со проектот Техничка поддршка за граѓанските организации 2 – ТАКСО 2 ја издаде публикацијата „Во одбрана на Уставот и цивилизациските вредности“ на д-р Наташа Габер – Дамјановска. Публикацијата е збирка на дел од издвоените мислења на судски одлуки и решенија на судијката на Уставниот суд д-р Наташа Габер-Дамјановска.

Мотивот за објавување на оваа книга лежи во личната потреба да ги споделам со јавноста сопствените ставови и размислувања искажани за бројни правни дилеми со кои сум се сретнала во уставносудската пракса, се вели во предговорот на ова издание.

Колку за читателите треба да се знае дека таа има донесено 16 вакви одлуки кога другите колеги се согласиле да донесат одлуки и решенија за одбиени барања, неповедени или запрени постапки за различни прашања. Тие издвојувања се однесуваат на прашања како: слобода на јавното изразување, право на прекинување бременост, работничките права, слободата на здружување и сл. Публикацијата дури може да се смета за „стручна литература“ наменета за граѓанските организации и активисти, но исто толку е релевантна и за научната и за стручната јавност, за студентите, за судиите, за новинарите, за политичарите и за креаторите на јавното мислење.

Не треба да се споменува дека за тогашната власт (2008 – 2017) оваа судијка не беше омилена, што посебно се виде кога и беа поставувани пречки во нејзината кандидатура за судијка во Судот за човекови права во Стразбур.

Имено, по интервјуата спроведени со кандидатите од Македонија за судија во Европскиот суд за човекови права, Одборот при избор за судија, по состаноците одржани на 29 и 30.септември 2016 година со кандидатите, смета дека уставната судијка Наташа Габер-Дамјановска е најквалификуваниот македонски кандидат за судија во ЕСЧП. Одборот препорачува, со тесно мнозинство дека, Наташа Габер-Дамјановска е најквалификуваниот кандидат, пред Јован Илиевски.

Тројцата кандидати кои македонското МНР ги предложи за да ја заменат Мирјана Лазарова-Трајковска, чиј мандат истекуваше во јануари следната година, беа уставната судијка Габер-Дамјановска, обвинителот за организиран криминал и корупција Јован Илиевски и амбасадорот на Македонија во Ватикан, Звонимир Јанкуловски

Сепак, овдешната власт со силно лобирање успеа да направи Парламентарното собрание на Советот на Европа за судија од Република Македонија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур да го избере Јован Илиевски, познат инаку како баџанак на поранешниот прв човек на УБК Сашо Мијалков

Оттаму, последното гласање за избор на директор на Судската академија барем покажува дека состојбите во правосудството полека се менуваат.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Оставете реакција