Не е донесена стратегија за заштита на почвата

Фото: pixabay.com

ВЕТУВАЊЕ: Ќе донесеме стратегија за заштита на почвите. Ќе направиме мапа на загадени почви во државата. Ќе го комплетираме законодавството за нивна заштита.

[Извор: Програма на СДСМ (2016): „План за живот во Македонија“ (стр.227), датум: декември 2016 ]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

СДСМ не го исполни ветувањето дадено пред парламентарните избори во 2016 година дека ќе изготви стратегија за заштита на почвите, ќе направи мапа на загадени почви и ќе го комплетира законодавството за заштита на почвите. Според изборните проекции на СДСМ, ова ветување требаше да биде исполнето за шест месеци од изборот на Владата и затоа  е ставено во делот од „Планот за живот“ насловен „План 180 – Итни реформски приоритети на новата влада во првите 6 месеци“.  Но, наспроти ваквите планови на социјалдемократите, овие докменти не се донесени и по година и половина од изборот на Владата предводена од СДСМ.

Ова ветување СДСМ го помести во својата предизборна програма со намера да го заокружи и започнатиот процес на донесување на посебна регулатива за заштита на почвата преку воспоставување на интегриран систем за заштита и управување на почвата, со што ќе се придонесе кон подобрување на состојбата со почвата во насока на нејзино одржливо користење преку намалување на процесите кои водат кон нејзина деградација.

Дополнителен повод за регулирање на ова прашање беше и тоа што во изминатиот период пропадна обидот да се донесе закон за заштита на почвата. Имено, Министерството за животна средина во 2014 година подготви предлог на закон за заштита на почвата  со предлог тој да се применува од 2019 година, но овој закон не ги помина процедурите за донесување.

Во врска со ова прашање , во секцијата „Индикатори за заштита на животната средина“, поточно во делот „Напредок во управувањето со контаминирани локалитети – Релевантност за креирање на политиката“, Министерството за животна средина констатира дека:

Заштитата на почвите е регулирана со неколку закони, вклучително со оние кои се однесуваат на животната средина, заштита на природата, земјоделското земјиште, но посебен закон за почви, со јасна дефинираност на институционалните надлежности, не постои.

Во меѓувреме е изготвена физибилити студија за индустриските загадувачи и е извршена идентификација и прелиминарни истражувања кај 16 локалитети каде што е утврдена контаминација на почвата и се означени како „жешки точки“. Главни истражувања се спроведени кај осум локалитети. Имплементација на санациони мерки е спроведена кај три локалитети, додека комплетирањето на мерките не е направено ниту на еден локалитет.

Меѓутоа, сè уште не е донесена стратегија за заштита на почвата што може да се види од  увидот направен на интернет страната на Министерството за животна средина и просторно планирање. Во делот кој се однесува на донесени стратегии не може да се најде стратегија за заштита на почвите. Исто така, на страницата на Министерството не може да се најде карта (мапа) на загадени почви во Република Македонија, ниту пак, има најава дека се подготвуваат нови законски и подзаконски акти за заштита на почвата.

Информации дека се води расправа за подготовка на стратегија за заштита на почвите во Република Македонија нема ниту во медиумите, па оттука може да се заклучи дека ветувањето на СДСМ дека ќе изготви стратегија за заштита на почвите и мапа на загадени почви, планирано да се исполни за период од шест месеци по изборот на Владата,  не е исполнето.

 

ИЗВОРИ:

Оцени: Рада Исовска – Маневска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција