Не е формирана агенција за води

Фото: pixabay.com

Ќе формираме Агенција за води, институција надлежна за планско користење на водите. Оваа институција ќе има надлежност да ја следи состојбата со водите, од ниво на студиски решенија, планирање, зафаќање и реализација на проекти. Институција која ќе има надлежност да одговори на следните стратешки прашања: со колку вода располагаме, како е распределена по сливови и плански региони, колку и како ја користиме и потребите од вода за идниот развој или најкратко кажано каде, како и зошто се планира и ќе се инвестира во секторот водостопанство (некогашен Завод за водостопанство на РМ).

[ИЗВОР: Предизборна програма на СДСМ „План за живот во Македонија“, стр. 250 , датум: декември 2016]  

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Формирање „Агенција за води, институција надлежна за планско користење на водите“,  вети СДСМ  за предвремените парламентарни избори (декември 2016 г.) обврзувајќи се дека тоа ќе го стори во првите две години по доаѓањето на власт. Ова изборно ветување на социјалдемократите досега (31.05.2019) не е исполнето.

Агенцијата за води се споменува на повеќе места во нивната изборна програма: „План за живот во Македонија“, најнапред во поглавјето „Европска иднина и квалитетен живот“, каде што во планот за „Заштита од природни катастрофи“ (148), меѓу другото, се вели:

Ќе воведеме интегриран систем на управување со водите преку формирање на Агенција за води. Сите податоци за водните ресурси собрани од надлежните институции ќе бидат интегрирани на едно место и сите активности ќе се координираат користејќи единствен систем за управување и делување. Така ќе се воспостави ефективен и ефикасен систем за управување и заштита од ефектите на водата. Граѓаните/јавноста ќе имаат право за пристап кон подотоците за да учествуваат во процесот на планирање, превенција и делување.

Ветувањето го има на уште две места во изборната програма на СДСМ, во рамките на „Планот 24м – итни реформски приоритети на новата Влада во првите 2 години“ (стр.250 и стр.254). Што значи, според рокот за реализација наведен во програмата основањето на агенцијата за води требаше да биде направено најдоцна до денес (31.05.2019), со оглед на тоа што Владата предводена од СДСМ беше избрана на 31 мај 2017 година. Сепак, наспроти ваквите планови тоа не се случи.

Ваква агенција, инаку, се споменува и во Програмата за работата на Владата ( 2017-2020 г.), на стр.50, каде  во делот посветен, на „Заштита од природни катастрофи“, меѓу другото, е наведено речиси истото ветување од  „План за живот во Македонија“:

Владата ќе воведе интегриран систем на управување со водите преку формирање на Агенција за води. Сите податоци за водните ресурси собрани од надлежните институции ќе бидат интегрирани на едно место и сите активности ќе се координираат користејќи единствен систем за управување и делување. Користејќи ги сите расположливи податоци од институциите, од општините, но и сите достапни ресурси кои ЕУ ги става на располагање, веднаш ќе почнеме со изготвување на реален оперативен план за заштита од поплави за загрозените подрачја, а ќе ги преиспитаме плановите за заштита на секоја општина и градот Скопје. Континуирано ќе се спроведуваат обуки и информирање на населението за ризиците од поплава и како да се однесуваат во случај на поплава и други непогоди.

Но, освен споменатите заложби, досега, нема информации за тоа дали се во тек некакви конкретни активности за основање на ваква агенција.

Проверката на „Вистиномер“ покажа дека до моментот кога е пишуван овој текст  не е формирана агенција за води.

На веб-страниците на Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање и на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, не може да се најдат информации дека е донесена одлука/ решение за  формирање на  ваква агенција. Според тоа што може да се види на веб-страницата на Владата, меѓу „Самостојните органи на Владата“ нема и агенција за води, а вакво тело  нема ниту на веб-страниците  на споменатите две министерства.

Исто така, информација дека е формирана агенција за води не може да се добие ниту со детална проверка на интернет преку Гугл и македонските агрегатори на вести.

Па,  имајќи го предвид сето ова, како и фактот дека според плановите на  социјалдемократите, споменатата агенција требаше да биде формирана во првите две години од мандатот, ветувањето го оценуваме како  неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција