Не е формирана „Еко-канцеларија за подигнување на еколошка свест на компаниите“

Информацијата како двигател на јавната свест за заштита на животната средина Фото: Скриншот

Со проектот ќе се иницира формирање на Еко-канцеларија во функција на подигање на еколошката свест кај вработените во компаниите. Со тоа ќе се поттикне штедење на материјали потребни за канцелариско работење, заштеда на електрична енергија, заштеда на вода, како и воведување на системот на селектирање и рециклирање на отпадот. Еко-канцеларијата ќе помага во едуцирање на компаниите кои се заинтересирани да се однесуваат еколошки одговорно, а притоа да остварат заштеди во своето работење. Одговорното однесување на фирмите кон животната средина ќе влијае и на подобрување на нивната ефикасност и конкурентност и општествена одговорност. (Буџет: 300.000 денари од буџет на Р. Македонија, Рок: 2015-континуирано)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Проектот „Еко-канцеларија”, е најавен во Изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ 2014 -2018 година во делот – Заштита и унапредување на животната средина (стр.377), со рок на имплементација 2015 година – континуирано. Досега ова ветување не е исполнето.

Кога внимателно ќе се прочита ова ветување се забележува дека целна група на “Еко-канцеларијата” би биле правните лица, при што би се спроведувале активности за подобрување на нивната еколошка одговорност. Ова е дел од концептот на општествена одговорност на претпријатијата, современ концепт втемелен во секое развиено општество со кој компаниите ги интегрираат социјалните аспекти и аспектите на животната средина во своето деловно работење и во својата интеракција со учесниците, на доброволна основа. На пример, во Европската Унија , општествената одговорност е вградена во социјалната политика и политиката за вработување, политиката за развој на малите и средни претпријатија, политиката за заштита на животната средина, политиката за заштита на потрошувачите, правилата и процедурите за јавни набавки и надворешната политика. Несомнено е дека станува збор за исклучително важен концепт кој, меѓу другото, придонесува и за заштита на животната средина.

Електронското пребарување не дава податоци дека ваква „Еко – канцеларија” наменета особено за деловниот сектор е досега отворена. Доколку темелно се разгледаат стратешките документи на Министерството за животна средина (Предлог на Стратегија за управување со отпад на Република Македонија 2008 – 2020, Стратешкиот план на Министерството за период  2015-2017 година како и Отчетот за реализација на програмата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата “За подобра Македонија”) се потврдува дека проектот досега не е реализиран.

Во рамки на Стратешкиот план за период 2015-2017 година се споменуваат активности и кампањи за подигнување на јавната свест за заштита на животната средина, но не се споменува отворање на најавената “Еко-канцеларија”.

Во рамки на Министерство за животна средина и просторно планирање од 1999 година работи Канцеларијата за комуникација со јавноста чија цел е обезбедување на транспарентност и јавна достапност на информациите за различни аспекти за заштита на животната средина, но не се потенцира особена соработка со деловниот сектор.

Стратегија за управување со отпад на Република Македонија упатува на ниско ниво на свест за животната средина и за проблемите со отпадот во Македонија, отсуство на национална стратегија за информирање заради подигање на свеста на јавноста за проблемите со отпадот како и  недоволен институционален капацитет за спроведување на соодветни мерки. Стратегијата за подигање на јавната свест за животната средина е подготвена дури во 2003 година.

Имајќи ја предвид оваа анализа, може да се заклучи дека изборното ветувањето на ВМРО-ДПМНЕ: „Еко-канцеларија”,  не е исполнето. 

ИЗВОРИ:

Oценето од: Mилена Јосифовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција