Не е изграден колекторски систем во Радожда

Груевски во посета на Радожда Фото: Миа

ПРОЕКТ: Изградба на колектор на брегот кај Радожда за заштита на Охридското езеро

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето за изградба на колектор кај селото Радожда за заштита на Охридското езеро, е неисполнето ветување на ВМРО-ДПМНЕ, односно на експремиерот Никола Груевски.

За време на неговата посета на Радожда на 25.07.2016 година, во разговор со мештаните, Груевски посочи дека се собрани сите документи за овој проект за да се аплицира преку ИПА фондовите, со што треба да се обезбедат потребните средства:

Документот што недостасува за апликација утре ќе биде испратен , потпишан е од страна на градоначалникот Никола Бакрачески и во текот на следната година (2017 г.  н.з.) се очекува да бидат одобрени средствата. Градоначалникот Бакрачески ми кажа дека се работи за средства од 10 милиони евра, при што ако се прави само за Радожда е околу 1 милион, но добро е да се приклучи на целосната канализација , истакна во разговорот со мештаните и министерот Владо Мисајловски, лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, пренесе порталот Охрид1.

Истиот ден (25.07.2016) со реакција се јави СДСМ  потсетувајќи го Груевски дека тој и неговата ВМРО-ДПМНЕ уште пред една деценија ветиле  колекторски систем во Радожда:

Каде е колекторскиот систем што им го вети од пред 10 години? Поради тоа што Радожда сè уште нема колекторски систем, фекалиите од селото и околината одат директно во Охридското езеро и ја загадуваат водата. Наместо да се бламира Груевски со фалби за асфалтирани улички од по 20, 30 метри што е редовна обврска на властите, а па не и негова, веднаш да каже каде е колекторскиот систем?!

Дека ветувањето за колектор во Радожда е старо говори и фактот што жителите на ова село, за време на предизборната кампања за парламентраните избори во 2014 година, се пожалиле дека власта со години (уште од 2006) им ветува изградба на колекторски систем.

Власта 8 години  ни ветува дека ќе изгради колектор, но тоа сеуште не го направија. И патот е за никаде, а сакаме да развиваме туризам, се пожалија жителите на средбата со заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, која беше носител на листа во петтата изборна единица.

На 13.04.2012 година, весникот Вечер објави дека со пари од јапонската Влада ќе се реконструира постоечкиот колектор на Охридското Езеро, но и ќе се доизгради нов на потегот од Пештани до Свети Наум и од Радожда до Калишта.

До средината на јуни треба да се добие одобрение за проектот, а санацијата на изградениот дел од колекторот и доизградбата на нов на потегот од Пештани до Свети Наум и од Радожда до Калишта, да почне наредната година.

Според весникот, Јапонија и Македонија во Токио на премиерско ниво договорија поддршка на еколошки проекти во износ од сто милиони евра. Во 2012 година, на чело на Владата беше токму Никола Груевски.

Изградба на колектор во селото Радожда, ВМРО-ДПМНЕ ветила за локалните избори во 2013 година. Тогаш за градоначалник на Струга беше избран Зијадин Села од ДПА, но ВМРО-ДПМНЕ ја имаше централната власт во свои раце.

Ветувањето за изградба на колектор во Радожда е содржано во програмата на кандидатот за градоначалник на Струга од ВМРО-ДПМНЕ Владимир Кочоски, насловена како „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра Општина Струга“ (Комунални работи и инфраструктура стр. 40).

Проект: Изградба на колектор во село Радожда
Опис: Изградбата на колекторскиот систем ќе овозможи заштита на Охридското езеро од загадените испустни води и решавање на проблемите на граѓаните со канализационата мрежа. Оваа изградба се очекува да се реализира преку донација од меѓународни финансиски институции. Извори на финансирање: Меѓународни финансиски институции (Рок: 2013- 2017 година)

Колекторски систем се спомнува и во најновата програма на ВМРО-ДПМНЕ – „Реално“ (2017 – 2020) во делот за Заштита и унапредување на животната средина и природата (стр.494).

10. ПРОЕКТ: НАДГРАДБА НА ПРЕЧИСТИТЕЛНА СТАНИЦА ЗА ОТПАДНИ ВОДИ ВО ВРАНИШТА И ПРОШИРУВАЊЕ НА КОЛЕКТОРСКИОТ СИСТЕМ ЗА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО
Проектот ќе овозможи надградба на постојната пречистителна станица за отпадни води во Враништа и ќе по- могне да се прошири канализациониот систем за собирање на отпадни води околу Охридското Езеро, и тоа за населените места: Калишта, Радожда, Вевчани, Октиси, Долна Белица, дел од Велешта, како и други населени места. Овој Проект ќе придонесе за зголемување на капацитетот за прочистување на отпадни води и поефикасна работа на постојната пречистителна станица со што ќе се овозможи поинтегрална заштита на Охридското Езеро. Подготвена е проектна документација за надградба на пречистителна станица за отпадни води во Враништа, проширување на колекторскиот систем за Охридското Езеро и одвојување на фекалната и атмосферска канали- зација за градовите Охрид и Струга. Доколку не се обезбеди финансирање за градбата преку ИПА 2 програмата,  тогаш ќе се обезбедат средства за градба на пречистителна станица со канализационен систем за населените места Радожда и Калишта со средства од Буџетот на РМ, доколку постои согласност од општината. (Буџет: 9,1 милиони евра (ЕУ/ИПА 2 Програма и обезбедено кофинансирање од Буџетот на РМ) РОК: ДЕКЕМВРИ 2020 ГОДИНА)

Имајќи предвид дека проектот бил ветен во програмата за локалните избори во 2013 година,  дека експремиерот Груевски неколкупати ветувал изградба на колекторски систем во Радожда, како и фактот дека колекторски систем во Радожда досега не е изграден и се спомнува во програмата на ВМРО-ДПМНЕ за последните вонредни парламентарни избори (декември 2016 година) како проект кој треба да се реализира до декември 2020 година, може да се заклучи дека ова ветување е неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција