Не е изграден систем за канализација во Општина Теарце

Поплочена уличка во c.Слатинo, О. Теарце - канализација нема. Фото: Веб сајт на О. Теарце

 

Проект: Изградба на систем за канализација (2013-2017)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Проектот за изградба на „Систем за канилизација“, ветен како втор приоритетен во изборната програма „Заедно градиме“, на градоначалникот на ДУИ за Општина Теарце, Исен Асани, сега кандидат за локалните избори во ова Општина, не е исполнет. 

На официјалната веб-страница на Општина Теарце, во делот  „Реализирани проекти“ каде се поставени извршените проекти за секое село на ова општина, нема информација за остварување на овој проект, ниту пак, за некоја постапка или друга информација поврзана со почеток на изградба на системот за канализација.

Во годишниот Отчет за 2014-2015, исто така нема информации за почетни теренски активности за системот на канизација во ова Општина, или пак, некоја евентуална пречка во постапките и подготовката на документацијата за овој проект.

Ниту во информативниот Билтен за  април/мај 2017 година, во кој се поставени сите реализирани проекти и активности за овој период нема информација за почеток на градежни работи во врска со ветената канализација во Општина Теарце.

Исто така, со пребарување преку интернет на базата на податоци на медиумите не најдовме ниту една вест во која што се говори за градежни работи во селата на Општина Теарце за изградба на систем за канализација.

Овој проект беше поставен како втор приоритет во програмата „Заедно градиме“, а е оценет како нереализиран проект и во истражувањето на Призма за ова Општина, каде за овој проект се вели:

Проектот за изградба на систем на канализација за Општината, кој требало да биде завршен до 2017 година, не е реализиран. Досега е изработена само техничка документација за канализациите за населените места вклучени во проектот, во должина од 74 километри. Вредноста на целата инвестиција е над 10 милиони евра, средства што не се обезбедени.

И од тоа што може да се види и на терен на почетокот на октомври 2017 г, може да се констатира дека не е направено ништо во насока за почеток градежните работи за систем на канализација во ова Општина.

Поради сите наведени аргументи може да се заклучи дека ветувањето на градоначалникот на Теарце, Асани, за изградба на „Систем за канилизација“е неисполнето.

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција