Не е изграден студентски град во Скопје
ВЕТУВАЊЕ: Во Скопје, кај студентските домови „Гоце Делчев“ и „Стив Наумов“ ќе изградиме студентски град. Ова ќе значи повеќе интервенции во просторот, со комплетно нови модерни архитектонски решенија, како и функционални содржини: спортски сали, читални, библиотеки, ресторани, кино-сали и фитнес-центри.
[Извор: Програма на СДСМ (2016) „План за живот во Македонија“(стр.224), датум: декември 2016]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
СДСМ не го исполни ветувањето дека во првите шест месеци од формирањето на Владата ќе изгради студентски град во Скопје кај студетнските домови „Гоце Делчев“ и „Стив Наумов“ .
Ветувањето за изградба на студентски град во Скопје и изградба на студентски домови во сите градови каде што има универзитети во земјава, СДСМ го даде во кампањата за предвремените парламентарни избори во 2016 година, како одговор на лошите услови во студентските домови во Скопје и потребата студентите подобро да се организираат, а нивниот живот во домовите да се приближи на повеќето европски универзитетски градови. Споменатото ветување на социјалдемократите е посочено во нивната изборна програма „План за живот во Македонија“(стр.224), во „Планот 180° – итни реформски приоритети на новата Влада во привите шест месеци“ (стр.224).
Ова ветување го има и „Програма за работа на Владата“ (2017- 2020) во делот „Институции во служба на граѓаните – Образование за новото време“ стр. 31.
Владата ќе започне изградба на студентски град во Скопје, со комплетно нови модерни архитектонски и хортикултурни решенија, како и функционални содржини: спортски сали, читални, библиотеки, ресторани, кино-сали и фитнес-центри. Исто така, Владата ќе ја заврши изградбата на универзитетскиот комплекс „Мајка Тереза“. Дополнително, Владата ќе гради нова студентска зграда во Автокоманда со преку 700 легла преку јавно-приватно партнерство. Во Битола, Штип и во Тетово, градовите седишта на државните универзитети, ќе изградиме универзитетски кампуси, преку реконструкција и преадаптација на постоечките објекти, доградба на соодветни нови инфраструктурни содржини и зголемување на капацитетот на постојните домови
За изградба и реконструкција на студентски домови во буџетите на Министерството за образование за 2017 година беа планирани 325 милиони денари (5,3 милиони евра), а за 2018 година се планирани 270 милиони денари (4,4 милиони евра), но лани и во првите шест месеци од оваа година нема никакви активности во рамки на студентските домови „Гоце Делчев“ и „Стив Наумов“ околу изградба на студентски град.
Проверката на јавните набавки на Министерството за образование лани и првите шест месеци од годинава покажува дека нема распишан тендер за избор на понудувач за изградба на студентски град во Скопје.
Нема ниту информации во медиумите дека е почната изградба на студентски град со сите содржини кои што се наведени во „Планот за живот во Македонија“ на стр. 224.
Според тоа, СДСМ не го исполни ветувањето дека ќе започне изградба на студентски град во Скопје, со комплетно нови модерни архитектонски и хортикултурни решенија, како и функционални содржини: спортски сали, читални, библиотеки, ресторани, кино-сали и фитнес-центри во првите шест месеци по изборот на Владата.
ИЗВОРИ:
- Програма на СДСМ за предвремени парламентарни избори 2016 година „План за живот во Македонија“. [Пристапено: 25.06.2018]
- Фактор (26.10.2016) : „Заев вети студентски град во Скопје“ [Пристапено: 25.06.2018]
- Програма за работа на Влада 2017-2020 [Пристапено: 25.06.2018]
- Радио МОФ (10.03.2017): Предлог владина програма: Укинување екстерно, задолжително забавиште и автономија на универзитетот [Пристапено: 25.06.2018]
- МОН Буџет 2017 [Пристапено: 25.06.2018]
- МОН Буџет 2018 [Пристапено: 25.06.2018]
- МОН јавни набавки [Пристапено: 25.06.2018]
Оцени: Рада Исовска-Маневска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар