Не е изградена браната „Конско“

Само најави за изградба на Конска брана Фото: Принтскрин

 

Изградба на Конска брана Целта на проектот е да се обезбеди доволно количество вода за наводнување на регионите на Гевгелија и на Богданци, како и дополнување на Дојранско Езеро по гравитациски пад во невегетацискиот период, со изградба на хид- роцентрала. (Рок на реализација: 2014–2017 година)

 

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Проектот за изградба на Конска брана  е најавен во Изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ и на актуелниот градоначалник на Гевгелија, Иван Франгов за локалните избори во 2013 година (во делот Урбанизам и животна средина  стр .33). Во споменатата програма  насловена „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра Општина Гевгелија“, овој проект е наведен меѓу „најзначајните проекти во Општина Гевгелија“(стр.11) и истиот е предвиден да се реализира во периодот 2014 – 2017 година. Досега – 21.03.2017 година, ова  изборно ветување не е исполнето.

Во ноември 2016 година од турската компанија „Адалихолдинг“, која беше избрана на тендер како изведувач на „Конска брана“, најавија дека изградбата на браната ќе почне на крајот од 2016 година. На средбата на градоначалникот Франгов со заменик-директорот за енергетика на  „Адалихолдинг“ Ебубекир Туран,  како што пренесоа медиумите,  Туран соопштил дека компанијата е подготвена за почеток на работите и оти се чека одобрение за градба.

На почетокот на декември целиот урбанистички проект ќе го претставиме во Гевгелија и веднаш ќе започнеме со изградбата на овој долгоочекуван капитален објект кој многу ќе ја промени економската, социјалната и туристичката слика на општина Гевгелија. (Туран)

Во декември 2016 година , неколку дена пред одржувањето на вонредните парламентарни избори (11.12.2016), медиумите информираа дека заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ванчо Костадиновски,  заедно со градоначалникот на Гевгелија, Франгов, го посетиле местото во близина на селото Конско, каде треба да се гради Конска брана . Во оваа информација се споменува дека очекувањата  се овој објект да биде изграден во 2021 година:

 Костадиновски при тоа изјави дека браната Конско, која ќе биде мултинаменска, ќе служи за водоснабдување, наводнување, дотур на вода по природен пад до Дојранското езеро, како и развој на локалната туристичка понуда. Тоа е една од трите брани кои во наредниот период ќе почнат да се градат во Република Македонија и чие завршување се очекува во 2021 година.

На 17 јануари 2017 година, како што пренесоа медиумите,  заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство  Костадиновски, на прес- конференција соопшти дека согласно Програмата за инвестиции во водостопанството, во периодот 2017 – 2020 година, за изградба, санација и рехабилитација на водостопанската инфраструктура во земјава ќе бидат инвестирани најмалку 140 милиони евра. Притоа, меѓу проектите кои ќе се реализираат во споменатиот период ја наведе и браната „Конско“:

Изградба на браната Конско, вредна преку 40 милиони евра, која ќе ја покрива Општина Гевгелија и преку гравитациски системи ќе го полни Дојранското езеро, изградба на браната Речани на Оризарска река, инвестиција вредна 33 милиони евра што ќе значи водоснабдување и наводнување на 1.500 хектраи во Виница, Кочани и Чешиново-Облешево, како и изградба на хидросистемот Равен Речица вреден 15 милиони евра со кој ќе се наводнуваат 3.200 хектари во западниот дел на Македонија, вклучувајќи го и Полошко, се трите капитални инвестиции за кои е веќе подготвена техничката документација и чија реализација е во тек. (Костадиновски)

Во март 2017 година градоначалникот Франгов на презентацијата на Извештајот за работата во 2016 пред Советот на Општина Гевгелија, најави дека во наредниот период ќе почне изградбата на браната „ Конско“, но не кажа прецизно кога тоа ќе се случи:

По јавната презентација и анкета на Студијата за оценка на влијанието на животната средина, беше издадено одобрение за градба на Конска брана, така што наскоро се очекува изведувачот на овој капитален зафат – турската компанија „Адилхолдинг“ да стартува со изградбата

Проектот за изградба на Конска брана го има и во програмата на ВМРО-ДПМНЕ за предвремените парламентарни избори 2016 „Реално“, како проект што треба да се реализира во периодот 2017 – 2019 година. Во делот „Изградба и реновирање на водостопанската инфраструктура(стр.164)“ за овој проект пишува:

Брана Конско, Гевгелија.

 Ќе биде изградена брана со акумулација со која ќе се овозможи водоснабдување на Општина Гевгелија и ќе се обезбеди можност за гравитационо наводнување на 4.500 ха површини земјо- делско земјиште кои сега се наводнуваат со пумпање. Со реализацијата на овој проект дополнително ќе се создадат услови за обезбедување нови количини вода за подобрување на хидролошката состојба на Дојранското Езеро. Потпишан е договор за изведба на работите, по добивање на одобрение за градење, до крајот на 2016 година се планира да се започне со изведбата. Планираната вредност на инвестицијата е 39,71 милион евра.

Па, имајќи предвид дека мандатот на Франгов завршува за два месеца (мај 2017), а изградбата на браната Конско се најавува како проект што допрва треба да се реализира во наредните три-четири години,  ова негово изборно ветување го оценуваме како  неисполнето.

  

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.