Не е изградена нова градинка во Стајковци

vmro-dpmne-logo

 

 Проект: Изградба на нова детска градинка во населеното место Стајковци, со што ќе се овозможи поголем капацитет за сместување на децата во предучилишни установи, при што ќе ја подигнеме нивната ресоцијализација на повисоко ниво. (Рок: 2017 година)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Проектот за изградба на нова детска градинка во Стајковци е неисполенто ветување на градоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски. Проектот е дел од предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори 2013-2017 година, насловена како: „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра Општина Гази Баба“ (стр.64).

Советот на Oпштина Гази Баба, на седницата одржана на 11.03.2016 година, донесе Одлука за измена на распоредот на средствата во Буџетот на Општина Гази Баба за 2016 година.

Со пренамена на средствата во Основниот Буџет во висина од 4.000.000,00 денари ќе се овозможи купување на градежно земјиште за реализација на проект за изградба на детска градинка во населеното место Стајковци, јави Курир.

На 12.07.2016 година, ВМРО-ДПМНЕ на својата официјална веб страна објави информација дека Општина Гази Баба е во фаза на изнаоѓање на земјиште на кое ќе биде изградена нова градинка во Стајковци.

Градоначалникот на Општината Тони Трајковски на денешниот состанок на кој се разгледуваше прогресот на решавање на барањата на граѓаните кои произлегоа од теренските посети кои се реализираат истакна дека нашле приватно земјиште за кое сопственикот се согласил, а на општината и одговара локацијата.

Оваа година средставата ги планираме за откуп на земјиште, а веќе во буџетот за следната година (2017 н.з.) се договоривме и со министрот, планираме околу крајот на февруари да започнеме со тендерска постапка и потоа со градба (Трајковски).

Во истата информација  е наведено и дека:

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски заклучи дека кон почетокот на 2017 година ќе се започне со градба на градинката.

На 02.12.2016 година, во рамки на кампањата за предвремените парламентарни избори, тогашниот заменик-министер за образование, Спиро Ристовски од ВМРО-ДПМНЕ заедно со кандидатите за пратеници беше во посета на населените места Стајковци, Хиподром и Ченто во Општина Гази Баба. Оттаму, како што пренесе Пулс24 тој најавил дека програмата на ВМРО-ДПМНЕ за парламентарните избори насловена како „Реално“, предвидува изградба на нова градинка во Стајковци.

Инаку за Општина Гази Баба во програмата Реално е предвида и изградба на нова градинка во Стајковци, фитнес зона, неколку игралишта, изградба на подземна инфраструктура, реконструкција на голем број на улици во сите населени места, реконструкција на локалните патишта кои што ги поврзуваат населените места и многу други проекти.

Во програмата „Реално“, проектот за изградба на нова градинка во Стајковци е предвиден во делот на капитални инвестиции  (Изградба на 140 детски градинки, стр.199). Планот за негова реализација е јуни 2019 година.

2019 година, вкупно 10 објекти – детски градинки, објекти и групи во општините: Сопиште (март), Велес (арпил), Неготино (мај), Гази Баба во с. Стајковци (јуни), Тетово (јули), Охрид во с. Рача (август), Брвеница (септември), Градско (октомври), Пехчево (ноември) и Валандово во с. Балинци (декември).

Сепак, до моментот кога е пишуван овој текст (27.07.2017), од она што може да се види и прочита на официјалниот сајт на Општина Гази Баба, не е направено ништо во насока на почеток на изградба на новата градинка во Стајковци. На сајтот на Општината, во архивата на вести објавени во 2017 година, нема ниту една информација поврзана со некаков тендер или почеток на изградба на градинката.

Имајќи го предвид сето погоре кажано, може да се заклучи дека ветувањето на градоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски за изградба на нова детска градинка во Стајковци, е неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

Оцени: Ана Анастасовска


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *