Не е изградена нова поликлиника во Општина Илинден

Засега само најави за нова поликлиника. Фото: Општина Илинден

 

Проект: Изградба на здравствен дом – поликлиника

Опис на проектот: Проектот има за цел изградба на нова поликлиника – здравствен дом за потребите на сите граѓани. Проектот ќе биде реализиран од страна на приватен инвеститор. (Рок: 2013-2017 година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Борејќи се за трет градоначалнички мандат на локалните избори во 2013 година, градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски во својата изборна програма, на 12. страница, на жителите на Општината им вети дека ќе се изгради нова поликлиника, односно нов Здравствен дом, од страна на приватен инвеститор. Како краен рок ја наведува 2017 година, односно истекот на неговиот мандат.

Како што утврдивме истражувајќи, освен што е исцртана парцела, други активности за реализација на ова ветување не се направени, новата поликлиника не е направена, па ветувањето на Жика Стојановски е неисполнето, со оглед на тоа што до крајот на неговиот мандат има помалку од 3 месеци и шансите тоа да биде направено се минимални.

На 30 ноември 2013 година, давајќи отчет за дотогаш реализираното, Стојановски наведе дека претстои изградба на поликлиника, за која приватниот инвеститор е најден, а градежната парцела е зацртана.

На 16 јули 2015 година, при ставање камен – темелник за нова амбуланта во селото Миладиновци, Стојановски вели и дека есента таа година ќе почне изградбата на нова поликлиника.

Најави нова инвестиција во областа на здравството, односно изградба на нов објект здравствен дом, поликлиника во Илинден на 4.000 м2 од приватен инвеститор. Изградбата ќе почне наесен.

Но, во отчетот на Стојановски пред жителите на Општината за реализираното во 2015 година, објавен на 6 февруари 2016 година, на 13 страница, каде е пласирана информацијата дека во Миладиновци е пуштена во употреба новата амбуланта, повторно читаме само најава дека треба да почне изградбата на новата поликлиника, во населба Илинден.

Во населба Илинден подготвена е парцела за изградба на Здравствен дом, на површина од 4.000 м2, со кој на граѓаните ќе им се овозможи широк спектар на здравствени услуги. Обезбеден е инвеститор, извадено е одобрение за градење, претстои отпочнување со градба.

Пребарувавме да видиме што се сменило на тој план од почетокот на 2016 година досега. Прелистувањето на категоријата „Известувања“ на веб-сајтот на Општина Илинден (наназад до септември 2015 година), кој инаку е еден од петте најажурирани општински сајтови во земјава, не нè доведе до ниту една информација за преземени чекори за изградбата на поликлиниката. И пребарувањето на општинскиот веб-сајт за клучен збор „поликлиника“ не нè доведе до потврда дека нешто е преземено за изградба на ваков крупен објект, кој би бил здравствен дом.

Во обраќањето на градоначалникот Жика Стојановски во Општински информатор бр. 46-47, односно најновиот број, на 3. страница, тој не споменува ништо за поликлиниката, туку само кажува дека е уреден просторот околу амбулантата во Илинден, што зборува дека уште нема нов здравствен дом.

Изградивме и пуштивме во употреба нов објект на Амбуланта во Миладиновци, која опфаќа 4.500 жители од 6 населени места:  Миладиновци,  Бујковци,  Мршевци, Бучинци, Текија и Дељадровци и извршивме уредување на просторот околу амбулантата во населба Илинден.

Со сите работи што ги откривме, исто како и со пребарувањето на агрегаторот на вести „Грид“, се уверивме дека не се гради нова поликлиника, а и кога би се почнало сега со изградба, нов објект тешко би станал реалност пред крајот на мандатот на Жика Стојановски. Поради тоа, ова изборно ветување е неисполнето.

 

ИЗВОРИ

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција