Не е изградена ветената марина во Охрид

Нема информации дали е избрано идејното решение според кое треба да се гради марината во Охрид, Фото: Скриншот

Урбанистички ќе го уредиме просторот околу вливот на реката Грашница и ќе го понудиме на партнер, кој ќе инвестира во изградба на современа марина за помали пловни објекти. Проектот во постапка ќе го понудиме на заинтересиран инвеститор со цел да се реализира преку моделот на јавно-приватно партнерство. (средства: во согласност со проектот, извори на финансирање: ЈПП, Рок 2013 – 2015 година)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Проектот за изградба на марина Охрид е најавен во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ (за локални избори 2013-2017 година во Охрид, дел „Туризам“, стр.47), чиј кандидат и актуелен градоначалник е Никола Бакрачески.  Досега (17.03.2016), ова  ветување не е исполнето, но отпочнати се одредени подготвителни активности, затоа  оценката за овој проект е „во тек“.

 

Во септември 2015 година Советот на Општина Охрид ја усвои физибилити студија за оправданост од воспоставување на договор за јавно приватно партнерство за изградба и управување со „мала марина“ на локација мало пристаниште во Охрид. Еден од советниците, Дејан Пановски, тогаш предупреди на потребата од внимателност со експериментирање со заштитениот појас на езерото:

Реконструкцијата на т.н. старо пристаниште е потребна, и тука нема двојби. Меѓутоа, проблемот е во тој појас кој е заштитен во басенот на езерото и е дел од целокупната слика на Охрид, не смее да се експериментира и да се градат градби кои ја нарушуваат визурата на градот. Од тој аспект, повикав да се согледаат сите еколошки аспекти при изградбата на овој проект. Економскиот развој, градбите може да се прават на секое друго место, освен во заштитената зона и тоа треба да се има во предвид при градењето на овие објекти (Oхрид 24, 23. 09.2015 година)

Деталите околу марината која подолг период се планира да се гради во Охрид, станаа достапни на јавноста со објавување на повикот за идејно решение од страна на Министерство за транспорт и врска на 24.12.2015 година. Според повикот, се бара идејното решение да биде изработено за две локации, пред Центарот за обука на вода на АРМ и езерската полиција во Охрид, од каналот Билјанинин извори во насока кон Горица. Локацијата би се утврдила откако ќе се добијат идејните решенија. Понатаму, повикот бара решението да содржи изградба на понтонски мостови со можност на поврзување на марината и градското пристаниште, место за приврзување на минимум 300 пловни објекти и паркирање на минимум 10 бродови. Дополнително, марината би имала комплетна комунална и електрична инфраструктура, пловидбена сигнализација, паркинг за возила и пловни објекти и архитектонско решение за ресторан.

Несомнено е дека станува збор за исклучително амбициозен проект. На објавувањето на овој повик претходеше изработка на физибилити студија според која како најсоодветен модел за изградба на марината е посочен моделот на јавно приватно партнерство, а инвестицијата би чинела 929.000  или 1.030.000 евра зависно од тоа кој проект би се прифатил.

По објавувањето на конкурсот за избор на идејно решение, досега нема информација дека е истото е избрано, ниту, пак, дополнителни достапни информации околу тоа со кое темпо и инвестиции би се градела марината во Охрид. Логичен тек би било откако ќе се избере идејното решение да следи подготовка на основен проект.

Одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Охрид на 09.01.2016 година, тогашниот премиер Никола Груевски изјави дека е обезбедена финансиската конструкција за овој проект. На 07.02.2016 година, во медиумите имаше информација дека МЕПСО ќе биде инвеститор на овој проект.

Рокот за имплементација на овој проект е 2013-2015 година и истиот е веќе надминат. Но, со оглед на тоа што се отпочнати одредени активности  за  реализација на овој проект, го оценуваме „во тек“.

ЛИНКОВИ:

 

Оценето од: Mилена Јосифовска