Не е изградено ново основно училиште во Визбегово
Изградба на ново основно училиште во Визбегово
Во населеното место Визбегово има голема потреба од изградба на ново основно училиште, што би било осмо на територија на Општината. Во новото основно училиште ќе се школуваат окулу 50 ученици од населените места с.Визбегово и Шуто Оризари. Новиот ДУП со кој е предвидена изградбата на ова училиште е веќе донесен и се очекува негова реализација, односно започнување со реконструкцијата во април месец. (Рок: јуни 2015)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Градоначалникот на Бутел, Петре Латиновски во Изборната програмата (2013-2017) „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра Општина Бутел“ (Образование и наука стр. 19), вети изградба на ново основно училиште во Визбегово. Во Програмата, со која Латиновски на локалните избори во 2013 година побара и доби трет градоначалнички мандат во Општината Бутел, е наведено дека овој проект треба да се реализира до јуни 2015 година. Но, иако рокот за реализација посочен во програмата на Латиновски е поминат, досега (24.08.2016) во Визбегово не е изградено ново основно училиште, така што, ова изборно ветување е неисполнето.
Во почетокот на 2015 година градоначалникот Латиновски изградбата на основно училиште во Визбегово ја посочи како една од четирите капитални инвестиции за обрзовен бум во Општина Бутел. На 29 јануари 2015 Латиновски најави дека наесен (2015) ќе почне изградбата на училиштето. Според информацијата пренесена во медиумите:
На седницата на Советот на општината што се одржа вчера (28.01.2015) советниците донеле одлука и за започнување на изградба на основно училиште во Визбегово. Градоначалникот се надева дека камен-темелникот и за ова училиште ќе се удри од први септември (2015).
На 22. 07. 2015 г. Латиновски при посетата новото основно училиште ,,Живко Брајковски“, чија изградба тогаш беше во завршна фаза, меѓу другото, изјави
дека во наредната година (2016 н.з.) ќе биде ставен камен-темелник на ново училиште во Визбегово, што зависи од решавањето на имотно-правниот спор во врска со земјиштето каде што треба да се гради училиштето.
Сепак, електронското пребарување не дава информации дека досега (24.08.2016) е поставен камен-темелник за училиштето во Визбегово, ниту пак, има достапни информации за некакви градежни активности поврзани со овој проект.
И на веб-страницата на Општина Бутел, нема записи дека се гради или почнала изградбата на споменатото основно училиште. Пребарувањето води единствено до информацијата насловена „ПРОЕКТИ ЗА ПОДОБАР ЖИВОТ НА ГРАЃАНИТЕ“, објавена на 13 јуни 2016 година, а во која само се споменува дека е при крај изработката на документацијата.
Кога сме кај проектите за најмладите и образованието, во завршна фаза е комплетирањето на документацијата за изградба на новото основно училиште во Визбегово.
Имајќи го предвид сето ова може да се заклучи дека ветувањето: „Изградба на ново основно училиште во Визбегово “ , е неисполнето.
ИЗВОРИ:
- Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори 2013-2017 година „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобар Бутел“ (стр.19) [Пристапено: 24.08.2016]
- Вести (29.01.2015): Сите училишта во Бутел ќе добијат нов лик [Пристапено: 24.08.2016]
- Вечер (29.01.2015): Четири капитални инвестиции за образовен бум во Бутел [Пристапено: 24.08.2016]
- Официјална веб страна на општина Бутел (22.07.2015) СТАВРЕСКИ, РИСТОВСКИ И ЛАТИНОВСКИ ВО ОБИКОЛКА НА ЗАВРШНАТА ФАЗА ОД ИЗГРАДБАТА НА ОУ ЖИВКО БРАЈКОВСКИ [Пристапено: 24.08.2016]
- Официјална веб страна на општина Бутел [Пристапено: 24.08.2016]
- Официјална веб страна на општина Бутел (13.06.2016) ПРОЕКТИ ЗА ПОДОБАР ЖИВОТ НА ГРАЃАНИТЕ [Пристапено: 24.08.2016]
Оценето од: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар