Не е изградено ветеното основно училиште во Горно Нерези

grom-logo

 

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, на средбата на експремиерот и претседател на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски со градоначалници на повеќе општини и со дел од министрите во Владата, што се одржа на 12 јули 2016 година, како што пренесоа медиумите, најави :

Жителите на Горно Нерези бараат и ново основно училиште бидејќи старото е руинирано. Јакимовски информира дека до 15 септември годинава (2016) се очекува градба на училиштето.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на  градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски за изградба на ново училиште во селото Горно Нерези најдоцна до 15.09.2016, е неисполнето. Проверката на „Вистиномер“ покажа дека шест месеци по наведениот датум, не е почната ниту изградба на ново, ниту пак, е извршена реконструкција на старото училиште, а децата од Горно Нерези уште една учебна година веројатно ќе завршат во дотраената и видно руинирана школска зграда.

Од она што може да се утврди од извештаите од медиумите се работи за стар објект, изграден во далечната 1937 година,во кој наставата почнала во 1945 година и во кој учениците денес посетуваат настава во субстандардни услови.

Ова не е првото ветување на градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски во врска со решавањето на проблемот со дотраената училишна зграда во Горно Нерези. Според сведоштвата на жителите забележени во прилогот на ТВ НОВА за проблемот со ова училиште, Јакимовски лично ветил при посета на селото дека училиштето ќе се реновира или ќе се изгради ново.

Во изборната програма на Јакимовски, кому ова му е втор мандат како градоначалник, за периодот од 2013-2017 година, нема конкретно наведено дека се предвидува изградба или реконструкција на училиштето во Горно Нерези. Во програмата има само општо формулирана заложба:

ќе продолжиме со реновирање на училиштата и воведување мерки за енергетска ефикасност за намалување на трошоците за енергија

Од надлежните служби за информирање во Општина Карпош, од кои побаравме писмен одговор дали и кога ќе почне реализацијата на ветувањето на градоначалникот Јакимовски дадено на жителите на Горно Нерези, по електронска пошта ни беше одговорено дека:

проектот за училиштето во Горно Нерези е веќе изработен и градбата ќе се изведува во текот на летото, за време на училишниот распуст.

Имајќи го предвид сето ова, вклучително  и фактот  што мандатот на Јакимовски завршува наредниот месец  – април 2017 година, произлегува дека жителите на Горно Нерези, нема да добијат ново или барем реновирано основно училиште до крајот на мандатот на локалната власт во Општина Карпош. Така што, ветувањето на Јакимовски, дадено на состанокот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, НиколаГруевски со градоначалници на повеќе македонски општини и со дел од министри во Владата, го сметаме за неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Југослава Дуковска

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *