Не е намален данокот на добивка за информатичките компании

СДСМ пред да дојде на власт ветуваше даночни олеснувања за ИТ секторот Фото: sdsm.org.mk

Ќе го намалиме данокот на добивка за информатика и информатички технологии на 5%

[ИЗВОР: Предизборна програма на СДСМ „План за живот“, стр.69,  стр.161 и стр. 212 , датум: декември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на  СДСМ дадено за предвремените парламентарни избори (декември 2016 г.) дека во привите шест месеци од мандатот ќе се намали данокот на добивка за информатика и информатички технологии на 5 отсто,  досега (30.07.2018),  не  е исполнето.

Ова изборно ветување на социјалдемократите  е посочено на три места  во нивната изборна програма: „План за живот во Македонија“ . Најнапред во  поглавјето  „Развој на домашните капацитети “, во делот „Поддршка за домашните претпријатија“ ( стр.69), потоа  на стр.161 во поглавјето  Европска иднина и квалитетен живот“,  во делот „Информатичко општество “,  а истото ветување е наведено и во „Планот 180 – итни реформски приоритети на новата Влада во првите 6 месеци“,  во делот „ Нови работни места повеќе пари кај граѓаните поддршка за домашните фирми“ (стр.212).

Што значи според рокот за реализација наведен во програмата (првите 180 дена од доаѓањето на власт),  данокот на добивка за ИТ компаниите требаше да биде намален на пет проценти,  најдоцна до крајот на ноември 2017 година (имајќи предвид дека новата Влада предводена од СДСМ беше избрана на 31 мај 2017 г.).

Намалување на данокот на добивка за ИТ- компаниите  од 10 на 5 отсто ветуваше и потпретседателот на СДСМ,  Дамјан Манчевскии  и кандидат за пратеник во Првата изборна единица, во неговите настапи  за време на изборната кампања (2016).

Истото ветување се споменува на две места и  во Програмата за работата на Владата ( 2017-2020 г.) . Најпрво на стр. 8 е посочено дека:

Владата ќе предложи даночни олеснување за сите ИКТ компании кои извезуваат софтвер и услуги и намалување на данокот на добивка за информатика и информациони технологии на 5%.

А потоа истите заложби се напишани и на стр.48:

Владата ќе води политика на намалување на данокот на добивка за информатика и информациони технологии на 5%.

Наспроти ваквите планови досега (26.07.2018), иако е поминато повеќе од една година  од промената на власта, тоа не се случи. Проверката на „Вистиномер“ покажа не се донесени законски измени со кои ќе се овозможи даночно олеснување за македонските компании од секторот на информациски и комуникациски технологии (ИКТ).

Намалувањето на данокот на добивка за информатичките компании не се споменува  во  отчетот  за  сработеното на  Владата во првата година од нејзиниот мандат ( презентиран на 30.05.2018 година).

Последните информации  дека се планира да се намали  данокот на добивка  се од март оваа година кога  премиерот Зоран Заев на прес-конференција посветена на даночните реформи, меѓу другото, кажа дека Владата размислува данокот на добивка за компаниите од информатичката технологија да биде три проценти.

Имајќи предвид дека изборно проектираниот рок за  намалување на овој данок е поминат (ноември 2017 г.), а до моментот кога е пишуван овој текст (30.07.2018) сѐ уште се на сила одредбите од Законот за добивка, според кои „стапката на данокот на добивка изнесува 10%.“ (Член 2), споменатото ветување на СДСМ го оценуваме како неиспонето.

 

**** Забелешка

Законот за данокот на добивка е донесен во 1993 година и во  изминативе години  се направени повеќе измени . Со корекциите направени на крајот на 2006 година данокот на добивка се намалува на десет отсто, со тоа што оваа стапка се применува од 2008 година.  Инаку,  во периодот од 1994 до 1996 година, стапката на данокот на добивка изнесува 30 отсто, а од 1997 до 2006 година, таа изнесува 15 отсто.  Во  2007 година стапката на оданочување на добивката  изнесува 12 отсто, а од 01.01.2008 година, стапката на данокот на добивка е 10 отсто.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција