Не е намалена фирмарината за микро фирмите

Фото: freepik.es

И по скоро една година од изборот на Владата, Министерството за финасии не предложи измени на Законот за комунални такси. Такви измени нема објавени ниту на Единствениот национален регистер на прописи (ЕНЕР). Во овој период, ниту Градот Скопје и ниту, пак, општините во земјава, чии Совети ја утврдуваат фирмарината врз основа на Тарифникот утврден во Законот за комунални такси, немаат предложено измени на Законот во делот на тарифникот за комунални такси, ниту, пак, донеле одлука за намалување на фирмарината

 

Ветување: Ќе ја намалиме фирмарината за претпријатијата со помалку од 5 вработени.

[Извор: Програма на СДСМ за парламентарните избори 2016 година „План за живот во Македонија“, страна 211]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на СДСМ дека ќе ја намали фирмарината за претпријатијата со помалку од 5 вработени, дадено за предвремените парламентарни избори во 2016 година, не е исполнето.

Ова ветување на СДСМ, според она што е напишано во „Планот за живот“ требаше да го оствари во првите шест месеци по формирањето на Владата и го стави во реформските приоритети насловени како „План 180 – итни реформски приоритети на новата Влада во првите 6 месеци“ поместено на страна 211 во поглавејто „Нови работни места, повеќе пари за граѓаните, поддршка за домашните фирми“.

Сегашниот министер за финансии, Драган Тевдовски, за време на предизборните собири и по изборите во јануари 2017година, изјави дека едно од ветувањата кои веднаш ќе бидат исполнети ќе биде и намалувањето на фирмарината.

Нема да има непотребни инспекциски контроли и нарачани казни од илјадници евра. Ќе воведеме јавен регистар на инспекциските контроли за да се спречат ваквите злоупотреби. Ќе воведеме регистар на парафискални давачки со цел да се намалат давачките на фирмите, а веднаш ќе ја намалиме фирмарината за претпријатијата со помалку од 5 вработени.

Дека Владата планираше да го реализира ова ветување покажува тоа што намалувањето на висината на фирмарината го вгради во Програмата за работа на Владата за периодот 2017-2020, каде што е поместено во делот „Поддршка на домашните претпријатија“ на страна 6. Владата појасни дека со намалувањето на износот на фирмарината очекува да се поттикне започнувањето на нов бизнис, бидејќи пониската фирмарина ќе значи и помали трошоци на фирмите.

Меѓутоа, и по скоро една година од изборот на Владата, Министерството за финасии не предложи измени на Законот за комунални такси. Такви измени нема објавени ниту на Единствениот национален регистер на прописи (ЕНЕР).

Во овој период, ниту Градот Скопје и ниту, пак, општините во земјава, чии Совети ја утврдуваат фирмарината врз основа на Тарифникот утврден во Законот за комунални такси, немаат предложено измени на Законот во делот на тарифникот за комунални такси, ниту, пак, донеле одлука за намалување на фирмарината.

Тоа може да се види ако се направи преглед на одлуките на Градот и сите општини во земјата објавени во службените весници, но и од информациите објавени на нивните интернет страници.

Ваква информација не може да се најде ниту во локалните, ниту, пак, во националните гласила и интернет пребарувачите.

Според тоа, увидот на Единствениот национален регистер на прописи (ЕНЕР), на интернет страната на Министерството за финансии и во службените гласниците на општините покажува дека нема најава оти измени на Законот за комунални такси и на тарифникот ќе се случи во скоро време, што наведува на заклучок дека ова ветување на СДСМ сѐ уште не е исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Рада Исовска-Маневска

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.