Не е направен ветениот регистар за точниот број вработени во јавниот сектор

Вкупниот број на административци сѐ уште не е утврден Фото: Принтскрин

Ќе воспоставиме целосен регистар и јавно ќе го објавиме вкупниот број на постојани и привремено вработени лица во јавниот сектор. Регистарот ќе биде јавно достапен и редовно ќе се ажурира. Граѓаните ќе имаат увид на сите вработени во јавната администрација, за секоја институција.

 [Извор: Изборна програма на СДСМ, (2016), „План за живот во Македонија“ (234); Рок за реализација: шест месеци]

  

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во предизборието за  предвремените парламентарни избори кои се одржаа во декември 2016 година,  СДСМ вети дека во првите шест месеци по преземањето на власта  ќе се воспостави целосен регистар и јавно ќе биде објавен  вкупниот број на постојани и привремено вработени лица во јавниот сектор.  Ова изборно ветување на социјалдемократите,  е наведено во нивната изборната програма  насловена  „План за живот во Македонија“,  во поглавјето „Итни реформски приоритети на новата влада во првите 6 месеци“ (стр. 234) и досега (08.02.2018) осум месеци по  изборот  на новата Влада, не е исполнето.

Точниот број на вработените во јавниот сектор сѐ уште не е утврден. Министерот за администрација и информатичко општетсво Дамјан Манчевски,  деновиве (04.02.2018)  во интервју за интервју на Радио Слободна Европа. изјави дека сите  институции и нивните раководни лица кои нема да ги внесат податоците за своите вработени во информатичкиот систем за управување со човечките ресурси нема да земат плата.

Дел од институциите ги имаат внесено и коректно ги ажурираат податоците, тоа е жива материја, влегува, излегува, менува телефон, меил итн. Дел ги имаат внесено делумно информациите, односно не ги ажурираат, дел ги внеле само систематизациите, без никаква информација за луѓето, а дел немаат ништо направено. Да бидам искрен, во изминатиот период се обидовме на неколку начини, со укажување, со одлуки и информации на влада, инспекциските служби се ангажираат на оваа тема и се подобри состојбата. Но ние сè уште не сме сигурни дали со извештајот за минатата година што треба да го објавиме во март ќе можеме да кажеме дека бројката што ќе ја објавиме целосно ќе доаѓа од системот или повторно ќе биде добиена преку споредби на бази на податоци, со што бројката што се добива е приближно точно, но не е целосно точна. За таа цел ќе спроведеме, преку неколку одлуки на владата, ќе направиме ред и системски и технички измени внатре во одредени системи на институциите, но и со ред на правилници и уредби на влада со коишто сите они институции и нивните раководни лица коишто нема да ги внесат податоците за своите вработени во информатичкиот систем за управување со човечките ресурси нема да земат плата. Едноставно мора да се научат институциите во државата дека мора да ги почитуваат законите, без притоа премиерот да треба да ги брка за тоа (Манчевски)

Наредниот ден (05.02.2018) , Манчевски при гостувањето во емисијата „24 Анализа“ на Телевизија 24,  појасни дека целта не е да се казнуваат вработените во јавната администрација, туку да се поттикнат тие самите да вршат притисок врз раководните лица, да се воведе ред и да се почитуваат законите.

Им даваме рок на институциите да се прилагодат со цел никој да не остане без плата. Откако податоците ќе се внесат во системот, се следат и повеќе нема да постои опасност. УЈП проверува дали раководните лица ги платиле придонесите. Укажуваме и преку инспекции доколку е утврдено дека некое раководно лице не ја извршило својата должност, казната е од две до три илјади евра( Манчевски)

Во овој настап Манчевски  посчочи дека во моментот има 1.036 активни систематизации, кои не значи дека се ажурирани, а околу 265 институции немаат никакви систематизации. Според Манчевски, најголем отпор има кај институции од здравството и образованието. 

Набрзо по доаѓањето на министерската позиција, Манчевски на прес-конференција соопшти дека „Регистарот на вработените во јавниот сектор, што не ја рефлектира реалната состојба со бројот на вработени“.

Од 1302 институции во Македонија, 197 институции немаат побарано согласност од МИОА и немаат активна систематизација, а 150 и покрај одобрената систематизација не внесувале податоци во Регистарот, посочи Манчевски. За останатите институции постојат сериозни индиции дека голем број на податоци не се уредно пополнети. МИОА во моментов, прави проверка на сите институции поединечно. Тоа што може да се заклучи од досегашната проверка е дека се работи за поголем проблем со податоците за вработените во јавниот сектор од тоа што беше очекувано.

МИОА до Државната изборна комисија, вчера достави податоци за вработените во јавниот сектор што не се внесени во Регистарот на начин и постапка која е со закон предвидена. Податоците се добиени како резултат на вкрстување на бази на податоци од повеќе различни институции. Податоците доставени до ДИК се однесуваат на 115.729 вработени во јавниот сектор. Оваа бројка не е официјална и не ја претставува реалната слика.

 

ИЗВОРИ:

Оцени: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција