Не е објавен конкурс за изградба на нова спортска сала за Работнички

Во септември (2016) Жерновски вети дека во ноември ( 2016) ќе биде објавен конкурс за изградба на нова сала за Работнички Фото: Принтскрин

 

Имав желба оваа вест да ја соопштам во ноември, но еве, ќе ја направам сега. Во ноември (2016) ќе се распише конкурс за изградба на нова сала на Работнички. Локацијата е Градски парк и само Градски парк. ( Андреј Жерновски)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Предмет на оваа анализа е оценка на ветувањето на градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски дека конкурсот за изградба на спортска сала за кошаркарскиот клуб Работнички ќе биде објавен во ноември 2016 година. Ова ветување градоначалникот Жерновски го даде на 16.09.2016 година по повод 70-годишнината на клубот Работнички и досега (27.01.2017) не е исполнето. 

Изградба на нова спортска сала за КК Работнички, градоначалникот на Општина Центар првпат  најави на 07.04.2016 година на прес-конференција на 14- кратниот шампион, на која како што информираа медиумите, тој присуствуваше како претставник на спонзорот.

Ако добро го погледнете предлогот за новиот урбанистички план за Градскиот парк ги сфатите нашите размислувања на оваа тема. Засега не би сакал да ја отворам оваа тема, но тоа сигурно ќе го сторам наскоро. Факт е дека Работнички заслужува нова модерна сала и верувам дека во догледно време ќе успееме во тоа. За деталите за ова, сепак, дополнително ќе бидете известени. ( Жерновски)

Во средината на септември 2016 година,  на 70 – годишнината на клубот,  градоначалникот фактички ја потврди оваа намера со ветување дека конкурс за нова сала за КК Работнички ќе биде објавен за два месеца (во ноември 2016 година).

Досега (27.01.2017) година, конкурсот за изградба на нова сала на КК Работнички не е распишан. Во архивата на јавни набавки на веб – порталот на Општина Центар нема објавен конкурс за изградба на нова сала на Работнички. Електронскиот систем за јавни набавки во рамки на Бирото за јавни набавки, исто така, не дава информација за објавен конкурс за изградба на нова сала.

На 08.01.2017 година, советникот од ВМРО ДПМНЕ во Општина Центар Горан Богдановски, критикувајќи ја работата на градоначалникот во врска со КК Работнички ја даде следната изјава:

Ситуацијата во клубот е траорна. Играчите и стручниот штаб веќе неколку месеци немаат земено плата. Жерновски даде и ветување во јавноста дека со менувањето на ДУП-от во општина Центар, Кошаркарскиот клуб Работнички ќе добие нова модерна спортска сала. Скоро и да помина целиот мандат на Жерновски, ништо не се реализира од тоа ветување. Дополнително клубот е должен во одредени спортски капацитети десетици илјади евра за изнајмување на термини за натпревари.Дали ова е европскиот клуб кој го гради Жерновски? Дали ова е начинот на работа општина Центар и на Андреј Жерновски. Богдановски)

Иако, конкурсот за изградба на спортска сала сè уште  не е објавен, ваквите критики од ВМРО-ДПМНЕ кон градоначалникот Жерновски не се целосно издржани.  Имено, најава за изградба на сала Жерновски  имаше во април 2016 година, а не на почеток на неговиот мандат.  Во Изборната програма  со која настапи на локалните избори во 2013 година  тој го спомнува и КК Работнички, но таму нема децидно ветување што конкретно ќе направи за овој кошаркарски клуб. На 24 – тата страница од споменатата  Изборна програма, во делот насловен: „Повеќе инвестиции во спортот и рекреацијата“, меѓу другото, е наведено:

Општина Центар, за жал, има сиромашна спортска инфраструктура. Развојот на спортот е невозможен без соодветна пристојна спортска инфраструктура. Затоа, нашите напори во најголем дел ќе бидат насочени кон подигање на потребната спортска инфраструктура.

• Враќање на стариот сјај на иконата на македонскиот спорт, кошаркарскиот клуб “Работнички”

Од друга страна, на изјавата на советникот Горан Богдановски, Општина Центар реагираше со соопштение каде, меѓу другото, се вели:

Откога е дојдена новата власт во општина Центар, значително се зголемени средствата кои се одвојуваат за најтрофејниот македонски кошаркарски бренд. За 2017 година, Општина Центар одвои 19 милиони за КК Работнички. Во 2013 година, раководството на ВМРО ДПМНЕ издвоило смешни 7,5 милиони денари или три пати помалку средства. Oпштина Центар)

Сепак, ова соопштение не содржи коментари во однос на објавувањето на конкурсот за изградба на спортската сала.

Па, имајќи ги предвид сите наведени аргументи, ветувањето на градоначалникот Жерновски за објавување на конкурс за изградба на нова спортска сала за КК Работнички во ноември 2016 година, се оценува како неисполнето.

 

ИЗВОРИ

 

Оценето од: Милена Јосифовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција