Не е почната изградбата на кружна крстосница на две нивоа кај „Нова Македонија“

Местото кај НИП „Нова Македонија“ каде што требаше да почне да се гради кружнатa крстосница Фото:www.google.mk/maps

ПРОЕКТ: ПОЧЕТОК НА ИЗГРАДБА НА КРУЖНА КРСТОСНИЦА НА ДВЕ НИВОА КАЈ ЗГРАДАТА НА „НОВА МАКЕДОНИЈА“

Опис на проектот: Со цел избегнување на сообраќајниот метеж што се создава, Град Скопје ќе почне со изградба на нова кружна крстосница кај поранешниот објект на „Нова Македонија“. (Вредност на изведба: 5 милиони евра. Рок: 2014-2017 година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

За локалните избори во 2013 година  градоначалникот на Скопје  Коце Трајановски  им вети на скопјани  дека  во неговиот  нов манадат (доколку ја добие довербата на изборите),  ќе почне изградбата на нова кружна крстосница на две нивоа кај зградата  на „Нова Македонија“.  Во неговата Изборна програма „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобро Скопје“ , (во делот Урбанизам, булевари, мостови, стр. 55) , е наведено дека  ваква крстосница треба да почне да се гради во периодот 2014 – 2017 година. Иако, градоначалничкиот мандат на  Трајановски е на самиот крај (тој е формално истечен во мај 2017 година, но е продолжен до локалните избори кои треба да се одржат на 15 октомври 2017 година),  сепак,   овој негов изборен проект за кој говореше и во кампањата за локалните избори  не  е реализиран.

Проверката на „Вистиномер“ покажа дека  досега (04.07.2017) има само најави дека ќе се гради споменатата кружна крстоснивца.

Во ноември 2014 година порталот „Плусинфо“, повикувајќи се на изјава на Трајановски,  информира дека  „на местото на паркот пред зградата на некогашна „НИП Нова Македонија“, познат како Парк на новинарите,  треба да се изгради кружен тек, најголем досега, кој ќе се користи за потребите на две нови сообраќајници кои ќе се прошируваат“.

Кружниот тек кој ќе се најде на местото на новинарскиот парк, ќе ги поврзува двете сообраќајници кои треба да го олеснат градскиот метеж на улиците. Првата сообраќајница која ќе се поврзе со кружниот тек е улицата Св. Кирил и Методиј, а втората е улицата Јордан Мијалков, некогашна Железничка, која се наоѓа во фаза на проширување. На овој начин ќе има врска меѓу двете улици со тоа што по Св. Кирил и Методиј ќе се вози во правец кон кружниот тек, а на Јордан Мијалков во спротивен правец.

Со пребарување на интернет се добиваат информации дека во октомври 2015 година градските власти најавиле дека се работи на проект за изградба на голем кружен тек кај „Нова Македонија“ и два помали – едниот на семафорите на надвозникот во Црниче кај „Симпо“, на крстосницата меѓу „Павел Шатев“ и „Јордан Мијалков“, а другиот кај „Макпетрол“, односно на крстосницата меѓу улиците „Кочо Рацин“ и „Св. Кирил и Методиј“. Тогаш беше пренесена изјава на Трајановски во која вели:

Сообраќајниот хаос во строгиот центар на градот ќе се реши со три кружни тека.

Кај „Нова Македонија“ ќе се гради огромен кружен тек, најголем во градов. Сообраќајниот проект се работеше пет месеци бидејќи на постојниот се јави проблем со маркичката кај НЛБ „Тутунска банка“, каде што според првичниот инфраструктурен проект требаше да се навлезе пет-шест метри во неа. Всушност, маркичката, која банката на времето ја добила била зголемена и речиси доаѓа до улицата „Кирил и Методиј”. Затоа, сега треба кружниот тек да се помести во лево. Ова е најдоброто решение, кое е врзано и со подземната сообраќајница, која треба да ја гради „Лимак“, но не зависи од неа. За сите три посочени кружни текови, готови се сообраќајните проекти и веќе се подготвуваат основните градежни проекти. Ако се оди по планот, очекуваме летото да се распише тендер за изведувач.  ( Трајановски)

Најава дека ќе се гради кружна крстосница кај „Нова Македонија“ има и во февруари 2016 година.  Во текст на порталот „Скопјеинфо“ насловен: „Три кружни крстосници во Центар“, за овој кружен тек пишува:

Ќе има елипсовиден облик и ќе ги поврзува булеварите: Kлимент Охридски, Мајка Тереза, Јордан Мијалков, Свети Kирил и Методиј, Митрополит Теодосиј Гологанов, неизградениот подземен булевар на „Лимак’ и улицата Васил Ѓоргов. Иако не е прецизирано, овој кружен тек ќе има најмалку шест ленти. „Јордан Мијалков“ и „Свети Kирил и Методиј“ остануваат еднонасочни. Изградбата на трите кружни тека, според градската власт, ќе придонесе за намалување на сообраќајниот метеж во строгиот центар. Тие, всушност, се влезови и излези од подземната сообраќајница, која допрва треба да ја гради турската компанија „Лимак“ под Јужниот булевар.

На 28 август 2016 година весникот „Вечер“ во текст со наслов: „Кружен тек, за сообраќајниот притисок, вистински лек!“, пренесува информација од Град Скопје каде, меѓу другото, пишува дека:

Во фаза на проектирање се турбо кружните крсносници кај НИП Нова Македонија и на булеварот „Кочо Рацин“, а исто така се планира и изградба на кружен тек на улицата „Павел Шатев“ (поранешна  Бихаќка“)

Во ноември 2016 година порталот „Скопјеинфо“ информираше дека:

Во буџетот на Скопје за в година (2017 н.з.) се издвоени пари и за проектирање и изградба на нови кружни крстосници – една кај поранешна НИП „Нова Македонија“, втората пред подвозникот кон Црниче, а третата после подвозникот, сите три во функција на подземниот булевар Македонија што ќе се гради. 

Со темелно пребарување на интернет содржините не може да се добие понова информација поврзана со ветената изградбата на оваа  кружна крстосница, а таа не се споменува ниту во Отчетот на Трајановски за сработеното во 2016 година и плановите за 2017 година.

До денот кога е пишуван овој текст ( 04.07. 2017 г.) кај  згарадат на „Нова Македонија“ нема почнато градежни активносто за кружна крстосница на две нивоа.

Имајќи го предвид сето ова, може да се заклучи дека ветувањето на Трајановски за „Почеток на изградба на кружна крстосница на две нивоа кај зградата  на „Нова Македонија“ “, е неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.