Не е поставен бројчаник за украдените пари на Порта Македонија

Портата, можеби, ќе се дислоцира, бројчаникот на СДСМ го нема Фото: commons.wikimedia.org

На триумфалната порта ќе поставиме бројчаник на кој ќе се покажува колку пари се вратени дома. Тие пари ќе завршат во буџетот и кај граѓаните

[Извор: Зоран Заев,  митинг на СДСМ во Општина  Аеродром , датум: 22.11.2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

На 22 ноември 2016 година, во предизборието за предвремените парламентарни избори (декември 2016),  претседателот на СДСМ  Зоран Заев и во тоа време лидер на опозицијата, на партискиот митинг во скопската општина Аердром  вети дека  украдените  народни пари ќе бидат вратени назад на државата и дека тоа ќе го регистрира бројчаник поставен на „ Порта Македонија“  во Скопје. Девет месеци по доаѓањето на власт на СДСМ и изборот на новата Влада предводена од премиерот Заев (31.05.2017),  ваков бројчаник не е поставен на објектот познат како „Триумфална порта“, па ова  ветување засега (01.03.2018) го сметаме за неисполнето.

За тоа дека „ кај опозицијата предводена од СДСМ постои неспорна политичка волја да се вратат украдените пари“ и дека „од првиот ден институциите ќе ги гонат криминалците кои ова и го направија на сопствената држава“, во изборната кампања во 2016 година  говореше и  носителот на кандидатската листа на СДСМ и коалицијата во ИЕ 1, Стево Пендаровски.

На 07.12.2016 година, само неколку дена пред изборите (11.12.2016), Пендаровски ги повика граѓаните да гласаат за број 4, ветувајќи дека „парите кои се украдени, а чиј износ е околу  7 – 8 милијарди евра , ќе бидат вратени во државата  и тоа 40 отсто од оваа сума уште во првите две години од доаѓањето на власт“ :

 Вкупната бројка на украдени пари во изминативе десет години во РМ, украдени од Владата на РМ изнесува 7 до 8 милијарди евра. Главното прашање кое го поставуваат граѓаните е дали тие пари можат да се вратат и дали тие што го направија овој најголем грабеж ќе одговараат. За ова постои неспорна политичка волја кај опозицијата предводена од СДСМ, тоа да го направи. Од првиот ден институциите ќе ги гонат криминалците кои ова и го направија на сопствената држава.

 Во однос на тоа дали постојат механизми за враќање на украдените пари- Да постојат. Постојат и денес во позитивните прописи и нема никаков проблем тој имот да се конфискува, независно дали е тука или надвор, затоа што преку меѓународна правна помош ние можеме да ги вратиме и тие пари. Нашите проценки се дека од сите украдени пари до сега, од тие 7 до 8 милијарди евра за една деценија, можеме во првите две години од мандатот, со јасна политичка волја, со добар план и стратегија и со оставање на надлежните органи да работат слободно според законот, можеме да вратиме барем 40 проценти од таа сума. Тие пари ќе се вратат кон граѓаните на РМ, кон државата од кои беа опљачкани. Најбрз начин да видите како парите се враќаат кон вас е во недела за заокружите број 4 во сите изборни единици и на тој начин да си овозможите и себеси и на државата нов почеток. (Пендаровски)

Бројчаникот што ќе мери како ќе се враќаат украдените пари, за првпат го спомена лидерот на СДСМ Заев на веб-порталот Нова ТВ уште во февруари 2016 година.

Сите украдени народни пари, треба да бидат вратени назад на државата, а ние како партија ветуваме дека ќе направиме споменик кој ќе го регистрира секое враќање на народните пари, рече  Заев.

Во овој настап на  Нова тв  Заев кажа  и дека „од 2007 -.ма година  досега (2016) се изнесени околу 5 милијарди 150 илјади евра народни пари“.

Постоечките закони во државата се јасни, а тоа е дека кривично дело кое е докажано со судска пресуда, каде што има украдени народни пари, се конфискува имотот кој е незаконски стекнат.

Поради тоа, СДСМ ќе изгради еден споменик на Триумфалната капија кој ќе регистрира како се враќаат народните пари,  рече тогаш Заев

Наредниот ден, на 04.02.2016 година  Заев на неговиот профил на „Фејсбук“, исто така , објави дека:

На Триумфалната капија бројчаник ќе регистрира кога ќе се враќаат украдените пари

Неколку дена подоцна (08.02.2016)  и претседателот на Комисијата за финансии и во тоа време дополнителен заменик министер за финансии, Кире Наумов , при посетата на  Крушево , исто така, порача:

Ќе гледате на бројчаник како ги враќаат вашите украдени пари

Сепак, досега (01.03.2018) на триумфалната порта нема ваков бројчаник, па ветувањето го оценуваме како неисполнето. Независно што враќањето на парите е директно врзано со судски процеси,   а тие  за некои случаи кои произлегоа од прислушуваните разговори објавени од опозицијата во 2015 година, се во тек.

Инаку, деновиве (23.02.2018) беше објавено дека работната група на Министерството за култура која го анализира проектот Скопје 2014, донела препораки за дислокација и демонтирање (или рециклирање) на  „Порта Македонија“,  „Воинот на коњ“ на плоштадот Македонија,  споменикот „Мајка Тереза“, чија градба е веќе стопирана, како и споменикот на Филип Втори. Ваквата информација, пак,  беше пласирана откако (22.02.2018) пред Врховниот суд беше отстранет  и пренесен во магацин на Металскиот завод Тито, споменикот на контроверзниот револуционер Андон Лазов Јанев Ќосето.

 

ИЗВОРИ:

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција