Не е сменет системот за оценување на основците

Фото: karpos.gov.mk

 

Системот на деветгодишно основно образование во првите 6 години ќе биде само со описно оценување. Дури потоа (последните 3 години од основното образование) ќе се применува нумеричко оценување. На тој начин, децата и наставниците ќе се посветат на квалитетот на наставата и знаењето, а не на трката по оценки.

[ИЗВОР: Изборна програма на СДСМ „План за живот во Македонија“, стр. 251 , датум: декември 2016]  

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на  СДСМ дадено за предвремените парламентарни избори (декември 2016 г.),  дека во првите две години по доаѓањето на власт ќе биде променет системот на оценување во основното образование, поточно, во првите 6 години ќе биде само со описно оценување, а  дури потоа (последните 3 години од основното образование) ќе се применува нумеричко оценување“, досега (06.06.2019) не е исполнето.

Ова изборно ветување на социјалдемократите  е дел од нивната изборна програма: „План за живот во Македонија“, во рамките на „Планот 24м – итни реформски приоритети на новата Влада во првите 2 години“ (стр.251). Што значи, според рокот за реализација наведен во програмата системот на оценување во деветгодишното основно образование требаше да биде сменет најдоцна до крајот на минатиот месец, со оглед на тоа што Владата предводена од СДСМ беше избрана на 31 мај 2017 година. Сепак, досега тоа не се случи.

Интересно е тоа што измена на системот на оценување за основците се споменува  и на почетокот од  „План за живот во Македонија“ , во поглавјето  „Квалитетно образование“(стр.118), но таму  е ветено дека описно  ќе бидат оценувани децата од прво до петто одделение:

Системот на основно образование во првите 5 години ќе биде само со описно оценување. Дури потоа (следните 4 години од основното образование) ќе се применува нумеричко оценување. На тој начин, децата и наставниците ќе се посветат на квалитетот на знаењето, а не на трката по оценки.

Истиот  период на описно оценување – првите пет години од школувањето, се споменува и во Програмата за работата на Владата ( 2017-2020 г.), на стр.28,   во делот  Образование за новото време“.

Сепак, наспроти ветеното, проверката на „Вистиномер“ покажа дека сѐ уште е на сила законското решение според кое само описно оценување има во првите три години од деветгодишното образование, односно од прво до трето одделение. Тоа може да се види ако се отвори актуелниот Закон за основно образлование, чиј консолидиран текст е објавен на веб-страницата на Министерството за образование и наука. Во членот 65 од овој Закон е наведено:

(1) Постигањата на учениците во основното училиште се оценува описно и бројчано.

(2) Во првиот период, постигањето на ученикот во текот на наставната година по задолжителните и изборните предмети се оценува описно.

(3) Ученикот од ставот (2) на овој член само на крајот на учебната година добива свидетелство со описни оценки.

(4) Во вториот период, постигањето на ученикот во текот на наставната година по задолжителните и изборните предмети се оценува описно и бројчано.

(5) Ученикот од ставот (4) на овој член на крајот на прво полугодие добива известување за успехот со бројчани оценки, а на крајот на учебната година добива свидетелство со бројчани оценки и оценка за општ успех, освен ученикот од шесто одделение кој добива свидетелство со бројчани оценки и оценка за општ успех

(6) Во третиот период, постигањето на ученикот во текот на наставната година по задолжителните и изборните предмети се оценува бројчано.

(7) Ученикот од ставот (6) на овој член на крајот на прво полугодие добива известување за успехот со бројчани оценки, а на крајот на учебната година добива свидетелство со бројчани оценки и оценка за општ успех…

Според Законот (Член 4)

Основното образование е задолжително, трае девет години и се организира во три воспитнообразовни периоди и тоа од прво до трето одделение, од четврто до шесто одделение и од седмо до деветто одделение.

Имајќи предвид дека рокот за исполнување на ветувањето е поминат (31.05.2019), а сè уште не се направени споменатите измени во начинот на оценување на основците (само описни оценки до шесто одделение), ветувањето го оценуваме како неисполнето.

Да споменеме дека одредени измени во системот на оценување се предвидуваат со новиот нацрт-закон за основно образование, кој  деновиве (05.06.2019) го презентираше министерот за образование Арбор Адеми, а на кој забелешки и мислења во наредните 20 дена ќе можат да достават граѓаните. Новото законско решение допрва треба да биде предложено до Владата, а потоа и до Собранието, плановите се тоа да стапи во сила со почетокот на новата учебна година (2019-2020).

Инаку, во членот 133 од овој законски предлог  се предвидува во вториот воспитно образовен период (од четврто до шесто одделение) описно оценување на крајот од првото полугодие, но на крајот од второто полугодие повторно се предвидува свидетелство со бројчани оценки.

Член 133

(1) Постигањата на учениците во основното училиште се проверуваат формативно  и сумативно  и се запишуваат со описни и/или бројчани оценки.

(2) Во првиот период, постигањето на ученикот во текот на наставната година по задолжителните и изборните предмети се запишуваат со описни оценки.

(3) Ученикот од ставот (2) на овој член на крајот на прво полугодие добива известување за успехот со описни оценки, а на крајот на учебната година добива свидетелство со описни оценки.

(4) Во вториот период, постигањето на ученикот во текот на наставната година по задолжителните и изборните предмети се запишуваат со описни и бројчани оценки.

(5) Ученикот од ставот (4) на овој член на крајот на прво полугодие добива известување за успехот со описни оценки, а на крајот на учебната година добива свидетелство со бројчани оценки и оценка за општ успех.

(6) Во третиот период, постигањето на ученикот во текот на наставната година по задолжителните и изборните предмети се запишуваат со бројчани оценки.

(7) Ученикот од ставот (6) на овој член на крајот на прво полугодие добива известување за успехот со бројчани оценки, а на крајот на учебната година добива свидетелство со бројчани оценки и оценка за општ успех…

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција