Не е точно дека Јанева мора да присуствува на комисиска расправа

Цитираше многу акти, ама заклучокот е погрешен. Фото: скриншот

 

Специјалната обвинителка Катица Јанева, може, но не мора да присуствува на комисиска расправа. Тоа го покажуваат сите документи што ги проверивме, како и консултациите со двајца релевантни соговорници. Оттука, изјавата на Димовски со такво тврдење не е вистина

 

Шефот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ Илија Димовски на 27.09.2016 ја даде следнава невистинита изјава:

Во согласност со членот 68 од Уставот на Република Македонија кој на Собранието му дава надлежност и должност да врши контрола над работата на носител на јавни и државни функции, во согласност со законот за Специјалното јавно обвинителство, односно неговиот член 7 и во неговиот став 2,… госпоѓата Катица Јанева е должна да поднесува извештаи, да присуствува и да ги образложува своите извештаи пред Собранието и пред неговите работни тела онака како што предвидува Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија и како што е апсолутна пракса без исклучоци на поднесување извештаи и нивно бранење на десетици и десетици други државни институции и тела одговорни за својата работа пред Собранието на Република Македонија.

[Извор: A1On, Датум, 28.09.2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавата на пратеникот Илија Димовски доаѓа откако ден претходно обвинителката Катица Јанева која раководи со Специјалното јавно обвинителство (СЈО) реши да ја напушти неколкудневната расправа во Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, која расправа по две точки, од кои едната е шестмесечниот извештај за работата на СЈО.

Јанева при напуштањето на седницата образложи дека нема намера да се враќа, дека чувствува мобинг од пратениците и дека ќе се појави на пленарна седница на Собранието кога ќе се расправа за нејзиниот извештај.

Пратениците од ВМРО ДПМНЕ ова го проблематизираат и обвинуваат за нетранспарентност, за непочитување на Собранието и неговите работни тела, а пратеникот Димовски образложи дека Јанева има законска и деловничка обрвска да поднесува извештаи, да присуствува и да одговора на пратенички прашања во врска со нејзината работа. Токму овој дел од изјавата на Димовски е невистинит.

Имено, точно е дека според член 68 од Уставот, Собранието има надзорна улога:

(Собранието) врши политичка контрола и надзор над Владата и над другите носители на јавни функции што се одговорни пред Собранието;

Исто така е точно дека според член 7 од Законот за СЈО, став 2, Јавниот обвинител (коj раководи со СЈО), ќе го информира Собранието за својата работа на секои 6 месеци:

Јавниот обвинител ќе поднесува извештај секои шест месеци за неговите/нејзините активности, вклучувајќи и опис за напредок во која било истрага или гонeње преземено од јавниот обвинител. Во таквиот извештај може да бидат изоставени материјали кои според јавниот обвинител треба да се чуваат како доверливи, но ќе обезбеди соодвети информации за да ги оправда трошоците

Како што може да се види, од членот на Законот што ја определува одговорноста за работата на СЈО, Јанева е должна да поднесе извештај на секои шест месеци, што таа го направи веќе по вторпат. Никаде не пишува дека Јанева е должна да присуствува во Собранието или во неговите тела за да го брани и да одовара на пратенички прашања. Долгогодишен искусен работник во собраниската администрација ни протолкува дека станува збор за политичка практика, дека кога некој раководи со некоја институција  е должен и да поднесува извештаи за работата, да присуствува и да одговара на дополнителни прашања. Значи станува збор за практика, а не за обврска пропишана со Закон.

Впрочем, тоа е исто како и со работата на редовното Јавно обвинителство, регулирано со Законот за Јавно обвинителство, каде што во член 24, став 1 се наведува:

Јавниот обвинител на Република Македонија годишниот извештај од членот 23 став (3) на овој закон за работата на јавните обвинителства и за состојбата со криминалитетот во Република Македонија, го поднесува до Собранието на Република Македонија.

Тогаш од каде Димовски и целата пратеничка група ја вадат тезата дека Јанева МОРА да присуствува, а Влатко Ѓорчев, претседател на Комисијата за политички систем на двапати ја одложува и тврди дека не постојат деловнички услови таа да се одржи.

И двајцата се повикуваат на Деловникот за работата на Собранието. Поточно на член 121 од Деловникот во кој првите два става гласат:

На седница на работното тело може да присуствува и во работата да учествува претставник, односно повереник на Владата, претставник на орган на државната управа кога на седницата се разгледува прашање од нивниот делокруг, како и секој подносител чиј предлог се разгледува. 

На седница на работното тело кога се разгледува предлог на закон или друг акт во второ читање задолжително присуствува и во работата учествува претставник на Владата и претставник на подносителот чиј предлог се разгледува.

Димовски во својата подолга изјава од 27.09.2016, го цитира токму вториот став и вади заклучок дека врз основа и на овој параграф, Јанева мора да присуствува во работата на Комисијата.

Но, во овој член и став од Деловникот јасно пишува – закон или друг акт во второ читање. Дали Извештајот на Јанева спаѓа во „друг акт во второ читање“?  Според насловите на документите со кои се закажуваат седниците на работните тела, очигледно не. Еве како изгледа закажаната тековна работа на Комисијата за политички систем:

Извештај за активностите на Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за период од шест месеци (за периодот од 15.03.2016 до 15.09.2016 година) 

А, еве како изгледа насловот на седница на работно тело каде што се разгледува документ во второ читање:

СЕДНИЦА БР.184 НА ЗАКОНОДАВНО-ПРАВНА КОМИСИЈА ЗАКАЖАНА НА 28.09.2016 ГОД. ВО 14:00 ЧАСОТ.
Дневен ред:

1 Предлог-буџет на Република Македонија за 2017 година – II читање;
2 Предлог-закон за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2017 година, по скратена постапка – II читање;

 

Ова ни го потврдува и долгогодишен поранешен пратеник и координатор на пратеничка група. Според него тој цитиран член од Деловникот е без врска цитиран, зашто тука при оваа расправа не станува збор за аманданска расправа, за закон или за друг акт.

Според толкувањето на нашиот соговорник, кога има предлагач на некаков документ, нормално е да се појави и претставник на предлагачот, но тоа не мора да биде првиот човек на институцијата, како што впрочем покажала и досегашната пракса

Со обично пребарување на интернет најдовме потврда дека на расправите за годишни извештаи на специфичен безбедносен орган како што е Управата за безбедност и контраразузнавање, никогаш не се појавил нејзиниот долгогодишен шеф Сашо Мијалков.

Нашите двајца соговрници тврдат дека  тоа е постојана пракса и во други комисии за други тела што се предлагачи на годишни извештаи и дека многу често се случува да се појави само овластен претставник од институцијата, па дури и кога се расправа за носење на Буџет или негов ребаланс.

Поради сите овие аргументи и факти, оваа спинерска изјава на Илија Димовски дека Јанева мора да се појави на Комисијата и да одговора на прашања од пратениците, ја оценуваме како невистинита.

ИЗВОРИ:

Оценил: Тео Блажевски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција