Не е целосно завршена фискултурната сала во СУГС „Боро Петрушевски“

Фискултурната сала во СУГС „Боро Петрушевски“ почна да се гради во февруари 2016 година Фото: Веб-страница на Град Скопје

 

 

Проект: Изградба на нова фискултурна сала во СУГС „Боро Петрушевски“.

Опис на проектот: Во соработка со Владата на Република Македонија, Градот Скопје ќе изгради нова фискултурна сала во СУГС „Боро Петрушевски“. Има проект и е почната изградба со сопствени средства, а во соработка со Владата ќе се изгради салата. Рок: 2015-2016 година

 

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето за изградба на нова фискултурна сала во СУГС „Боро Петрушевски“ е делумно исполнето ветување на градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски. Проектот е дел од предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори 2013-2017 година, насловена како „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобро Скопје!“ (стр.33).

Изградбата на фискултурната сала, како што јавија дел од медиумите, стартуваше на 23.02.2016 година.

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, и директорот на АСУЦ „Боро Петрушевски“, Соња Ристовска, денеска присуствуваа на почетокот на градежните работи од првата фаза од проектот за изградба на фискултурна сала во АСУЦ „Боро Петрушевски“. Со овој проект е предвидена изградба на нова фискултурна сала за потребите на АСУЦ „Боро Петрушевски“, која ќе се гради во дворот на средното училиште, јави порталот Скопје инфо.

Информацијата беше пренесена и на официјалната Фејсбук страна на градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.

Задоволен сум што денес ја започнавме изградбата на фискултурната сала за АСУЦ „Боро Петрушевски“. АСУЦ „Боро Петрушевски“ досега немаше фискултурна сала и учениците наставата по физичко воспитување ја остваруваа во повеќе сали надвор од училиштето. Со изградбата на новата фискултурна сала за 930 ученици на ова училиште ќе се подобрат условите за одржување на настава по физичко воспитување, спортување и рекреација. Новата сала ќе има голема спортска сала, пинг-понг сала, мала гимнастичка сала, простор за реквизити, три гардероби, тоалети и просторија за професори.

Според информации на „Вистиномер“, изградбата на салата не е целосно завршена. Како што не информира директорката на училиштето, Соња Ристоска, досега е завршена само првата фаза од изградбата.

Салата е предвидено да се гради во три фази. За секоја фаза планирано е да помине една година, односно салата треба да се пушпти целосно во употреба за три години. Засега е целосно завршена првата фаза, тоа е изградба на објектот и ставање прозорци. Втората фаза, која треба да почне за неколку дена, предвидува внатрешно опремување на објектот со струја, вода и т.н. Во третата фаза предвидено е опремување на салата со потребните спортски реквизити – изјави Ристоска за „Вистиномер“.

На прашањето, до каде е изградбата на фискултурната сала во СУГС „Боро Петрушевски“, сличен одговор добивме и од Град Скопје.

Фискултурната сала во СУГС АСУЦ Боро Петршевски почна со изградба во текот на 2016 година, досега е завршена првата фаза од работите и во целост е завршена градешниот дел од изградбата на карабината и останува да се доврши внатрешното уредување и опремување на просторот. Новата фискултурна сала ќе има приземје со вкупна површина од 1015 квадратни метри, како и кат со вкупна површина од 408 квадратни метри, или вкупната површина на новиот објект ќе изнесува 1423 квадратни метри. Објектот е долг 54,5 метри и широк 19,9 метри, додека висината изнесува 8, 6 метри. Новиот објект ќе има голема спортска сала, пинг-понг сала, мала гимнастичка сала, простор за реквизити, три гардероби, тоалети и просторија за професори.

Имајќи го предвид фактот дека мандатот на градоначалниците  истече на 27 март 2017 година, а  неодамна (01.06.2017)  со измените на Изборниот законик тој е продолжен до 15 октомври 2017  година (кога треба да се одржат локалните избори), како и тоа дека рокот предвиден во  програмата на Трајановски  за изградба на салата е 2016 година, може да се заклучи дека ова негово ветување е делумно исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција