Не е довршена реставрацијата на Саат-кулата во Неготино

Саат-кулата во Неготино Фото: Општина Неготино

 

Проект: Реставрација и ревитализација на Саат-кулата во Неготино.

Со реставрација и ревитализација на Саат-кулата во Неготино ќе се овозможи на уште еден симбол на градот-споменик на културата од османлискиот период да му се врати сјајот. Овој проект ќе биде реализиран со поддршка на централната власт. (Рок на реализација: 2013-2014 година

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Проектот за реставрација и ревитализација на Саат-кулата во Неготино е дел од изборната програма на градоначалникот на Неготино, Ванчо Апостолов, за локалните избори 2013-2017 година. Во споменатата програма насловена како „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра Општина Неготино!“ (стр.47), е  наведено дека овој проект треба да се реализира во периодот  2013 – 2014 година. Но, иако рокот за неговото завршување е поминат, досега (14.06.2017) на крајот на мнадатот на Апостолов, според проверката на „Вистиномер“  ова изборно ветување  е само делумно исполнето.

Градоначалникот Апостолов, во Oтчетот за сработеното во 2013 година даден на 04.02.2014,  најавува дека се прават напори за отпочнување на овој проект.

Правиме напори за обезбедување средства за реставрација и ревитализација на Саат-Кулата во градот, отворање на туристичко биро, како и спроведување на голем број други проекти преку чија реализација ќе придонесеме за подобрување на севкупните услови за живеење на сите граѓани на Општина Неготино.

Но, наместо во 2014 година, како што беше објавено на официјалната страна на Општина Неготино, реализацијата на овој проект почнала во јули 2015 година. Веста за стартот на проектот ја пренесе и Сител телевизија на 25.07.2015 година.

Ќе се обновува саат кулата во Неготино.. почна проектот за конзервација и реставрација на овој значаен споменик на културата од османлискиот период.. во првата фаза ќе се проверува стабилноста на објектот, ќе се спроведат археолошки истражувања во внатрешноста, ќе се уреди и околината..

На 29.07.2015 година, министерката за култура, Елизабета Канческа -Милевска, при посета на археолошкиот локалитет Градиште во Неготино, најавува промоција на реконструираната Саат-кула во 2016 година.

Веќе се започнати интензивни активности за реконструкција на Саат-кулата. Тоа ни е навистина значаен проект. Заедно со градоначалникот планираме целосно да се реконструира Саат-кулата и да се стави во туристичка промоција. Се планира и ентериерно да заврши конзервацијата, да има сувенирница во неа, а горе видиковец кој ќе овозможи поголема туристичка промоција и на градот и на овој значаен споменик на културата – истакна министерката која очекува реконструраната Саат-кула да биде промовирана идната година.

На 14.08.2015 година, телевизија КТВ информира дека продолжуваат активностите за конзервација на Саат кула во Неготино. Според изјавата на директорот на неготинскиот музеј, Ристе Марков, првата фаза од проектот, била планирана да заврши до крајот на 2015 година.

Реализацијата на проектот Конзервација и реконструкција на овој значен културен споменик во Неготино започна пред неполн месец. Спроведувањето на проектот ќе се одвива во неколку фази, а во тек е првата фаза во која можам слободно да кажам дека работите се одвиваат во одлично темпо. Првата фаза од проектот се очекува да трае до крајот на годината кога се планира да бидат завршени сите активности од оваа фаза.

На 25.09.2015 година, како што објави Вечер, почнале археолошките истражувања на просторот кај Саат-кулата.

Проектот за конзервација на Саат кулата во Неготино започна со археолошки истражувања на просторот, со кои треба да се утврди состојбата на темелните партии и евентуалното постоење на културни слоеви или траги на живеење од минатото, информираше денеска директорот на Музејот на град Неготино, Ристе Марков.

На 13.04.2016 година, Неготино инфо информира дека во посета на Неготино биле претставници на Националниот конзерваторски центар (НКЦ).

Двајцата претставници на НКЦ беа примени од градоначалникот на Општина Неготино г-нот Ванчо Апостолов и притоа беа договарени понатамошните чекори за реализација на овој проект. На состанокот беше истакнато дека цели на проектот се промоција и афирмација на културно-историското наследство и создавање на основа за развој на алтернативни форми на културен туризам.

Во Отчетот на градоначалникот Апостолов за 2016 година, никаде не се спомнува дека е завршена реставрацијата на Саат-кулата во Неготино, а таква информација нема ниту на официјалната веб-страница  на Општината. Последна информација во врска со овој проект на веб – страницата на Општината е онаа во која се кажува дека почнала конзервацијата на Саат-кулата во Неготино.

„Вистиномер“ се обрати и до кабинетот на градоначалникот Апостолов, со цел да добиеме информација до каде е реализацијата на овој проект. Одговор добивме од директорот на Музејот, Ристе Марков, кој нè информира дека се завршени сите археолошки и геомеханички истражувања на просторот околу Саат-кулата.

Средствата за овој проект се обезбедени. Сега распишавме тендер за изработка на основен проект за конзервација и реставрација на Саат-кулата. Штом ќе го избереме основниот проект, тој ќе се реализира. Планирано е и партерно уредување на дворното место кое ќе биде на три нивоа, со клупи за седење, патеки и осветлување, а ќе има и продавница, сувенирница, изјави Марков за „Вистиномер“.

Имајќи предвид дека на крајот на мандатот на градоначалникот Апостолов проектот  за реставрација на Саат-кулата во Неготино сè уште не е целосно завршен, ова негово изборно ветување  го оценуваме како делумно исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција