Не е започната изградбата на социјалните станови во Општина Бутел

vmro-dpmne-logo

Изградба на станови за ранливи категории на граѓани.

Во соработка со Владата на Република Македонија ќе го реализираме проектот за изградба на 2 станбени објекта со вкупно 360 станови за ранливи категории на граѓани. (Рок за реализација: 2013-2015 година)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Проектот за изградба на два станбени објекта со вкупно 360 станови за ранливи категории на граѓани е вклучен во програмата на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори во 2013 година во Општина Бутел, каде градоначалник е Петре Латиновски. Проектот се споменува во делот „Социјална заштита“ (страна 40), а планирано е да се реализира во периодот  2013-2015 година.  Ова ветување од програмата на ВМРО-ДПМНЕ и на градоначланикот Латиновски досега (08.02.2017) не е исполнето.

Инаку, иако се работи за проект од програмата на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори во 2013 година, сепак тој е дел од поширокиот проект на Владата на РМ за домување на социјално ранливи групи (ФП 1674).

Со овој проект на Владата на РМ планирана е изградба на 32 објекти со 1741 станбени единици во 26 градови во земјата. Вкупна вредност за реализација на проектот е 50,7 милион евра од кои 25,3 милиони евра се средства од заем од Банката за развој при Советот на Европа, а останатите 50% се средства од Буџетот на Република Македонија.

Според информациите од отчетот на Министерство за транспорт и врски за 2015 година и информациите достапни на веб страната на АД за Изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, досега, (08.02.2017) изградени се 13 станбени згради со вкупно 678 станбени единици. Изградени се станбени објекти во градовите: Скопје, Охрид, Кичево, Македонска Каменица, Кочани, Крива Паланка, Берово, Кавадарци, Битола, Штип, Демир Хисар, Прилеп и Ресен. Во фаза на градба се објектите во Македонски Брод, Кочани и Гостивар.  Планирани објекти за изградба во период 2016-2018 година се во градовите: Пехчево, Виница, Свети Николе, Пробиштип, Струмица, Скопје-Бутел, Скопје-Сарај, Гевгелија, Дебар, Куманово, Неготино. На 19.02.2016 година медиумите пренесоа дека Владата на РМ ја усвоила Програмата за изградба на станови за лица со социјален ризик за 2016 година:

Покрај овие активности во програмата за овој проект е предвидено дека во текот на оваа година ќе се отпочне и со изработка на документација која е потребна за да во следните години се започне со изградба и на поголем број на други згради со станови за лица во социјален ризик во поголем број градови низ државата меѓу кои и во Гевгелија, Скопје, Куманово, Неготино, Тетово, Велес и други градови во државата. (E-вести)

Во Отчетот за реализацијата на програмата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицјата „За подобра Македонија” (стр.90) наведено е дека е завршено проектирањето на 312 станови во Општина Бутел, но не е наведено дека е започната и изградбата на истите.

Ги исконтактиравме Министерство за транспорт и врски и АД за Изградба и стопанисување со станбен и деловен простор како надлежни институции за реализација на проектот. Двете институции нè информираа дека изградбата на станбените објекти во Општина Бутел сè уште не е започната.

Имајќи ги предвид овие информации, како и тоа дека изборната проекција  за изградба на социјални станови  во Општина Бутел е 2013-2015 година, оценуваме дека ова ветување не е исполнето.

ИЗВОРИ

 

Оценето од: Милена Јосифовска


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *