Не екологистите, туку проектите на власта го загрозуваат Охрид- град на УНЕСКО

Фотот: Фејсбук - профил на градоначалникот на Орхид, Никола Бакрачески

Обвинувањата на градоначалникот Бакрачески упатени на адресата на невладините еколошки организации, кои јавно ги критикуваат спорните владини проекти како зафати кои директно ќе го загрозат природното и културното наследство на Охрид, заштитено од УНЕСКО, се неосновани и неточни.

 

 

На својот Фејсбук-профил, во деновите додека траеше посетата на експертите на УНЕСКО на Охрид, градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески упати директно обвинување за екологистите дека работат против интересите на градот:

Се чини дека некои структури се задолжени и од петни жили се борат Охрид да го изгуби статусот на заштитен град на УНЕСКО , многу повеќе отколку што привидно се загрижени за зачувување на природата и културното наследство. Ако беше поинаку, немаше да заборават дека под заштита е поширокиот регион на Охридско Езеро, а не само Охрид. И немаше да заборават дека статусот е добиен 1980 година а не 2014 година. Оние кои добро ја познаваат или се занимаваат со оваа проблематика знаат што значат овие две мои забелешки.

[Извор: Алфа ТВ, 14.04.2017]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Овој ФБ статус на Бакрачески, во кој тој ги обвинува невладините организации, Охрид СОС, Е.Д.Е.Н. и Еко-свест, ангажирани околу спасувањето на природните карактеристики на Охридското езеро, неговиот брег и планината Галичица, дека работат на штета на Охрид како град на УНЕСКО, го оценуваме како невистинит и манипулативен. Тој се појави во јавноста во текот на посетата на претставниците на Центарот за светско наследство на УНЕСКО и експерти од советодавните тела на Центарот, Меѓународниот совет за споменици и места (ИКОМОС) и Меѓународната унија за конзервација на природата (ИУЦН), кои од 9 до 14 април реализираа реактивна мониторинг-мисија во Охридскиот регион.  Нивната мисија беше за утврдување на состојбата во која се наоѓа природното и културното наследство на Охрид и околината кои имаат статус на светско природно и културно наследство заштитено од УНЕСКО.Фокусот на интерес на тимот на УНЕСКО, конкретно, беа идните најавени и планирани проекти на власта во Националниот парк Галичица, како и во заштитеното градско јадро на Охрид, како експресниот автопат, ски-центарот, градежните активности на локалитетот Плаошник, туристичко-развојните зони покрај Охридското езеро и други. Експертите направија увид во спроведените активности на терен, а потоа во извештајот треба да дадат оценка колку се почитуваат нивните препораки за обемот на градежните зафати и нивното влијание врз животната средина и културното наследство.

Екологистите веќе подолго време предупредуваат на прекумерната урбанизација, уништувањето на природните реткости и карактеристики на регионот, какви што се Студенчишкото блато, националниот парк Галичица, посочувајќи дека проектите ќе имат сериозно негативно влијание врз регионот и неговите квалитети заради кои и беше ставен на листата на УНЕСКО. Под нивен притисок, локалните власти во Охрид се откажаа од реализацијата на проектот – марина во Студенчишко блато, со што, барем засега е спасен еден важен дел од еко-системот на Охидското езеро. Еве што од Охрид СОС одговорија (на нивната официјална Фејсбук страница) на ваквите обвинувања од Бакрачески:

Се чини дека градоначалникот (со истечен мандат) на Охрид е задолжен и од петни жили се бори регионот да го изгуби статусот УНЕСКО, многу повеќе отколку што привидно е загрижен за зачувување на природата и културното наследство. Ако беше поинаку, немаше да заборави дека заштитата не ја обезбедува УНЕСКО, туку институциите во земјата во која е прогласениот локалитет. И немаше да заборави дека статусот според официјалните документи на УНЕСКО беше првпат загрозен во 2014, а не во 1980 година. Оние кои добро ја познаваат или се занимаваат со оваа проблематика знаат што значат овие две наши забелешки.

Според нив, мисијата на УНЕСКО била дојдена во Охид да собира информации кои потоа ќе им послужат за изготвување на извештај, врз основ на кој ќе се реши дали регионот ќе биде преместен на Листата на загрозено наследство или не на 41 седница на УНЕСКО во јули 2017 г. во Краков, Полска.

Дека предупредувањата за можно губење на статусот на Охрид како светско културно и природно наследство заштитено од УНЕСКО не се само празни обвинувања и дека Владата на РМ била добро информирана дека претераната урбанизација на Охрид и непочитувањето на препораките на експертите на УНЕСКО можат да резултираат со негово вбројување на листата на локации со загрозен статус, покажува Информацијата на Владата за исходот на 40 сесија на конференцијата на Светското културно наследство на УНЕСКО, одржана во Истанбул во јули минатата година – Одлука за состојбата на природното и културното наследство на охидскиот регион, усвоена на 10-тата седница на Владата на Република Македонија, одржана на 23.02.2016 година. Во неа, меѓу другото, стои следново:

Поаѓајќи од можноста Охридскиот регион како светско природно и културно наследство да биде ставен на листата на Светско наследство во опасност, Националната комисија укажува на потебата од сериозност во пристапувањето и навременото доставување на потребните документи со цел постапување по одредбите согласно Конвенцијата за светско наследство и Оперативното упатство за имплементација на Конвенцијата. Непостапувањето по одлуката на Центарот за светско наследство на УНЕСКО донесена во Истанбул 2016 година би значело како следен чекор впишување на природното и културното наследство на УНЕСКО во опасност.

Во Информацијата стои и дека Македонија е задолжена до 1 фебруари 2017 година да достави извештај до УНЕСКО за статусот на конзервација и за тоа до каде е со постапувањето по препораките на УНЕСКО во врска со спорните проекти поединечно, бидејќи

во случај на потврдување на утврдена или потенцијална опасност за ИУВ (извонредна универзална вредност, н.з.), на можно запишување на доброто на Листата на светско наследство во опасност.

Според ова, властите во Република Македонија, а секако и градоначалникот Бакрачески, се свесни дека вистинската причина за загрозување на статусот на Охрид на листата на УНЕСКО не се активностите на невладините еколошки организации, туку токму интензивната урбанизација и прекумерното интервенирање во природниот и културниот амбиент на Охид со проектите кои ги турка власта. Дека власта е таа што не се грижи доволно за почитување на регулативите на УНЕСКО кога е во прашање заштитата на Охрид и Охридското езеро, за што впрочем последниве години интензивно предупредуваат екологистите, во својата изјава за телевизијата Телма призна и Зоран Павлов од Уравата за заштита на култуното наследство на РМ:

Искрено, не можеме многу да се пофалиме дека многу ги почитуваме регулативите, урбанизацијата и економскиот развој го прават своето, но ние сме тука да го заштитиме и зачуваме природното и културното богатство на охридскиот регион и да го претствиме пред светската јавност.

Од ова произлегува дека обвинувањата на градоначалникот Бакрачески упатени на адресата на невладините еколошки организации, кои јавно ги критикуваат спорните владини проекти како зафати кои директно ќе го загрозат природното и културното наследство на Охрид, заштитено од УНЕСКО, се неосновани и неточни. Поради ова, изјавата на Бакрачески ја оценуваме како невистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Југослава Дуковска