Не постои „амандман на Груевски“ за заштита од продажба на природното богатство на Македонија

Мирка Велиновска гостин на Миленко Неделковски Шоу, Фото: Принтскрин

Не постои законска одредба која го ограничува правото на земање на земја под концесија на странска фирма до 17 см длабочина како што упатува Велиновска. Невистинитоста и нелогичноста на изјавата се поткрепува и со фактот што Владата на РМ има доделено вкупно 378 договори за концесии  на домашни и странски фирми за детални геолошки истражувања и за експлоатација на земјиште.

 

На 27.01.2017, во емисијата „Миленко Неделковски Шоу“ на Алфа ТВ, новинарката Мирка Велиновска ги спореди како блиски политиките на новиот американски претседател Доналд Трамп и Никола Груевски во однос на користењето на националните природни ресурси за раст на домашната економија. Притоа Велиновска посочи дека премиерот Груевски ќе влезе во историјата на македонската држава бидејќи со амандман (без да наведе прецозно на кој закон се однесува амандманот),  ја заштитил Македонија од распродажба на внатрешното богатство, или како што наведе таа „почва со артефакти, длабоки води, минерали, па еве сега како што слушаме и огромни резерви на нафта”. Во овој контекст, Велиновска ја даде следнава изјава:

внатре утробата на земјата да ја продадеш, тогаш стануваш народ без земја… Груевски тоа го спречи со еден амандман дека под концесија може приватник, странец да земе земја македонска, но само во длабочина од 17 сантиметри, само толку и заврши законот. Така што мене ми е јасно зашто тој е непопуларен кај евроатлантската елита. – изјави новинарката Мирка Велиновска 

[Извор:Алфа телевизија , Миленко Неделковски Шоу (43:05 -43:33 минута од видеото)Датум: 27.01.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на новинарката Мирка Велиновска, според која, експремиерот Никола Груевски, преку амандман ограничил странски концесионер да може да земе земја под концесија само до 17 сантиметри длабочина, ја оценуваме како невистинита. 

Доделувањето на концесија на добра од општ интерес на домашен или странски концесионер е регулирано со Законот за концесии и јавно приватно партнерство  (Сл. Весник на Р. Македонија, бр.6 од 13.01.2012 година) како и амандманите на овој закон усвоени на 30.09.2014 (Сл. Весник на РМ, бр.144), 05.03.2015 (Сл. Весник на РМ, бр.33), 24.06.2015 (Сл. Весник на РМ, бр.104) и 7.12.2015 (Сл. Весник на РМ, бр.215). Направивме проверка на одредбите од Законот и соодветните амандмани, и таму нема правна одредба со која се ограничува правото на земање на земја под концесија до 17 см длабочина.

Дополнително ги проверивме и Законот за минерални суровини (Сл. Весник на РМ, бр.136 од 05.11.2012 година) како и амандмантите на овој закон усвоени на 19.02.2013 (Сл. Весник на РМ, бр.25), 03.07.2013 (Сл. Весник на РМ, бр.93), 25.09.2013 (Сл. Весник на РМ, бр.132), 05.03.2014 (Сл. Весник на РМ, бр.44 ), 31.10.2014 (Сл. Весник на РМ, бр.160), 31.07.2015 (Сл. Весник на РМ, бр.129), 05.11.2015 (Сл. Весник на РМ, бр.192), 29.02.2016 (Сл. Весник на РМ, бр.39 ) , 21.03.2016 (Сл. Весник на РМ, бр.53 ) и 29.06.2016 (Сл. Весник на РМ, бр.120). Ниту  во овие законски одредби на наидовме на ограничувањата за располагање со концесија кои ги наведе Велиновска.

Невистинитоста и нелогичноста на изјавата на Велиновска се поткрепува и со фактот што Владата на РМ има доделено вкупно 378 договори за концесии за детални геолошки истражувања и за експлоатација на минерални суровини на домашни и на странски фирми. Во групата на минерални суровини спаѓаат од јаглен, варовник, мермер преку минерална вода и термоминерална вода до песок, бакар и глина кои се експлоатираат на поголема длабочина од 17 сантиметри.

На пример, втора по ред најголема концесиска површина Владата доделила на канадската компанија “Еуромакс Ресоурцес” за рудникот Иловица во општина Босилово кое е наоѓалиште на злато, бакар и сребро и е најголемиот рудник во регионот. Концесијата е доделена за период од 30 години. Друг пример е фирмата “Булмак 2016” ДООЕЛ Скопје која е македонско претставништво на бугарската фирма “Минстрој” и која има добиено концесија за над 10 километри квадратни за локалитетите Злетово, Тораница, Сокол, Бачило и Средно Брдо. Понатаму, за новиот рудник за бакар на локалитетот Казандол, Министерството за економија  потпиша договор за концесија со англиско-украинската компанија “Сарадич МЦ” .

Имајќи предвид дека соодветната законска регулатива не ги содржи одредбите на кои упатува Велиновска и дека постојат веќе доделени бројни концесии на странски фирми за детални геолошки истражувања и експлоатација на минерални суровини, изјавата на Велиновска ја оценуваме како невистинита.

ИЗВОРИ

 

Oценето од: Mилена Јосифовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција