Не се исполнети клучните барања на СДСМ

Милошоски на Дневникот на Сител 19.04.2016, Фото: Скриншот

 

На 19.04.2016 година,  Антонио Милошоски член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, пратеник во Собранието на РМ и поранешен министер за надворешни работи, во интервју на Сител телевизија, зборувајќи за планираната средба на партиските лидери во Виена и одложувањето на изборите од 24 април за 5 јуни,  ја даде следната изјава:

Мислам дека се исполнети сите услови коишто СДСМ ги бараше пред две години. Да имаме нова државна изборна комисија каде што владеачкото мнозинство се откажа од сопственото мнозинство во ДИК, да имаме влада каде претседателот на владеачката партија нема да биде на водечка позиција и тоа го имаме дури и повеќе денови од што беше предвидено. Да имаат министри, заменици, дополнителни министри и тоа го имаат. (1:56 – 2:24 минута од видеото)

[Извор: Сител  (1:56 – 2:24  минута од видеото) Датум: 19.04.2016]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Станува збор за недоследна изјава бидејќи во неа не се споменува клучниот услов за спроведување на фер, слободни и демократски избори, а тоа е целосно прочистен  Избирачки список, како што, впрочем е предвидено со Договорот од Пржино.

Овој Договор беше потпишан од страна на четирите најголеми политички партии во Македонија, а гарантори на неговото спроведување се Европската унија и САД, кои за спроведувањето на Договорот инсистираа на консензуално одлучување за сите прашања. Досега, не се исполнети следните клучни услови опфатени со Договорот од Пржино, неопходни за одржување на фер и демократски избори, кои Милошоски не ги споменува во неговата изјава:

  • Не е прочистен избирачкиот список и покрај тоа што Претседателот на Собранието на РМ потпиша решение за распишување на предвремени парламентарни избори на 5 јуни 2016. Со тоа се доведува до прашање довербата на граѓаните во неговата веродостојност и воопшто кредибилноста на самите избори.

  • Не се превземени конкретни мерки за одвојување на државата од партијата и спречување на притисоците и злоупотребите на јавните ресурси во партиски цели. Досега не се преземени чекори за конкретно истражување на досегашни случаи за злоупотреба на државни ресурси во партиски цели.

  • Континуирани опструкциите и притисоците од страна на државните органи и  владејачките партии врз работата на Специјалното јавно обвинителство.

  • Не се воспоставени функционални механизми за собраниска контрола врз УБК

Она што најмногу го доведе во прашање опстојувањето на Договорот од Пржино, а со тоа и одржување на фер, слободни и демократски избори и кое, исто така, не е споменато во изјавата на Антонио Милошоски е Одлуката на Претседателот Ѓорѓе Иванов да помилува низа политичари кои се осомничени за сторени тешки кривични дела.

Подолу е изјавата на Стејт Департментот на САД од 13.04. 2016 во врска со оваа одлука на Иванов:

Одлуката натамошно ќе го загрози владеењето на правото во Македонија, интегритетот на правосудните институции и кредибилитетот на посветеноста на нејзините лидери кон фундаменталните вредности на НАТО и ЕУ…
…Како пријател на Македонија, САД силно го повикуваат претседателот да Иванов да ја преиспита својата одлука и да му дозволи на Специјалното јавно обвинителство- формирано во рамките на Договорот од Пржино- да ги истражи сериозните наводи за злоупотреби од страна на владата, и да им дозволи на судовите да си ја завршат својата работа“…

Поради аргументите наведени погоре, изјавата на Mилошоски ја оценуваме како  недоследна.

 ИЗВОРИ:

Оценето од: Милена Јосифовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција