Не се изградени ветените седум нови хелиодроми
Ќе изградиме 3 хелиодроми во прва фаза, а уште 4 хелиодроми во втора фаза, наменети за медицински, полициски и воени потреби
[Извор: Изборна програма на СДСМ ( 2016 ) „План за живот во Македонија“, стр. 247, датум: декември 2016]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ветувањето на СДСМ дадено за предвремените парламентарни избори (декември 2016 г.), дека во првите две години по доаѓањето на власт ќе бидат изградени 7 хелиодроми (во прва фаза 3, а уште 4 во втора фаза), наменети за медицински, полициски и воени потреби, досега (23.05.2019), не е исполнето.
Ова изборно ветување на социјалдемократите е посочено на две места во нивната изборна програма: „План за живот во Македонија“. Најнапред на самиот почеток од програмата во делот „Развој на домашните капацитети и пристојна работa“ (стр.77), а потоа и во рамките на „Планот 24м – итни реформски приоритети на новата Влада во првите 2 години“ (стр.247). Што значи, според рокот за реализација наведен во програмата новите седум хелиодроми требаше да бидат изградени најдоцна до крајот на овој месец, со оглед на тоа што Владата предводена од СДСМ беше избрана на 31 мај 2017 година.
Заради проверка на споменатото ветување „Вистиномер“ побара информација од Министерството за Одбрана и од Министерството за внатрешни работи, за тоа колку хелиодроми има во нивна надлежност и дали во изминативе две години е направен нов хелиодром.
Во таа смисла од Министерството за одбрана ни го соопштија следното:
Во надлежност на Министерството за одбрана е хелиодромот кој се наоѓа во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец и овој хелиодром се користи за секојдневно функционирање на Воздухопловната единица на Армијата.
Министерството за одбрана нема изградено други хелиодроми од причини што за тоа немало потреба. Поради разноликоста и обемот на задачи кои ги извршува воздухопловната единица на Армијата, тешко може да се предвиди каде сè ќе има потреба да се слетува со хеликоптер и oд тие причини, воените пилоти редовно вежбаат слетување на познати и непознати локации.
Како места за слетување и полетување на воените хеликоптери вообичаено се користат простори кои ги исполнуваат условите пропишани во „Упатствата за користење на хеликоптерите“. Вообичаено се бара просторот за слетување и полетување да нема физички пречки во одреден радиус (пример 50 m), аголот на закосеност на просторот да не е голем (пример не поголем од 10%) и сл. Вообичаено, овие услови ги исполнуваат уредени фудбалски стадиони, спортски игралишта, простори за паркирање на возила, земјоделски површини и сл.
За свои потреби, на територијата на Република Северна Македонија, Министерството за одбрана има мапирано места за кои е веќе утврдено дека ги исполнуваат потребните услови за слетување на воените хеликоптери и истите редовно се користат при изведување на летачка обука на воените пилоти. (одговор од Министерството за одбрана)
Од Министерство за внатрешни работи ни одговорија дека:
Во надлежност на Министерството за внатрешни работи се два хелиодроми и тоа по еден во двете бази – Идризово и Брест.
За потребите на Министерството пред околу две години направен е хелиодром на кејот на Вардар веднаш до МТВ ( асфалтно проширување на велосипедската патека) и истото е во надлежност на Град Скопје.
Сепак, од МВР не прецизираат кога точно е направен овој хелиодром (асфалтно проширување на велосипедската патека) на кејот на Вардар.
Со пребарување на интернет не може да се најдат информации дека е изграден нов хелиодром, освен што излегува по некоја стара вест во која се спомнува хелиодромот во Клиничкиот центар, или оној во Воената болница (ГОБ „8 Септември).
Одговор за тоа дали се изградени нови хелиодроми побаравме и од Агенцијата за Цивилно воздухопловство(АЦВ), од каде ни беше кажано дека официјално „нема регистрирано ниту еден цивилен хелиодром“.
Инаку, за хелиодромите се говори и во Програмата за работата на Владата ( 2017-2020 г.), во делот „Инфраструктура“ (стр.44), само таму не стои децидно „ќе изградиме“, како што е формулацијата во „План за живот во Македонија“ (247), туку се има малку повнимателен пристап, па е наведено дека ќе се направи анализа за изградба на хелиодроми:
Ќе се направи анализа на услови за основање на редовен македонски авиопревозник, изградба или адаптација на 7 хелиодроми за медицински, полициски и воени потреби, 4 издвоени водени површини за оперирање на хидроавиони за посебни намени.
Па, имајќи ја предвид направената проверка и одговорите кои ги добивме од трите институции: МО, МВР и АЦВ, ветувањето на СДСМ за изградба на седум нови хелиодроми во првите две години од мандатот, го оценуваме како неисполнето.
ИЗВОРИ:
- Изборна програма на СДСМ: План за живот во Македонија (стр.247)[Пристапено: 23.05.2019]
- Влада на Република Македонија: Програма за работа на Влада(стр.44) [Пристапено: 23.08.2018]
- Тајм.мк (19.08.2017): Болницата „8 Септември“ со долг од пет милиони евра [Пристапено: 23.05.2019]
- А1 ОН (19.08.2017): (Видео) Костов: Пет милони евра долг во ГОБ, потребни се нови операциони сали [Пристапено: 23.05.2019]
- Скопје инфо. Мк (19.05.2017):Новиот клинички центар со современ хелиодром за транспорт на пациентите (видео) [Пристапено: 23.05.2019]
- Тајм.мк (25.01.2018): Ќе добие ли Македонија конечно нов Клинички центар? [Пристапено: 23.05.2019]
- Радио Слободна Европа (25.01.2018): Ќе добие ли Македонија конечно нов Клинички центар? [Пристапено: 23.05.2019]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар