Не се оствари ветениот старт на преговори со ЕУ до крајот на 2017 година

За почеток на преговори за членство во ЕУ неопходно е да се прескокне највисоката препрека - спорот со името Фото: Принтскрин МЕТА

Почеток на преговори за членство во ЕУ до крајот на 2017 година;

[Извор: Изборна програма на СДСМ, (2016), „План за живот во Македонија“ (175);]

 

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

За предвремените парламентарни избори кои се одржаа во декември 2016 година  СДСМ вети: Почеток на преговори за членство во ЕУ до крајот на 2017 година“Ова изборно ветување на социјалдемократите, дадено во изборната програма  насловена  „План за живот во Македонија“, во делот „НОВА ЕНЕРГИЈА ЗА ЕВРОПСКИТЕ ИНТЕГРАЦИИ“( стр.175), досега (02.02.2018)  не е исполнето

За волја на вистината, новата Влада предводена од  СДСМ се формираше шест месеци по изборите (беше избрана пред полноќ на 31 мај 2017 година). Но,и доколку тоа се случеше порано (да речеме во јануари – февруари 2017), рокот зададен во изборната програма на социјалдемократите за почеток на преговорите со ЕУ до крајот на 2017, реално гледано е преамбициозен. Ова прашање е врзано со спроведувањето на реформските процеси и со решавањето на спорот со името, што е фактички најголемата препрека која треба да се „прескокне“. Во последните месеци има придвижување во преговарачкиот процес. Двете страни покажуваат значителна подготвеност и заинтересираност, но сѐ уште не е на повидок решение за две и пол деценискиот спор, поради кој Грција го блокира влезот на земјата во меѓународните организации, и неблагодарно е да се даваат прецизни прогнози со оглед на чувствителноста на прашањето.

Инаку, крајот на 2017,  како тајминг за отпочнување на преговори со ЕУ, се споменува и во Програмата на Владата  во делотРепублика Македонија – членка на НАТО и Европската унија“ (стр.12),  само тука се користи малку повнимателна формулација  при што се вели:

Владата на Република Македонија ќе започне сериозна и силна меѓународна активност со цел Македонија да добие можност да започне преговори со ЕУ до крајот на 2017 година.

Но, во изјавите кои лидерот на СДСМ Зоран Заев ги даваше откако стана премиер, како година во која очекува да  стартуваат на преговорите на Македонија со ЕУ тој ја посочува 2018 г.

Така, на пример,  Заев набрзо по изборот на Владата (за време на  посета на Бугарија (21.06.2017), каде што од официјална Софија доби поддршка на патот кон ЕУ),  изјави дека очекува

добивање датум за почеток на преговори за членство на Македонија во ЕУ во 2018 година.

На шести ноември 2017 година на виенскиот економски форум  Заев рече дека очекува до јуни 2018 година Македонија да добие датум за почеток на пристапните преговори со Европската унија.

Стратегијата за ЕУ проширување којашто ќе биде најавена од претседателот Јункер во февруари, 2018 година и Самитот на Западен Балкан во Софија, мај 2018 година се круцијални за осигурување на европската иднина за Македонија. Очекуваме јасен патоказ за пристапниот процес на Македонија. Ниту една од земјите не треба да биде оставена. Прв клучен чекор треба да биде датум за почеток на пристапните преговори до јуни 2018 година врз основа на резултатите што ќе ги постигнеме во реформскиот процес преку спроведување на реформскиот план 3-6-9. Европа е економски и политичка посилна. Сите заедно треба да го искористиме овој нов моментум .

Странските дипломати, исто така,  во изјавите кои ги даваа во изминатиот период влеваат оптимизам дека почетокот на преговорите со ЕУ би можел да се случи оваа година (2018).

На крајот на минатата година (20.12.2017) амбасадорот на Европската Унија во Македонија Самуел Жбогар, кој присуствуваше на отворањето на изложбата „Уште поблиска Унија“ по повод 60 години од потпишувањето на Римскиот договор, изрази надеж дека во 2018 г. може да почнат преговорите со ЕУ.

На 24.12.2017  година амбасадорот на Велика Британија во Македонија, Чарлс Гарет, во  интервју на Радио Слободна Европа, прашан дали е оправдан  оптимизмот на премиерот Заев, Македонија да добие датум за пристапни преговори со ЕУ до јуни 2018 година, вели:

Да апсолутно. Мислам дека имате многу висок рид на кој треба да се искачите за да стигнете таму до средината на наредната година. Има многу што да се направи во планот 3-6-9, како и во заробената држава, секако треба да се адресира и прашањето со името. Ова се работи кои целосно и директно не се под контрола на Владата во Македонија, така што може да направите колку што сакате, но се уште зависите од луѓе да направат работи. Така што престои тешка задача, но е апсолутно правилно да се биде оптимист. Знаете ако не целите високо нема да постигнете големи работи.

Деновиве (30.01.2018) претседателот на Европскиот Парламент Антонио Тајани оцени дека има можност Република Македонија да го реши спорот за името и да ги почне наскоро преговорите за членство во ЕУ.

Поранешна југословенска Република Македонија има постигнато значаен напредок и јас сум оптимист во однос на двете прашањата и спорот за името и за можноста наскоро да ги отвори пристапните преговори, вели Тајани прашан дали оваа е добра година за земјата да го реши спорот и конечно да ги почне преговорите.

Разговорите за името, пак,  добија на динамика особено последниве  два –три месеци. На 24 јануари 2018 година премиерите на Македонија и на Грција,  Зоран Заев и Алексис Ципрас  се сретнаа  во Давос, Швајцарија,  на маргините на Светскиот економски форум.  Медијаторот на ООН Метју Нимиц  деновиве имаше  средби во Атина – со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас и со  Јоргос Кумуцакос,  одговорен за надворешната политика во грчката опозициска партија „Нова демократија“,  а потоа и во Скопје со комплетниот државно-политички врв.

По завршувањето на посетата на  Македонија, Нимиц  порача„Има разлики во ставовите меѓу двете земји, но јас сум оптимист“.

Премиерот Заев, вчера (02.02.2018) во изјава за бугарска „TВ Нова кажа дека очекува до средината на годината  да се реши четврт век долгиот спор со Грција, со што ќе се отвори патот за евроатласнаката инеграција на Македонија.

Во текот на вчерашниот ден, пак,  „Плусинфо“   објави  драфт-верзија на Стратегијата за проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан, според која, „Македонија ќе ги отвори преговорите со ЕУ во 2019 година“

Стратегијата за проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан ќе опфати шест земји  (Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија, БиХ и Косово), а за сите шест 2019 година ќе биде клучна. Новиот бран на проширување ќе биде во 2025-та, но помалку веројатно е дека во тој бран ќе биде и Македонија. Стратегијата според очекувањата, треба да биде презентирана пред Европскиот парламент во Стразбург во вторникот, на 6 февруари.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.