Не се создадени услови за трет мрежен мобилен оператор

Фото: maxpixel.net

 

ВЕТУВАЊЕ: Ќе создадеме услови за трет мобилен оператор, за да ги намалиме цените на услугите и граѓаните да имаат поквалитетни услуги. 

[Извор: Програма на СДСМ за парламентарни избори во 2016 година „План за живот во Македонија“, стр. 212]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

За предвремените парламентарни избори (декември 2016) СДСМ вети дека за шест месеци по изборот на Владата ќе создаде услови за трет мобилен оператор, но ова ветување не го исполни ниту по повеќе од една година од доаѓањето на власт

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на почетокот на годината, односно на 23 февруари (2018) најави дека се прават неопходните чекори за влез на трет мрежен мобилен оператор на пазарот. Тој информира и дека се потребни сет на мерки и измени на неколку подзаконски акти за да се овозможи изнајмување на државната инфраструктура на приватните компании.

Државата не знае што има и потребно е да видиме со каква инфраструктура располагаме за да ја понудиме на потенцијалните инвеститори. Сега постојат законски ограничувања во можноста државната инфраструктура да им се нуди на приватни компании. Исто така има и инфраструктура изградена од приватни компании, која што може да се издава. Целта е, на потенцијалните инвеститори да им претставиме дека, состојбата во државата не е таква каква што е прикажана во законите, туку дека има одредена веќе постоечка инфраструктура која може да се користи. Вака како што е поставено законски, не сме атрактивни за нив бидејќи треба да вложат милионски суми, а повратот може да го направат за 12 години, објасни Манчевски.

Притоа министерот посочи дека процесот ќе трае, сега е на самиот почеток, а според најавите ќе се води централизирано од страна на ИКТ Советот. Прогнозите се дека би завршил за околу две години.

Во меѓувреме ниту во медиумите, ниту на веб-страниците на Министерството за информатичко општество и Агенцијата за електронски комуникации нема објавено информација дека процесот на подготовка на услови за трет мобилен оператор е при крај, ниту пак, е распишан тендер за избор на трет мрежен мобилен оператор.

Според тоа што го изјави министерот на почетокот на годината, дека процесот е на самиот почеток и ќе трае најмалку две години, може да се заклучи дека ова ветување на СДСМ не е исполнето, не само во периодот од шест месеци за колку што даде рок, туку и за повеќе од година од изборот на Владата.

 

ИЗВОРИ:

Оцени: Рада Исовска – Маневска

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.